Нова поморска тревога кај брегот на Либија. Откако во експлозија во пристаништето во Бенгази беше тешко оштетен руски воен брод, во одвоен инцидент поморски дрон нападнал и трговски брод во близина на градот.
Двајца либиски воени извори за Ројтерс изјавиле дека вториот брод пловел под малтешко знаме и бил цел на беспилотно пловило. Според нив, либиските поморски сили ги спасиле членовите на екипажот.
Локални медиуми објавија дека дрон го погодил трговскиот брод, но засега нема потврдени информации за степенот на оштетувањето и конечната состојба на пловилото.
Се споменува „Аскалон“, но нема потврда
На социјалните мрежи и во објави на истражувачи што користат јавно достапни податоци се појавија тврдења дека нападнатиот брод е „Аскалон“ и дека превезувал воена опрема, меѓу која оклопни и логистички возила.
Овие наводи засега не се независно потврдени. Во извештајот на Ројтерс не се наведуваат името на трговскиот брод, неговиот товар или поврзаност со Русија. Нема потврда ниту за тврдењата дека станува збор за брод од таканаречената руска „флота во сенка“ или дека е уништен.
Претходно експлодираше руски воен брод
Новиот инцидент следува по експлозијата што утрово се случи на руски брод закотвен во воената база во Бенгази. Властите во источна Либија соопштија дека првичната истрага укажува на можен напад со дронови.
Прочитајте и: Силна експлозија го потресе либиското пристаниште Бенгази
Двајца либиски воени претставници за Асошиејтед прес изјавиле дека тешко оштетениот брод е руската ракетна корвета „Меркуриј“. Според нивните првични сознанија, бродот бил погоден од поморски дронови за кои се сомневаат дека се украински. Тие тврдења засега не се независно потврдени.
Според медицински извори на Ројтерс, во инцидентот во пристаништето полесно биле повредени десет лица, меѓу кои руски и либиски државјани. Оваа информација се однесува на првата експлозија, а не на нападот врз трговскиот брод.
Властите во источна Либија го осудија можниот напад врз рускиот брод и најавија истрага. Засега нема потврдена информација кој стои зад двата инцидента и дали тие се меѓусебно поврзани.
…












