Кривични пријави против двајца полициски службеници од Прифатниот центар за странци при Регионалниот центар за гранични работи Север поднесе Одделот за внатрешна контрола при МВР.
Полицајката Б.Д. се сомничи за тешка кражба, а нејзиниот колега Б.М., кој бил раководител на смена, за полово вознемирување на привремено задржана жена.
Според пријавата, на 28 септември годинава, за време на посета во Прифатниот центар, полицајката при преглед на чантата на привремено задржано женско лице пронашла и одзела еден златен и еден сребрен прстен, како и 3.000 денари. Парите и накитот ѝ припаѓале на мајката на задржаната жена.
Два дена подоцна, на 30 септември, второпријавениот, додека ги извршувал работните задачи, влегол во собата во која била сместена жената. Според МВР, тој со вербални и физички постапки, како и преку електронски средства за комуникација, изразувал сексуална страст и преземал дејствија што потсетуваат на сексуален однос.
Со тоа, како што наведува МВР, го повредил достоинството на жената, предизвикувајќи ѝ непријатност, навреденост, понижување и страв, искористувајќи ја нејзината подредена положба.
Против двајцата полициски службеници ќе биде поднесен и предлог за поведување постапка за утврдување дисциплинска одговорност, како и за нивно отстранување од работните места, односно суспензија до завршување на дисциплинската постапка.
…












