Ѕвездата на Манчестер Сити и норвешкиот репрезентативец Ерлинг Халанд не ја одржува својата импресивна физичка подготвеност само со напорни тренинзи. Напаѓачот откри дека голем дел од неговиот успех се должи и на строгата исхрана која ја следи секојдневно.
Во документарецот „Haaland: The Big Decision“, фудбалерот ги сподели деталите од својот режим на исхрана, кој вклучува околу 6.000 калории дневно, шест оброци и голем број свежи, минимално обработени намирници.
Халанд целосно избегнува ултрапреработена храна, рафинирани шеќери и класични додатоци како протеински прашоци. Наместо тоа, се потпира на локално произведена храна и природни извори на протеини.
Денот го започнува со појадок составен од домашни јајца, леб од кисело тесто, јогурт и кафе со сурово млеко, засладено со мед или јаворов сируп. Потоа следува оброк со пилешки гради и тестенини, подготвен без додадена сол и индустриски масла.
Пред тренинг најчесто избира риба, како сабјарка, бранцин или комарча, во комбинација со ориз, јајца и зелен зеленчук. По тренингот ја враќа енергијата со сендвич со пршута, бурата сирење, сушени домати и масло од тартуфи.
За главниот оброк Халанд јаде големи порции говедско месо со печен компир и коскена срцевина, а денот го завршува со говедски црн дроб и срце – намирници за кои смета дека се богат извор на железо и витамини од Б групата.
Во документарецот тој покажа вакуумски спакувано говедско срце и црн дроб што ги набавува од локален месар и објасни зошто редовно ги вклучува во својата исхрана.
„Луѓето велат дека месото е лошо за вас, но кое месо? Она што го купувате во Мекдоналдс или месото од крава хранета со трева? Јас јадам срце и црн дроб“, изјави Халанд.
Неговиот режим е прилагоден на екстремните физички напори со кои се соочува професионален фудбалер од највисоко ниво. Комбинацијата од интензивни тренинзи, дисциплина и внимателно избрана исхрана му помага на Халанд да ја одржи силата, брзината и издржливоста потребни за врвни спортски резултати.
…













