Полицаец бил зафатен од пламен откако за време на протестите во Тирана биле фрлени молотови коктели кон полициските сили. Инцидентот се случил на 24 октомври, во текот на судирите меѓу дел од демонстрантите и полицијата, објавија албанските медиуми.
Според „Албенијан дејли њуз“, настанот се случил во близина на седиштето на Социјалистичката партија. Медиумот пренесува снимка на која полицаецот се обидува да го изгасне огнот, трчајќи и превртувајќи се на земјата.
Неговите колеги веднаш притрчале со противпожарен апарат и му помогнале да ги изгасне пламените.
За инцидентот извести и „Газета Тема“, според која полицаецот бил зафатен од огнот при фрлање молотови коктели во правец на полициските позиции. Во истиот извештај се наведува дека се запалила и јакната на еден млад човек, кој успеал самиот да го изгасне огнот.
Во овие извештаи не се наведени потврдени информации за степенот на повредите на полицаецот, ниту идентитетот на лицето што го фрлило запаливото средство.
Инцидентот е дел од насилните сцени што ги одбележаа саботните антивладини протести во албанската престолнина. Дел од учесниците фрлаа камења и запаливи средства, а полицијата употребуваше солзавец, водени топови и гумени куршуми.
Демонстрантите бараат оставка на премиерот Еди Рама, изразувајќи незадоволство од корупцијата, условите во образованието и невработеноста.
…











