Првачињата во неколку рурални општини во Пелагонија ќе добијат еднократна финансиска помош за почетокот на учебната година, во износ од 7.000 до 10.000 денари, зависно од општината.
Во Општина Новаци, Советот донел одлука за доделување ваучер од 10.000 денари за секое прваче, додека учениците од второ до деветто одделение ќе добијат по 6.000 денари.
„Со оваа мерка сакаме да им помогнеме на родителите полесно да ги обезбедат потребните средства за почетокот на учебната година и да покажеме дека грижата за децата, образованието и поддршката на семејствата остануваат наш приоритет“, изјави градоначалникот Стевче Стевановски.
Во Општина Могила за секое прваче се предвидени 9.000 денари, а дополнително ќе бидат обезбедени и училиштен ранец и прибор во вредност до 1.200 денари.
Во Демир Хисар, пак, сите првоодделенци кои годинава ќе седнат во училишните клупи ќе добијат по 7.000 денари финансиска помош.
Мерките доаѓаат во услови кога руралните пелагониски општини со години се соочуваат со намален број ученици и иселување на младите.
Локалните власти преку финансиската поддршка за најмладите се обидуваат да им го олеснат почетокот на учебната година на семејствата, но и да придонесат кон создавање подобри услови за живот на младите брачни парови и нивно задржување во родните места.
…












