Белгиските власти уапсија канадска државјанка осомничена за шпионажа додека работела како практикантка во оперативниот воен штаб на НАТО во Белгија, соопшти белгиското Федерално обвинителство.
Според официјалните информации, станува збор за канадска државјанка со кинеско потекло, која била приведена во петокот. Таа е осомничена дека шпионирала во корист на трета држава, како и дека била член на криминална организација.
Белгиското Федерално обвинителство соопшти дека истрагата за шпионажа била започната откако безбедносните служби на НАТО доставиле информации до белгиското воено разузнавање.
Еден ден пред апсењето, властите извршиле претреси во домот на осомничената, како и на нејзиното работно место во командниот центар на НАТО.
„Осомничена е за шпионирање во корист на трета земја и за членство во криминална организација“, соопшти белгиското обвинителство.
Особено внимание предизвикува фактот што жената работела во Стратешката команда на сојузничките сили во Европа – SHAPE, сместена во белгискиот град Монс, во близина на границата со Франција.
SHAPE претставува еден од клучните воени центри на НАТО. Во него воените претставници ги планираат и командуваат заедничките стратегии, тактики и операции на Алијансата. Во рамките на комплексот се наоѓа и Центарот за сајбер-безбедност на НАТО.
Политичкото седиште на Алијансата, пак, се наоѓа во Брисел, каде амбасадорите на земјите членки разговараат и носат одлуки за прашања поврзани со колективната одбрана и безбедноста.
Белгија и Канада се членки на НАТО, кој брои 32 држави.
Случајот дополнително привлекува внимание поради потеклото на осомничената и долгогодишните тензии меѓу НАТО и Кина. Алијансата уште во 2021 година ја означи Кина како „безбедносен предизвик“, паралелно со заканите што ги идентификува од Русија и од Блискиот Исток.
Лидерите на НАТО во изминатите години ја обвинуваа Кина дека настојува да го поткопа постојниот глобален поредок, дека нетранспарентно ги развива своите воени капацитети и дека спроведува дестабилизирачки кампањи со дезинформации.
Според оценките на Алијансата, амбициите и, како што се наведува, „наметливото однесување“ на Пекинг претставуваат системски предизвик за меѓународниот поредок заснован на правила и за областите важни за безбедноста на НАТО.
Кинеските власти претходно ги отфрлија ваквите оценки, тврдејќи дека развојот на кинеските вооружени сили има одбранбен карактер.
Апсењето се случува во чувствителен период за НАТО, во услови на промени во американската безбедносна улога во Европа и притисоци од американскиот претседател Доналд Трамп европските сојузници да издвојуваат значително повеќе средства за одбрана.
Минатата година, по притисокот од Трамп, 32-те членки на НАТО се согласија инвестициите поврзани со одбраната да достигнат 5 проценти од бруто-домашниот производ – 3,5 проценти за директни одбранбени потреби, како авиони и ракети, и дополнителни 1,5 проценти за инфраструктура, меѓу која патишта, мостови и пристаништа, како и за сајбер-безбедност.
Засега белгиските власти не соопштуваат за која „трета држава“ наводно шпионирала осомничената. Истрагата продолжува, а нејзината вина допрва треба да биде утврдена во судска постапка.












