Неколку лица се уапсени во Хаг откако протестот во знак на поддршка на поранешните лидери на ОВК прерасна во немири по изрекувањето на првостепените пресуди.
Dutch police beat Albanians in The https://t.co/skvKMchuXd
— 𝕊𝕡𝕣𝕚𝕟𝕥𝕖𝕣 𝕻𝕣𝕖𝕤𝕤 (@SprinterPress) September 16, 2026
Голем број демонстранти се собраа во градскиот парк Малијевелд, каде што ја изразија поддршката за Хашим Тачи, Кадри Весељи, Реџеп Сељими и Јакуп Красниќи.

По објавувањето на пресудите, дел од демонстрантите почнале да фрлаат предмети кон полицијата, а некои се качиле и на полициско возило, објавија холандски медиуми.
Полицијата интервенирала со палки и бибер-спреј, додека биле распоредени и специјални полициски единици за да спречат демонстрантите да се упатат кон други делови на градот. Според извештаите, биле употребени и водени топови.
Немирите следуваа по изрекувањето на првостепените пресуди во процесот против четворицата поранешни високи функционери на ОВК.
Специјализираните совети на Косово ги осудија на вкупно 81 година затвор. Хашим Тачи и Јакуп Красниќи добија по 25 години затвор, Кадри Весељи 18 години, а Реџеп Сељими 13 години.
Судот ги прогласи за виновни за воени злосторства, меѓу кои убиства, тортура, сурово постапување и незаконско или произволно притворање.
Судскиот процес траеше повеќе од три години, а доказната постапка беше затворена во декември 2025 година. Во текот на судењето беа сослушани 134 сведоци.
Пресудите се првостепени, што значи дека страните имаат право да поднесат жалба.
…












