Американскиот претседател Доналд Трамп оцени дека рускиот претседател Владимир Путин се наоѓа во тешка позиција поради војната во Украина, која, според него, трае многу подолго од очекуваното. Истовремено, Трамп повторно ги истакна добрите лични односи со рускиот лидер.
На прес-конференција во Белата куќа, по враќањето од Кина, Трамп рече дека Путин се соочува со тешкотии поради војна која, како што оцени, требало да трае само еден ден, а веќе трае речиси пет години.
„Путин сега е во тешка позиција затоа што е вклучен во војна која требаше да трае еден ден, а трае пет години“, рече Трамп, додавајќи дека голем број луѓе загинуваат на двете страни.
Руската целосна инвазија врз Украина започна на 24 февруари 2022 година. Оттогаш војната продолжува, а нејзиното завршување останува едно од главните прашања во односите меѓу Вашингтон, Москва, Киев и европските сојузници.
За Путин како пријател: „Имам многу добри односи со него“
Трамп беше прашан и дали го смета Путин за пријател на САД, имајќи ја предвид блиската соработка меѓу Русија и Иран.
Американскиот претседател не даде директен одговор во име на Соединетите Американски Држави, туку нагласи дека лично има добри односи со рускиот претседател.
ВИДЕОТО МОМЕТЕ ДА ГО ПОГЛЕДНЕТЕ ТУКА
„Не можам да зборувам во име на Америка. Го сметам Путин за некој со кого имам многу добри односи“, рече Трамп.
Тој ги истакна и своите односи со кинескиот претседател Си Џинпинг, оценувајќи дека комуникацијата со лидерите на Русија и Кина придонесува за безбедноста на САД.
Изјавите доаѓаат еден ден по средбата на Трамп, Путин и Си во кинескиот град Шенжен, организирана на маргините на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка. Тројцата лидери разговараа за низа меѓународни прашања, меѓу кои и војната во Украина и ситуацијата поврзана со Иран.
За време на средбата во Кина, Трамп повторно говореше за својот однос со рускиот претседател и го нарече Путин „пријател“. Ваквиот настап предизвика реакции кај дел од европските сојузници, кои ја поддржуваат Украина во војната со Русија.
По тристраната средба беше објавена и заедничка декларација посветена на мирот, во која не беа спомнати ниту руската војна во Украина ниту војната меѓу САД и Иран, објави Асошиејтед прес.
…












