Три автомобили биле зафатени од пожар во два одделни инцидента што рано утрово се случиле на улиците „Џон Кенеди“ и „Финска“ во Скопје.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, првиот пожар бил пријавен во СВР Скопје на 20 септември 2026 година, во 03:05 часот.
На улицата „Џон Кенеди“ било опожарено патничко возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, во сопственост на З.И. (54) од Скопје.
Во пожарот нема повредени лица, а огнот бил изгаснат од екипа на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје.
Вториот пожар бил пријавен три часа подоцна, во 06:05 часот, на улицата „Финска“.
Таму било опожарено патничко возило „шевролет каптива“ со кумановски регистарски ознаки, во сопственост на Д.Н. (40) од Куманово.
Огнот од возилото се проширил и зафатил „фолксваген голф 4“ со скопски регистарски ознаки.
И во овој случај нема повредени лица, а пожарот го изгаснала екипа на скопската Бригада за противпожарна заштита.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на двата случаја и утврдување на причините за пожарите.












