Пристапниот процес на Црна Гора кон Европската Унија се соочува со нови неизвесности, откако пет земји-членки побарале дополнителна анализа пред продолжување со следните чекори.
Според подгоричкиот „Дан“, Холандија побарала пауза во процесот со образложение дека е потребно дополнително да се провери исполнувањето на поставените стандарди. На барањето, според информациите на весникот, се придружиле Хрватска, Естонија, Литванија и Латвија.
Дипломатски извори за „Дан“ наведуваат дека во овој момент не е јасно кога би можело да продолжи затворањето на преговарачките поглавја и кога би била одржана следната Меѓувладина конференција.

Различните ставови меѓу земјите-членки се разгледуваат во рамките на работните тела на ЕУ. За носење одлуки во процесот потребна е согласност од сите земји-членки.
Поради актуелната ситуација, овој месец најверојатно нема да има затворање на нови поглавја на маргините на Советот на ЕУ, иако такво сценарио претходно се очекуваше.
Од друга страна, во европските институции продолжуваат разговорите за обезбедување согласност за дел од поглавјата. Претставник на ЕУ за РТЦГ изјавил дека постои политичка волја за напредок, но дека за дел од техничките прашања се потребни дополнителни консултации во земјите-членки.
Црна Гора досега има затворено 18 од вкупно 33 преговарачки поглавја. Последната Меѓувладина конференција на која беа затворени поглавја се одржа во јули.
Хрватска во моментов има резерви кон затворањето на поглавјето 14, кое се однесува на транспортната политика. Дополнително, одредено време е блокирано и поглавјето 31, поврзано со надворешната, безбедносната и одбранбената политика.
Пред Европската комисија во моментов се наоѓаат девет преговарачки позиции, додека црногорската министерка за европски прашања Маида Горчевиќ најави дека до крајот на годината треба да бидат испратени и позициите за преостанатите пет поглавја.
Според „Дан“, најоптимистичкото сценарио во моментов е следната Меѓувладина конференција да се одржи во средината на октомври во Луксембург.












