Connect with us

Македонија

БОЖИЌ – ПРАЗНИК НА РАДОСТА И НАДЕЖТА

Published

on

Според тоа таа блескава ѕвезда беше ангел Господов, а како што вели Јосиф Вриениј таа беше архангелот Гавриил, кој, впрочем беше служител на големата тајна на вочовечувањето на синот и Логосот Божји“.

Во првите три века не се празнувало раѓањето Христово. Причина за тоа бил христијанскиот поглед на човековиот живот кој не му придавал многу значење на телесното раѓање на човекот туку на неговото духовно раѓање (крштевањето). Поради тоа раѓањето и крштевањето на Исус Христос се празнувало заедно на 6 јануари (19 според новиот календар) Богојавление / Водици, а тоа било ден кога се празнувале повеќе спомени. Подоцна кога човековиот живот почнал повеќе да се цени, се јавила потреба за празнување и на денот на телесното раѓање, а не само на духовното (крштевањето) и на телесната смрт, раѓање за вечен духовен живот. Но и од практични причини се јавила потребата денот на раѓањето на Исус да се празнува одделно од денот на неговото крштевање бидејќи верниците не можеле во исто време да бидат и кај Витлеемската Пештера каде што се празнувало раѓањето и на реката Јордан каде што се празнувало крштевањето.

По одделувањето од Епифанијата споменот на Христовото раѓање е пренесен на 25 декември (7 јануари според новиот календар). Најстар споменик што зборува за Божиќ е беседата на Јован Златоуст одржана во Антиохија во втората половина на IV век. Тој појаснува дека за одредување на овој датум се земени два настана: јавувањето на ангелот на Захарија и Благовештението на Богородица.

Со Божиќ е поврзан и обредот Вертеп, еден би рекле, религиозен театар што е познат кај повеќе народи, а кај нас најдолго се задржал во Охрид. Овој подвижен театар поврзан со Рождеството Христово го играле групи од по десетина деца. Две од нив биле статисти што го носеле Вертепот. Вертепот, пак, било едно сандаче што ја претставувало пештерата во која е роден Исус. Тоа сандаче било покриено со хартија во боја, од едната страна било отворено, внатре било украсено, имало и слама и лелејка, имало направено ликови како Пресвета Богородица, свети Јован Крстител, овци, овчари, поклоници итн.

Меѓу артистите имало и тројца цареви (Ирод, Валтезар и Гашпар) кои говореле одредени текстови претходно научени. Ако во постарите времиња Вертепот бил статички црковен театар што се изведувал во црквите пред верниците, подоцна тој се изведувал по домовите, кафаните и други места каде што во тоа време, односно, околу Божиќ, се собирал народот. Вертепот се ставал на маса или друго поиздигнато место за да го гледаат сите. Најпрвин се испевал тропарот „Родество твоје“, а потоа се изведувала драмата. Потоа присутните го дарувале со пари или плодови. И во домовите се изведувала истата драма со постојани монолози и дијалози особено на тројцата цареви, потоа овчарот и другите учесници во обредот.

Честопати меѓу вертепчиите настанувале жестоки тепачки, поради што се внимавало тие да не се сретнат. Во Охрид е забележан и малку поинаков обред наречен „Со ѕвезда“, кога ѕвезда направена од картон и украсена се ставала на долг стап или се носела во сито каде што имало и икона со Христосовото раѓање итн.

Сличен обред на овој се изведувал и во Струга. Имено, нешто по полноќ на Бадник, до разденување на Божик, групи момчиња изведуваат обред наречен „Ѕвездата Дева“. Тие на овој начин ја соопштувале радосната вест за раѓањето Христово. Обредот го изведувале во куќи каде што имало девојки, приредувајќи на тој начин серенади. Најпрвин правеле куќичка од штици и картони. Во куќичката (кутија) е прикажан амбиентот на пештерата во која е роден Исус. Тука задолжително имало икона со Христовото раѓање и запалена свеќа. Кутијата се поставувала на две долги летви и ја носеле двајца од дружината. Другите со музички инструменти оделе пред куќата на девојката.

Тропале на вратата и го пееле тропарот „Рождество на нашиот Господ Исус Христос“. Серенадите со Ѕвездата Дева се сметале за чест на фамилијата што била удостоена ергените да ѝ пеат на нивната девојка. По завршувањето на серенадата момчињата се почестувале со ракија, чај и др.

Очигледно обредот Вертеп содржи повеќе елементи на фолклорен театар со текст, лица, глума, облека, реквизити, публика итн.

