Пратеникот Љупчо Пренџов ја доведе во прашање убедливоста на интерпелацијата за министерката Сања Божиновска, посочувајќи на малиот број пријавени говорници и на неучеството на водечките претставници на опозицијата во расправата.
Обраќајќи му се на пратеникот Бочварски, Пренџов нагласи дека опозицијата има демократско право да поставува прашања и да бара одговорност од владините функционери. Според него, таквите дебати треба да бидат почести за јавноста да има целосна слика за работата на институциите.
Сепак, тој оцени дека сериозноста на една интерпелација се покажува и преку ангажманот на оние што ја поднесуваат.

Пренџов посочи дека за збор не бил пријавен координаторот на пратеничката група на СДСМ, а дека во дебатата не учествуваат ниту пратениците од првиот ред на партијата. Според него, доколку опозицијата е убедена во аргументите, во расправата би се вклучиле значително повеќе пратеници.
Тој оцени и дека изнесените обвинувања не ја утврдуваат конкретната одговорност на Министерството за енергетика.
Осврнувајќи се на цената на електричната енергија, Пренџов тврдеше дека во актуелниот владин мандат нема поскапување, додека во период од две години од претходната власт таа била зголемена за 42,7 проценти.
На крајот побара идните интерпелации да содржат посуштински аргументи и конкретни прашања за работата на функционерите.
„Следен пат кога ќе имате интерпелација таа да биде онака, како што вели народот, со месо“, порача Пренџов.
…











