Ана Брнабиќ и поранешниот српски претседател Томислав Николиќ ќе мора да се иселат од државните вили што ги користат во белградската населба Дедиње кога Србија ќе добие нов претседател и нова влада, објави српскиот портал „Нова.рс“, повикувајќи се на извор запознаен со ситуацијата.
„Тие ќе мора да се иселат во моментот кога ќе дојде новиот претседател или претседателка на државата и новата влада“, изјавил изворот за порталот.
Според објавените информации, Брнабиќ живее во вилата на улицата „Александар Караѓорѓевиќ“ број 75, која претходно била резиденција на Јованка Броз. Николиќ, пак, ја користи државната вила на улицата „Ужичка“ број 23.
Вилата во „Ужичка“ му била доделена на Николиќ во ноември 2018 година, по измените на владината уредба за недвижности наменети за репрезентативни потреби на Република Србија.
Внимание привлекуваат и податоците за трошоците за одржување на резиденцијата на поранешниот претседател. Српскиот портал „Инсајдер“ во 2018 година објави дека просечните месечни трошоци изнесувале околу 400.000 динари, односно приближно 3.400 евра.
Српската влада тогаш потврдила дека во износот биле вклучени одржувањето и чистењето на објектот, комуналните услуги и греењето. Станува збор за податоци од 2018 година, а не за тековните трошоци.
…












