Во земјава досега се регистрирани вкупно 20 случаи на инфекција со вирусот Западен Нил (WNV), а 16 пациенти се хоспитализирани на Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби.
Од Министерството за здравство информираат дека во текот на оваа недела се евидентирани седум нови случаи на западнонилска треска. Сите новозаболени лица се од Скопје – по два случаи се регистрирани во општините Кисела Вода и Гази Баба, а по еден во Илинден, Бутел и Аеродром.
Новите случаи се кај лица на возраст од 60 до 84 години, кои се хоспитализирани и добиваат соодветен медицински третман.
На Инфективната клиника во моментов се лекуваат 16 пациенти, од кои кај 15 инфекцијата е лабораториски потврдена, додека за еден случај се очекуваат резултатите. Тројца пациенти се во критична состојба и се приклучени на механичка вентилација.
Според надлежните, станува збор главно за повозрасни лица со придружни здравствени состојби, додека останатите пациенти се во стабилна состојба.
Првиот случај на инфекција со вирусот Западен Нил годинава бил пријавен на 15 мај во Велес.
Здравствените власти повторуваат дека најдобра заштита е спречување на убоди од комарци – користење репеленти, заштитни мрежи на прозорците и избегнување престој на отворено во периодите кога комарците се најактивни, во зори и самрак.
Граѓаните се повикуваат редовно да ги отстрануваат застоените води од дворовите и терасите, бидејќи тие се места каде што комарците можат да се размножуваат.
…