Во народното верување со Божиќ започнува периодот од 12-те денови т.н. Некрстени или Погани, Караконџерови денови, а некои ги викаат и Ристосови денови, што траат до Водици, период исполнет со многу активности на негативните демони, со религиозен страв и разни магиски заштити. Според народното верување од Божик до Водици, кога Исус не бил крстен и Богородица била леунка, разни зли демони како вампири, караконџули, вештици и др. ги изведуваат своите оргии и се обидуваат да му напакостат на човекот. Дури на Водици кога се крштева водата се парализираат и нивните дејствија.

Со Божиќ е поврзана и пословицата: „Пред Божиќ зад Божиќ кај да си, дома да си“ што има двојно значење: за време на големиот празник треба да се биде во кругот на семејството и тука да се слушне и да се прослави радосната вест за раѓањето на Спасителот, но не е на одмет да се потсети дека во најстудениот период од годината исполнет со снежни веавици, но и со други опасности, сепак, најпријатно и најбезбедно е во сопствениот дом.

Обичаите и песните што се изведуват и пеат на Божиќ, всушност, претставуваат продолжение на претходните обичаи и песни поврзани со Бадник. И овие песни ги имаат сите одлики на коледарските песни, радост поради повторното раѓање на Сонцето, желба за плодна година. Сепак, во однос на претходните коледарски песни, особено оние што се пеат покрај коледарскиот оган и во кои доминират еротски содржини, во песните што се пеат на Божиќ има повеќе елементи од Христијанската религија.

Она за што сведочат евангелските текстови во врска со раѓањето на Исус Христос го опева и народната песна. За народниот пејач раѓањето на Исус е проследено со вечна светлина со константен интензитет, оган кој ниту ветерот го сили ниту дождот го гасне.

Она страна оган горит,
ветер веит не го силит,
роса росит, не го гасит.
Не ми било силен оган,
туку била Ристовата
Ристовата мила мајка.
Го стигнала Риста Бога,
Риста Бога малечкаго.
Се шеколкат нешто барат
нема во што да повиет,
да повиет Риста Бога.
Се собрале терзиите,
ми исекле десни поли,
десни поли на долами
го повиле Риста Бога
Се собрале овчарите,
овчарите, козарите
ивцепиле кавалите,
запалиле силен оган,
огрејале Риста Бога.

Во друга песна раѓањето на Исус е опеано како нешто бело на планина што личи на грутка снегова или пиле лебедово.

Што е бело на планина
на планина на рудина,
ал е грутка снегоита,
ал е пиле лебедово?
Ни е грутка снегоита
ни е пиле лебедово,
тук ми била Ристовата
Ристовата мила мајка.
Го извела Риста Бога,
Риста Бога малечкаго
го извела на планина,
на планина на рудина.
Се собрале се овчари
се овчари, се козари,
искршиле кавалите
запалиле силен оган
огреале Риста Бога,
Риста Бога малечкаго.

Тропар
Рождество на нашиот Господ Исус Христос

Раѓањето Твое, Христе Боже наш, го озари светот со светлина на знаењето; во неа, пак, оние што им служеа на ѕвездите од ѕвездата се учеа Тебе да Ти се поклонуваат, Сонце на правдата, и да Те познаат Тебе, исток на висините, Господи, слава Ти.

Кондак, глас трети:

Дева денес Го раѓа Оној што постоел од секогаш и земјата на недостапниот пештера му принесува. Ангелите со пастирите Го прославуваат, а мудреците со ѕвездата патуваат, зашто заради нас се роди Дете младо, Превечниот Бог.

Подготви Марко Китевски за МИА

Македонија

Сиљановска Давкова: Светот е во длабока криза, ова е последен повик нешто да се промени

Published

on

Светот е во длабока криза и ова е последен повик за нешто да биде променето, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето предавање вчера попладне пред академската заедница и студентите на Универзитетот АДА во Баку, за време на нејзината официјална посета на Република Азербејџан, јави известувачот на МИА.

Според претседателката, на 80-годишнината од создавањето на Обединетите Нации, светот се соочува со војната во Украина, закани од нестабилност и со масовни миграции. Таа посочи дека сите носат одговорност за ваквите состојби, со чинење, но и со нечинење.

Сиљановска рече дека го очекуваме почетокот на мировниот процес за Украина и дека не можеме да кажеме дека утре ќе заврши, но дека тој мора да започне што поскоро, бидејќи како што истакна, не постои лош мир, како што не постои ниту добра војна. Потребен е дијалог, наместо монолог во наоѓањето на решенија.

Посочи дека Обединетите Нации треба да имаат примарна улога во изнаоѓањето мировни решенија, како во случајот со војната во Украина, особено во ситуација кога се нудат различни концепти и од страна на ЕУ и од страна на САД, но и кога нема единствена стратегија внатре во Европската Унија.

