Несекојдневен инцидент се случил во авион на „Американ ерлајнс“ кој летал од Далас кон Њуарк, откако патник од прва класа станал агресивен и физички нападнал неколку лица. Поради неговото однесување, авионот морал принудно да слета во Балтимор, пренесува Си-ен-ен.
Инцидентот се случил во четвртокот вечерта на летот 618. Според сведочењата на патници, мажот најпрво почнал да упатува навреди, а потоа удрил патник кој седел во негова близина. Кога жена се обидела да интервенира, наводно и таа била нападната.
Неколку патници се обиделе да го совладаат агресивниот маж. Во интервенцијата учествувал и пензиониран полицаец од Њу Џерси.
На мажот му биле ставени пластични лисици, но тој продолжил да се спротивставува. Во еден момент, според сведоците, каснал еден од патниците кои се обидувале да го задржат.
Поради тоа, патниците употребиле и селотејп за дополнително да го фиксираат за седиштето. Притоа внимавале да не му ја покријат устата и да не му го отежнат дишењето. Еден од патниците околу 15 минути седел врз него за да спречи повторно да стане, сè до слетувањето.
Авионот бил пренасочен и слетал на меѓународниот аеродром Балтимор/Вашингтон, каде што интервенирала полицијата и го привела мажот. По завршувањето на полициската постапка, авионот продолжил кон крајната дестинација Њуарк.
Од „Американ ерлајнс“ потврдиле дека безбедноста на патниците и екипажот е нивен најголем приоритет и дека не толерираат насилно однесување во авионите.
Податоците на Федералната управа за воздухопловство (ФАА) покажуваат дека годинава во САД се пријавени повеќе од 1.160 случаи на недисциплинирано однесување на патници во авиони. За напади, закани или попречување на работата на екипажот може да следуваат и парични казни кои надминуваат 43.000 долари.
…












