Купувањето стан или куќа во Грција би можело значително да поскапи за купувачите кои доаѓаат од земји надвор од Европската Унија, меѓу кои се и македонските граѓани.
Грчките власти најавуваат зголемување на данокот на пренос на станбени недвижности за купувачи од земји надвор од ЕУ. Стапката, според најавите, би се зголемила од сегашните 3,09 отсто на 15 отсто, а промената би требало да започне да се применува од 1 јули 2027 година.
Тоа би значело значително повисок трошок при купување недвижност.

За стан од 300.000 евра – данок од 45.000 евра
Ако се примени новата стапка, за стан вреден 300.000 евра данокот би изнесувал околу 45.000 евра.
Според сегашната стапка од 3,09 отсто, истиот имот би носел даночен трошок од околу 9.000 евра. Тоа значи дека купувачот би платил околу 36.000 евра повеќе само за данок.
Кај имотите со повисока вредност разликата би била уште поголема. За недвижност од 500.000 евра, данокот според предложената стапка би достигнал 75.000 евра, наспроти околу 15.000 евра според сегашните правила.
Промената би се однесувала на станбени недвижности
Според најавите, повисоката стапка би се однесувала на станбени недвижности што ги купуваат лица од земји надвор од ЕУ.
За деловни простории, продавници, магацини, хотели и градежно земјиште би останала сегашната стапка од 3,09 отсто, независно од потеклото на купувачот.
Мерката е дел од поширок пакет економски мерки што го најави грчкиот премиер Киријакос Мицотакис на Меѓународниот саем во Солун.
Пакетот има вкупна вредност од околу 2,2 милијарди евра, а меѓу мерките е и програма вредна две милијарди евра за субвенционирање станбени кредити.
Најавено е и постепено намалување на трошоците за електрична енергија, како и укинување на годишниот данок на недвижности во малите населени места.
Доколку предложените промени бидат спроведени според најавениот план, од јули 2027 година купувачите од Македонија и другите земји надвор од ЕУ ќе треба да издвојат значително повеќе средства при купување станбен имот во Грција.
…