Но, посочи и на потребата за реформи на светската организација, бидејќи како што рече, 80 години по нивното формирање, не можеме да останеме со нешто што е конструирано во 1945 година.

Според неа, време е за жена генерален-секретар на ОН. Укажа на потребата да биде слушнат гласот и на помалите држави.

Според претседателката, видовме многу лица на глобализацијата, но мора да бидеме свесни дека мултиполарниот свет е тука и постои. Според неа, моќните треба да бидат свесни за останатите и не може да се наметнува апсолутна моќ.

Во предавањето, претседателката ги опфати концептите на политиката, од Аристотел, преку Хана Аренд до Харолд Ласвел. Ги претстави и фрапантните укажувања за важноста на Евроазија и Украина за големите сили во тезите на Халфорд Мекиндер, Николас Спајкмен, Збигњев Бжежински и Хенри Кисинџер.

Ако ме прашувате за кого бијат камбаните, ќе речам за човештвото и за потребата жените да ја преземат својата улога во процесот на носење одлуки, рече претседателката во своето предавање. Светот виден низ женски очи е поинаков, посочи таа.

Посочи дека во македонскиот Парламент, 42% од пратениците се жени, зголемен е бројот на жени во претседателскиот Кабинет. Таа додаде дека нејзиниот аѓутант е жена и дека двете главни позиции во рамки на Агенцијата за разузнавање се водени од жени.

Ги истакна своите заложби за културна дипломатија и потсети на зборовите на македонскиот револуционер Гоце Делчев, кој светот го разбирал како поле за културен натпревар меѓу народите.

Во контекст на односите со земјата домаќин, претседателката Сиљановска-Давкова гледа одлични можности за економска соработка и трговска размена.

– Сите сме свесни за ресурсите на Азербејџан и за нивната присутност на Балканот и во дел од земјите на Европската Унија – рече претседателката и изрази очекување за потпишување на декларација за пријателство и стратешко партнерство меѓу двете држави, што ќе придонесе за конкретизирање на соработката во повеќе сфери од заемен интерес.

На претседателката Сиљановска-Давкова ѝ беше врачен почесен медал од универзитетот АДА, во знак на сеќавање за одржаното предавање.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, која е во официјалната посета на Азербејџан, денеска оствари средба со претседателката на Националното собрание, Сахиба Гафарова, а во текот на денот ќе се сретне и со премиерот, Али Асадов.

Активностите на претседателката во Баку почнаа со тет-а-тет средба со нејзиниот домаќин Илхан Алијев на која беше иницирано потпишување декларација за стратешко партнерство и пријателство со фокус на јакнење на соработката во енергетиката и економијата, како и  укинување на визите за дипломатски и службени пасоши.Преходно вчера Сиљановска Давкова се сретна со колегата од Азербејџан

Continue Reading

Македонија

ПАЛЧО ИМАЛ СПИСОК НА ЛИЦА ЗА КИДНАПИРАЊЕ: На неа се нашле имотни лица

Published

on

На списокот за киднапирање на Љупчо Палевски биле главно имотни лица и бизнисмени. Осомничениот Велибор Манев во судница со име посочи некои од нив. Обвинетите требало да добијат награда од 150.000 евра за својата улога во киднапирањето. 

Како што кажа во судница, требало да киднапираат жена на возраст од околу 40 години, ќерка на фармацевт, а по грешка ја киднапирале 14 годишната Вања Ѓорчевска.Палевски го гонат за двојното убиство на Вања од Скопје и на пензионерот Панче Жежовски од Велес. 

Извор: Faktor.mk

Continue Reading

Македонија

Нови 60 километри патни правци до крајот на месецов, најави премиерот

Published

on

До крајот на месецот се очекува завршување на изградбата на нови 60 километри патишта на три различни локации, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по поставувањето на камен-темелник на граничниот премин „Маркова Нога“ на македонско-грчката граница.

Патиштата се градат и реконструираат на следните правци: Гостивар-Букојчани, Прилеп-Битола и Тетово-Гостивар. Мицкоски истакна дека се решени имотно-правните односи, што овозможува реализација на проектите. Изградбата на овие патишта ќе создаде подобри конекции помеѓу градовите и туристичките места.

„Импресивно е што очекуваме до крајот на месецот да се завршат нови 60 километри патишта на три паралелни локации: Гостивар-Букојчани, Прилеп-Битола и Тетово-Гостивар. Решени се имотно-правните односи, што претходната влада не можеше да го постигне за две или три години, а сега за неколку месеци е завршено. Ова ќе овозможи граѓаните да патуваат на безбеден начин и ќе придонесе за развојот на туристичката сезона, не само во Охрид, туку и во другите туристички дестинации. Туристите ќе имаат побрз пристап до важните туристички места“, изјави премиерот.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2024 Булевар.мк