Македонија започнува активности за воспоставување поусогласен, транспарентен и праведен систем на плати во јавниот сектор, со цел да се намалат разликите во правилата и практиките што во моментов ги применуваат различните институции.
Во Министерството за јавна администрација денеска започна петдневна TAIEX експертска мисија посветена на воспоставување единствен и усогласен систем на плати. Во рамки на мисијата, експерти од грчкото Министерство за национална економија и финансии ќе го презентираат искуството од грчкиот Единствен систем на исплата, кој овозможува централизирано и усогласено управување со исплатите во јавниот сектор.
Мисијата ја отворија министерот за јавна администрација Горан Минчев и вршителката на должноста амбасадор на Република Грција, Христина Василату.

Минчев порача дека една од главните цели е принципот „еднаква плата за еднаква работа“ да стане реално применлив во целиот јавен сектор.
„Нашата цел е јасна, да воспоставиме систем во кој правилата ќе бидат јасни и еднакви за сите, а принципот ‘еднаква плата за еднаква работа’ да биде реално применлив во целиот јавен сектор“, истакна Минчев.
Министерството веќе работи на нова законска рамка за системот на плати, а планот е законското решение да биде заокружено до крајот на 2026 година. Постепеното и систематско спроведување на реформата треба да започне во 2027 година.
Минчев нагласи дека грчкиот модел нема да биде едноставно пресликан во Македонија, туку ќе се анализира неговото функционирање и ќе се прилагоди на домашните услови.
„Сакаме да го разбереме, да го анализираме и врз основа на нашите институционални, законски и финансиски услови да изградиме решение кое ќе биде функционално и применливо за Северна Македонија“, посочи министерот.
Од Министерството велат дека целта на реформата не е само поедноставување на процесите, туку и поголема транспарентност, подобра контрола врз јавните средства и поквалитетни податоци што ќе се користат при креирањето на јавните политики.
Со реформата се очекува да се воспостави систем во кој правилата за платите ќе бидат појасни, одговорностите попрецизно утврдени, а управувањето со јавните средства поефикасно и потранспарентно.
…












