Намалената даночна стапка се применуваше од 15 септември, како мерка за ублажување на ценовниот притисок врз граѓаните. Сега Владата треба да одлучи дали повластената стапка ќе продолжи да важи и во наредните две недели.
Во меѓувреме, Регулаторната комисија за енергетика денеска треба да ги утврди максималните цени на горивата што ќе важат во следните седум дена.
Според последната одлука, дизелот се продава по цена од 104,5 денари за литар, додека Еуросупер БС-95 чини 99 денари, а Еуросупер БС-98 – 101 денар за литар.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска минатата недела изјави дека Владата внимателно ја следи состојбата и дека, доколку продолжи растот на цените на горивата, ќе бидат разгледани дополнителни мерки за заштита на стандардот на граѓаните.
Таа посочи дека Владата досега презела повеќе мерки, меѓу кои намалување на акцизата, намалување на ДДВ-то и договор со ОКТА за попуст, но дека при евентуално продолжување на мерката ќе мора да се земат предвид и фискалните импликации.
Заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески, пак, минатата недела изјави дека намалувањето на ДДВ-то од 18 на 10 проценти им овозможува на граѓаните дневно да заштедат до 350 илјади евра.
Одлуката што ќе ја донесе Владата ќе покаже дали намаленото ДДВ за дизелот ќе продолжи да се применува или даночната стапка ќе се врати на 18 проценти.
…












