Вашингтон се заканува со прекин на размената на разузнавачки податоци и блокирање на механизмот за набавка на американско оружје за Украина, доколку Киев не ги запре нападите врз руската енергетска инфраструктура. Ова го објавува „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на европски претставници.
Според нивните сведочења, американски функционери во текот на викендот контактирале со украински и европски колеги, барајќи прекин на нападите врз руските нафтени рафинерии. Белата куќа одбила да ги потврди или коментира овие разговори.
Предупредувањата, според изворите на весникот, го опфатиле и механизмот PURL, преку кој сојузниците купуваат американско оружје за Украина. Со механизмот управува НАТО, а набавките ги финансираат сојузниците, без американски финансиски придонес.

„Тие му се јавуваат на Киев; им се јавуваат на сите во Европа“, изјавил еден функционер за весникот.
Меѓу лицата што потврдиле контакт со американски претставници е и Павло Палиса, воен советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Притисокот се одвива во период кога Доналд Трамп објави дека е постигнато енергетско примирје меѓу Русија и Украина. Зеленски првично изјави дека првпат слуша за таков договор.
Трамп претходно побара Украина да ги запре нападите врз руските рафинерии, поврзувајќи го барањето со договорот за енергетски испораки од Русија. Киев и европските партнери предупредуваат дека олеснувањето на ограничувањата за руската енергетика може да ѝ обезбеди дополнителни приходи на Москва за продолжување на војната.
Наводите за американските закани засега остануваат без потврда од Белата куќа.











