Category Archives: Религија

Денес се празнува Светиот маченик Андреј Стратилат: Голем маченик за верата Христова

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 19 август. Денеска е Св. маченик Андреј Стратилат.


Беше офицер-трибун во римската војска во времето на царот Максимијан. Роден е во Сирија и таму беше на служба. Кога Персијанците го загрозија со војска римското царување, на Андреј му беше доверена војска во борба против непријателите. Во таа прилика, го произведоа за војвода-стратилат. Бидејќи беше потаен христијанин, иако уште некрстен, Андреј се понадева во живиот Бог и од мнозинството војници ги избра само најдобрите и со нив појде во битка. Пред битката им рече на своите војници дека ако сите Го повикуваат напомош единствениот вистински Бог Господ Исус Христос, нивните непријатели како прав ќе се распрснат пред нив. И навистина, сите војници вдахновени од Андреј и од неговата вера Го повикаа напомош Христа и извршија јуриш. Персиската војска беше наполно сотрена. Кога победоносниот Андреј се врати во Антиохија, некои завидливци го обвинија како христијанин и царскиот намесник го повика на суд. Андреј отворено ја изјави својата непоколеблива вера во Христа. По тешки измачувања намесникот го фрли во затвор и му пиша на царот во Рим. Знаејќи го угледот што го имаше Андреј кај народот и кај војската, царот му нареди на намесникот да го пушти на слобода, но да демне друга прилика и друга причина за да го убие. Во откровение од Бога Андреј дозна за таа царска наредба, па ги зеде со себе сите свои верни војници, две илјади петстотини деведесет и тројца на број, отиде со нив во Тарс Киликиски и таму ги крсти сите епископот Петар. И овде прогонуван од царските власти, со својата дружина Андреј се повлече далеку во ерменската планина Таврос. Овде во еден теснец, додека сите беа на молитва, пристигна римска војска и ги закла сите до еден. Никој од нив не сакаше да се брани, а сите беа желни за маченичка смрт за Христа. На тоа место каде се излеа потокот од маченичка крв, изби извор со лековита вода, којашто исцелуваше од секакви болести. Епископот Петар дојде потајно со свои луѓе и чесно ги погреба телата на мачениците на она место. Сите чесно пострадаа и стекнаа венци на бесмртна слава во царството на Господ Христос.


Светите маченици Тимотеј, Агапиј и Текла
Пострадаа за Христа во времето на злиот цар Диоклецијан. Тимотеј беше изгорен на оган, а Агапиј и Текла ги фрлија пред ѕверови.


Преподобен Теофан
Роден е во Јанина и како момче остави сè и отиде на Света Гора каде се замонаши во Дохијарската обител. Им беше пример на монасите во постот, молитвата, себелишувањето од излишни нешта. Затоа, по некое време беше избран и за игумен. Но, подоцна заради некои несогласувања со монасите ја напушти Света Гора и со својот внук од сестра дојде во Верија Македонска, каде основа еден манастир во чест на Пресвета Богородица. Кога манастирот процвета со духовен живот, тој го остави својот внук да управува со него, а самиот отиде во Наус, каде основа друг манастир во чест на Светите Ангели. Мирно се упокои во 4. век. Неговите чудотворни мошти и сега лежат во Наус и низ нив во изобилност се пројавува Божествената сила.

Денеска Успение на Пресвета Богородица: Сè верува дека избавува од неправда, несреќа и тага

Македонската православна црква и нејзините верници денеска, 28 август, го слават празникот Успение на Пресвета Богородица, еден од најголемите христијански празници посветени на Богородица, која во народот е позната како Голема Богородица. Ова е значаен христијански празник, не само кај православните, туку и кај католиците и протестантите, посветен на смртта на Марија, мајката на Исус Христос.

Празникот ја одбележува земната смрт на Богородица и, според Евангелието, тоа е денот кога таа се вознесе на небото и го предаде својот дух во рацете на Спасителот.

Во исто време денеска завршува постот кој започна на 14 август, а верниците одат на причест во црква.

Преданието вели дека Богородица живеела 60 години, според некои извори 72, дека го надживеала својот син и како сведок на многу познати настани ја продолжила неговата мисија.

Во Светото Писмо нема информации за крајот на земниот живот на Богородица. Според преданието и списите, кои немаат свет карактер, се верува дека Богородица живеела во Ерусалим до крајот на својот живот, по смртта и воскресението Христово, опкружена со вниманието на апостолите и првата христијанска заедница.

Сите обичаи во врска со празниците посветени на Мајката Божја се засноваат на почитување на нејзиниот култ, во кој се вклопени верувања и ритуали од народната религија.

Деновите меѓу Голема и Мала Богородица се сметаат за најдобро време за берење лековити билки кои се користат за лекување на разни болести.

Се верува дека билките и тревите собрани на Голема Богоридица имаат исклучително лековити својства. Се берат боровинки и лековити билки, а се верува дека ќе донесат здравје и благосостојба за сите во домот.

Сите обичаи за овој ден се поврзани со водата и босилекот, за кој се верува дека е божјо растение. Затоа, според народното верување, денес во садот треба да ставите малку босилек и да го послужите на семејството. Се верува дека на тој начин Света Богородица штити од злото.

Се верува дека Богородица посебно ја разбира душата на секоја жена, ја разбира нејзината мисла, болка, страдање, желба. Затоа жените и се молат за заштита, среќа, здравје и внатрешен мир.

