Копретседателката на германската партија Алтернатива за Германија (АфД), Алис Вајдел, во Стразбур претстави план за претворање на Европската Унија во полабава заедница на суверени држави. Доколку не се постигнат суштински промени, партијата предлага германските граѓани на референдум да одлучат за натамошното членство во Унијата.
Стратегискиот документ, насловен „Суверени нации, заедничка Европа“, предвидува значително намалување на овластувањата на европските институции и пренесување на одлучувањето кон националните влади и парламенти.
Според предлогот, би се укинале непосредните избори за Европскиот парламент, а европратениците би ги назначувале националните парламенти.

Европската комисија би добила претежно административна улога и би го изгубила исклучивото право да предлага закони. Главното одлучување би преминало во Европскиот совет, во кој членуваат лидерите на државите, додека Судот на правдата на ЕУ би бил заменет со арбитражен трибунал.
Вајдел оцени дека Унијата повеќе не функционира како заедница на суверени држави и побара националните институции да го преземат процесот на одлучување.
Планот предвидува и големи кратења на европскиот буџет, темелно преуредување на еврото и повлекување од целите за нето-нула емисии. АфД бара и промена на правилата за 2035 година што се однесуваат на продажбата на нови бензински и дизел-автомобили.
Доколку влада предводена од АфД не успее да издејствува „суштински промени“, документот предвидува Германците сами да одлучат по кој пат ќе продолжи државата. Со тоа се остава отворена можноста за референдум за излез од ЕУ, познат како „Дегзит“.
Пристапот претставува промена во тактиката во однос на претходното отворено залагање на АфД за напуштање на Унијата: партијата сега во преден план ги поставува реформите, а излезот го задржува како можна следна опција.
…











