Мажот кој беше снимен како фрла вреќи и кутии со отпад во реката Радика е идентификуван и санкциониран, информираат од Општина Дебар.
Случајот привлече внимание во јавноста откако спортското риболовно друштво „Трофта“ објави видео на социјалните мрежи, на кое се гледа како маж со возило застанува на мост и го фрла отпадот директно во реката.
По објавувањето на снимката, општинскиот инспекторат, во координација со други надлежни институции, презел активности за утврдување на идентитетот на сторителот. По спроведените дејствија, лицето било пронајдено и казнето.

Од Општина Дебар најавуваат засилени контроли со цел спречување на ваквите појави и порачаа дека секој кој ќе ја загадува реката Радика, јавните површини и животната средина ќе биде соочен со соодветни законски санкции.












