Министерството за внатрешни работи презема мерки по ширењето дезинформации на социјалните мрежи за наводно присуство на бактеријата Escherichia coli во водоводната мрежа во Скопје.
Од Секторот за компјутерски криминал работат на идентификување на профилите преку кои биле објавувани невистинити тврдења. Лицата кои стојат зад спорните објави ќе бидат повикани на информативен разговор, по што, доколку се утврди одговорност, ќе следуваат соодветни поднесоци.
Надлежните институции во меѓувреме категорично демантираат дека скопската вода е загадена. Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓоргиевски, и ЈП „Водовод и канализација“ информираа дека резултатите од анализите покажуваат дека водата е исправна и безбедна за пиење.
Од ЈП „Водовод и канализација“ објавија и резултати од контролните испитувања, според кои во водоводната мрежа не е утврдено присуство на Escherichia coli, ниту на други штетни микроорганизми.
Лажните тврдења во изминатиот период предизвикаа вознемиреност кај дел од граѓаните, поради што МВР започна постапување за утврдување на нивниот извор и начинот на ширење.
Градоначалникот Ѓоргиевски порача дека станува збор за намерно ширење паника и дезинформации и ги повика граѓаните да се информираат исклучиво преку официјалните институции.
По завршувањето на истрагата, МВР најави дека јавноста ќе биде информирана за преземените мерки и евентуалните пријави.
Во зависност од утврдените околности и правната квалификација на дејствијата, ширењето лажни информации со кои се предизвикува паника може да повлече и кривична одговорност.
…












