Од 1 декември матичниот лекар ќе може да одобри боледување само врз основа на својата медицинска проценка до пет дена, наместо досегашните седум. Ако боледувањето треба да продолжи, од шестиот ден ќе се применуваат медицинските критериуми за конкретната дијагноза. Во зависност од заболувањето, тоа може да значи дополнителни испитувања или специјалистички преглед.
Од Фондот за здравствено осигурување појаснуваат дека петтиот ден не е краен рок за боледувањето. Матичниот лекар и натаму ќе може да одобри отсуство до 15 дена, а за подолго боледување ќе одлучува лекарска комисија на Фондот. За дел од дијагнозите, матичниот лекар ќе може да направи проценка и без да го упати пациентот на лабораториски испитувања.
Кај хроничните заболувања ќе може да се користат претходни наоди доколку сè уште важат. За боледување подолго од 60 дена, по правило, ќе се бара заедничко мислење од тројца специјалисти, со исклучоци за одредени тешки заболувања. Предлогот за продолжување по 15-тиот ден матичниот лекар ќе го доставува електронски.
…












