Жител на Скопско пријавил дека бил измамен за околу 28.700 евра од лице кое лажно се претставило како службеник во државна институција.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, случајот бил пријавен во Секторот за внатрешни работи – Скопје, а измамата наводно се случила во периодот од 12 ноември 2024 до 12 јануари 2025 година.
Пријавителот раскажал дека во занаетчиски дуќан во Скопје го запознал осомничениот, кој му се претставил како државен службеник. Тој му ветил дека преку свои контакти може да му помогне да го врати претходно запленетиот златен накит, но за услугата побарал финансиски надомест.
Верувајќи му на лицето, мажот му ги предал парите, но подоцна сфатил дека бил измамен.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот и идентификување на сторителот.
…












