Британскиот милијардер Крис Рокос, основач на хеџ-фондот „Rokos Capital Management“, планира да ја напушти Велика Британија и даночниот резидентски статус да го префрли во Грција, објави „Bloomberg“.
Рокос, чие богатство се проценува на околу четири милијарди долари, во 2025 година наводно платил околу 330 милиони фунти данок во Велика Британија. Со тоа се најде на третото место на листата на најголеми даночни обврзници во земјата, која ја објавува „Sunday Times“.
Како дел од преселбата, милијардерот планира да отвори и канцеларија во Атина. Неговата одлука доаѓа во период кога повеќе богати Британци ја напуштаат земјата, меѓу другото поради промените во даночниот систем и укинувањето на поволниот статус „non-dom“.
Грција во меѓувреме нуди посебен даночен режим за странски богати инвеститори. Според програмата, оние што ќе ги исполнат условите можат да плаќаат фиксен годишен данок од 100.000 евра на приходите остварени во странство, во период до 15 години.
Рокос, кој вообичаено избегнува јавност, оваа година донираше рекордни 190 милиони фунти на Универзитетот во Кембриџ за основање на „Rokos School of Government“. Тој претходно посетувал државно основно училиште, а потоа со стипендија се школувал на „Eton College“ и студирал математика на Оксфорд.
Во последните години и други познати милијардери ја напуштија Велика Британија. Меѓу нив се индискиот наследник Шравин Барти Митал, египетскиот инвеститор Насеф Савирис и банкарот Ричард Гнод, кои како нови престојувалишта избрале земји како Италија и Обединетите Арапски Емирати.
Промените во британскиот даночен систем значително ги намалија поволностите за богатите лица кои живеат во земјата, а владата воведе и правила со кои странските приходи и имотите на долгогодишните резиденти подлежат на пошироко даночно опфаќање.











