Научници открија докази за постоење на огромен супервулкан кој пред околу 454 милиони години се наоѓал на подрачјето на денешна источна Англија.
Трагите се пронајдени во бушотини направени во Линколншир и Норфолк, каде што истражувачите откриле ситни кристали од циркон – минерал кој се формира во магма непосредно пред вулканска ерупција.
Анализите покажале дека кристалите се стари околу 454,4 милиони години, што се совпаѓа со староста на слојот вулкански пепел кој бил предмет на истражувањето.

Токму цирконите им помогнале на научниците да го поврзат огромниот слој пепел со древна вулканска ерупција со исклучителни размери.
Според истражувачите, станувало збор за ерупција со толкава сила што може да се вброи меѓу најголемите вулкански настани во историјата на Земјата.
Изворот на ерупцијата се наоѓал во близина на денешниот Васа, на источниот брег на Англија, каде што некогаш постоел огромен вулкански систем. Денес на површината нема класичен вулкан, но неговите остатоци се зачувани длабоко под земјата.
Британскиот геолошки завод наведува дека за време на исклучително експлозивната ерупција, стотици кубни километри карпи биле исфрлени во стратосферата.
Терминот „супервулкан“ се однесува на вулкански системи кои во минатото имале ерупција со магнитуда 8 на Вулканската експлозивна скала (VEI), највисокото ниво на оваа скала.
За споредба, ерупцијата на Маунт Сент Хеленс во американската сојузна држава Вашингтон во 1980 година била со магнитуда 5 според VEI.
Иако откритието укажува на исклучително моќен вулкански настан, научниците нагласуваат дека нема причина за загриженост. Супервулканот под источна Англија е одамна изгаснат и не се очекува повторно да еруптира.
Денес неговото постоење е видливо само преку геолошките траги, меѓу кои слоевите вулкански пепел и ситните кристали циркон, кои повеќе од 450 милиони години го зачувале записот за еден од најголемите вулкански настани во далечното минато на Земјата.
…












