Патување на Малдиви се претворило во големо разочарување за турист од Србија, кој на Тикток раскажа дека поради лошите услови во сместувањето морал со друштвото да се пресели на друг остров и да направи дополнителни трошоци.
Според неговата објава на профилот „nixymax2“, за сместувањето и авионските билети платиле 2.650 евра, а по промената на островот потрошиле уште околу 1.800 евра.
Друштвото тргнало од Виена, со преседнување во Абу Даби. По околу десет часа патување со авион, следувало уште тричасовно возење со брод до островот на кој имале резервирано сместување.
Туристот ја пофалил бојата на океанот, но тврди дека впечатокот по пристигнувањето бил сосема поинаков.
„Буквално пристигнавме на депонија. Со брод дојдовме на депонија“, изјавил тој во видеото.
Во друга снимка го прикажал локалниот остров на кој престојувале, опишувајќи ги улиците како калливи и нечисти. За сместувањето тврди дека немало основни услови за нормален престој, а во дел од собите имало лебарки и дупки на прозорците.
Нагласил дека однапред знаеле оти одат на локален остров, меѓу населението, а не во луксузно одморалиште. Биле запознаени и со тоа дека таму нема алкохол. Сепак, на агенцијата ѝ забележува за начинот на кој било претставено сместувањето.
По неколку дена самостојно организирале преселба во хотел на друг остров, каде што го поминале остатокот од одморот. Трансферот траел околу два и пол часа.
Според неговите зборови, ноќевањето во новото сместување го плаќале околу 250 евра, а за услугата „ол инклузив“, која вклучувала и пијалаци, доплатиле приближно 480 евра.
Тој им порачал на патниците што очекуваат Малдиви како на рекламните фотографии внимателно да го проверат изборот на остров и сместување. Повторил дека свесно избрале локален остров, но дека не очекувале толку лоши услови.
Името на агенцијата не го открил, наведувајќи дека целта му е да го сподели искуството со други туристи. Неговите тврдења се лично сведоштво објавено на социјалните мрежи.
…












