Концертот „Тоше засекогаш – музика што живее“ ќе се одржи на 16 октомври во спортскиот центар „Грипе“ во Сплит, на денот кога се навршуваат 19 години од трагичната смрт на Тоше Проески. Почетокот е закажан за 20 часот.
На сцената ќе настапат Македонскиот симфониски оркестар под диригентство на Владимир Димовски, пејачи од Македонија и гости од регионот.
Најавени се Димитар Андоновски, Стојне Николова, Бојана Скендеровски, Огнен Здравковски, Александар Тасевски и Сеид Алиовски. Од Хрватска ќе учествуваат Антонија Шола, Ивана Ковач и Петар Драгојевиќ, а меѓу гостите се и Бојан Маровиќ од Црна Гора и Илма Карахмет од Босна и Херцеговина.

Програмата ќе опфати познати песни на Проески во оркестарски аранжмани, како и македонски традиционални композиции.
Организаторот Александар Ивановски, Македонец кој живее во Хрватска, за „Вечер“ изјавил дека побарал дозвола од семејството на Тоше и првично добил одобрување. Тој наведува дека авторските права за изведбите се регулирани преку хрватската организација ЗАМП.
Семејството на пејачот, пак, претходно јавно се огради од концертот, со образложение дека не учествува во организацијата и дека не дало официјална согласност.
Тоше Проески загина на 16 октомври 2007 година во сообраќајна несреќа во Хрватска, на 26 години. За дваесетгодишнината од неговата смрт следната година, семејството најавило подготовка на посебен настан во Македонија.
…










