Шестгодишно дете е тешко повредено во несреќа што се случила вчера на улицата „Киро Ристевски Дрнц“ во Тетово.
Според информациите од СВР Тетово, во 09:50 часот од Ургентниот центар Тетово било пријавено дека кај нив било донесено малолетно дете со повреди и во тешка здравствена состојба. Поради сериозноста на повредите, детето било пренесено во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
По преземените мерки и извршените проверки, било констатирано дека околу 08:30 часот, 42-годишниот В.С. од Тетово, управувајќи патничко возило „фолксваген туарег“ без регистарски ознаки и движејќи се наназад, со задното тркало го прегазил својот шестгодишен син.
На местото на несреќата бил извршен увид од екипа на СВР Тетово.
Од полицијата информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.












