Црногорската полиција откри втора локација поврзана со убиството на 56-годишниот Милош Ѓуричковиќ, кој беше убиен во местото Бајице, во близина на Цетиње. На локацијата било пронајдено запалено возило со две пушки оштетени од пожарот, за кои истражителите се сомневаат дека биле користени при убиството.
Според првичните полициски сознанија, во злосторството учествувале најмалку две лица како директни извршители. По нив се трага, а на терен се ангажирани засилени полициски сили.
Од Управата на полицијата соопштија дека возилото не било регистрирано во Црна Гора и не се наоѓало во базите на податоци на тамошните надлежни органи. Поради тоа, истражителите ја проверуваат и можноста случајот да има меѓународна димензија.
Полицијата, во координација со Вишото државно обвинителство во Подгорица, работи на идентификација на осомничените. Се проверува и дали други лица учествувале во подготовката и планирањето на убиството во странство, како и дали им помогнале на извршителите по злосторството.
Блокади, претреси и хеликоптерска потрага
На двете локации се врши детална криминалистичка обработка, а пронајдените предмети и траги се испратени на анализа и вештачење. Во истрагата е вклучена и меѓународна полициска соработка.
Полицијата воспоставила блокади и спроведува контроли и претреси во потрагата по осомничените. Се користат специјализирана опрема и воздушен надзор, а вклучена е и хеликоптерската единица на Војската на Црна Гора.
Ѓуричковиќ беше убиен во Бајице, по што полицијата го блокираше поширокото подрачје и патните правци. Увид на местото извршиле обвинителка од Вишото државно обвинителство во Подгорица, полициски службеници, претставници на Форензичкиот центар и вештаци.
Од полицијата оценуваат дека, според досегашните сознанија, убиството е последица на дејствување на организирани криминални групи.
Медиумите го поврзуваа со кланот Шкалјар
Црногорските медиуми со години го поврзуваа Ѓуричковиќ со криминалниот клан Шкалјар и го опишуваа како наводен водач на неговиот цетински огранок.
Во септември годинава, Вишиот суд во Подгорица го ослободил од обвиненијата во предмет за организирање криминална група и планирана трговија со дрога. Судот оценил дека презентираните докази не ги потврдуваат обвинувањата на Специјалното државно обвинителство.
Неговото име претходно било споменувано и во истрагата за убиството на Шќепан Рогановиќ во Херцег Нови во 2020 година. Тогаш истражителите се сомневале дека му помогнал на сторителот по убиството, што Ѓуричковиќ го оспорил.
Потрагата по осомничените за убиството кај Цетиње продолжува.
…