Празникот Успение на Пресвета Богородица е еден од дванаесетте најголеми христијански празници, посветен на денот кога таа се преселила на небото. Богородица се смета за заштитник на сите христијани и на градот Скопје

Денеска е спомен на Светиот маченик Евсигниј – Праведлив и за нечесните

Според православниот календар денеска се одбележува празникот посветен на Светиот маченик Евсигниј.
Беше војник кај царот Максимијан, кај царот Константин Велики и кај неговите синови. Присуствуваше на мачењето на Светиот маченик Василиск (22 мај) кога виде множество од ангели и Самиот Господ Исус како од ангелите ја прима душата на овој Свет маченик. Војуваше за царот Константин и го виде крстот што му се јави на царот. Откако ислужи во војска цели шеесет години, за време на царувањето на Константиновите синови се повлече од воената служба и се насели во Антиохија, која му беше роден град. Овде животот го минуваше богоугодно, во пост, молитва и добри дела. Во времето на Јулијан Отстапник двајца скарани луѓе на улица го зедоа него за судија. Тој му пресуди правда на правиот, заради што кривиот се налути, отиде кај царот и го обвини Евсигниј како христијанин. Царот го повика на суд, но тој го изобличи царот за страшното отстапништво од верата и го укори со светлиот пример на великиот Константин. Огорчен, Јулијан нареди и му ја отсекоа главата. Свети Евсигниј пострада и се пресели во Небесното Царство во длабока старост, во 362 година.


Свештеномачениници Анфир и Фавиј (Фавијан), папи Римски
Родум римјанин. Фавијан најпрво беше селски свештеник, а потоа, кога при изборот на папа врз него слезе бел гулаб, беше избран тој. Беше кроток и незлоблив. Со голема усрдност ги собираше телата на Светите маченици, чесно ги погребуваше и на нивните гробови подигаше храмови. Подигаше и молитвеници и параклиси по пештерите во коишто се криеја мачениците за време на гонењата. Го крсти царот Филип и неговиот син принцот Филип и со помош на крстениот сенатор Понтиј разурна многу идоли и идолски храмови. Но кога се зацари суровиот Декиј, настана страшно гонење на христијаните, во коешто пострада и Свети Фавиј, обезглавен со меч во 250 година. Свети Фавиј востанови мирото да се осветува на Велики Четврток.


Светиот маченик Понтиј Римјанин
Сенатор, син на сенаторот Марко и неговата жена Јулија. Јулија беше бездетна и зачна дури после дваесет и две години брачен живот, кога го роди Понтиј. Крстен од папата Понтијан заедно со својот другар Валериј (писателот на неговото житие), тој успеа да го приведе во верата својот татко Марко и царот Филип со синот и мнозина други угледни римјани. Како сенатор многу ја штитеше и ја помагаше Црквата и му беше голем пријател на папата Фавиј. Кога настана Декиевото гонење, Понтиј побегна од Рим и се сокри под Алпските Планини. Но во времето на Валеријан и Галиен беше фатен и подложен на страшни маки, при што се пројавија многубројни Божји чуда и мнозина се обратија кон Христа. Овде се најдоа и голем број Чивути што му викаа на судијата: „Убиј го, убиј го тој маѓепсник!“ На тоа Свети Понтиј ги воздигна рацете кон небото и рече: „Ти, благодарам, Боже мој, што и Чивутите викаат против мене како и некогаш нивните татковци против Христа: распни го, распни!“ Го убија со меч во 257 година и го погребаа до неговиот пријател Валериј.


Праведна Нона, мајката на свети Григориј Богослов
Мајката на Св. Григориј Богослов. Како христијанка имаше силна и чудотворна молитва. Така со својата молитва кон Бога таа го обрати својот маж од незнабожечката глупост во христијанската вера. Нејзиниот маж Григориј подоцна беше епископ во градот Назијанз. Света Нона своевремено со молитва го спаси и нејзиниот син Св. Григориј Богослов од бура. Се престави мирно како ѓакониса во 374 година.

Откривање и пренос на моштите на Светиот првомаченик и архиѓакон Стефан

Кога злите Евреи го убија со камења свети Стефан, го оставија неговото тело да го изедат кучињата. Но, Промислата Божја сакаше поинаку. Телото на маченикот лежеше на отворено место под градот два дена и две ноќи, а втората ноќ дојде Гамaлиил, учителот на Павле, а потаен ученик на Христа, го зеде телото, го однесе на својот имот во Кафаргамала и овде во една пештера го погреба чесно.

Во истата пештера Гамалиил го погреба и својот пријател Никодим, кој плачејќи над Стефановиот гроб умре. Овде Гамлиил го погреба и својот крстен син Авив. И според заветот што го остави, и самиот Гамалиил беше овде погребан. Оттогаш поминаа векови и никој од живите не знаеше каде е погребано телото на свети Стефан. Во 415 година, во времето на јерусалимскиот патријарх Јован, му се јави Гамaлиил трипати на свештеникот кафаргамалски Лукијан и подробно му раскажа сè за погребот на оние што ги спомнавме, покажувајќи го точното место на нивните заборавени гробови.

Возбуден од овој сон, Лукијан му јави на патријархот и штом зеде благослов поведе луѓе и појдоа да ги откопаат четирите гроба. Пештерата се преисполни со силно благоухание од светителските коски. Тогаш моштите на свети Стефан ги пренесоа свечено на Сион и таму ги погребаа чесно, а моштите на другите ги изнесоа на еден рид над пештерата и овде ги положија во една црква. Од моштите на свети Стефан тој ден се извршија многу исцеленија на болни. Подоцна тие мошти беа пренесени во Цариград. Така Господ го овенча со голема слава оној кој прв ја пролеа својата крв за Неговото име.

Денеска се празнува Изнесувањето на Чесниот Крст

Овој празник е востановен договорно од Грците и Русите за време на грчкиот цар Мануил и рускиот кнез Андреј во спомен на истовремената победа, и тоа: на Русите над Бугарите, а на Грците над Сарацените. Во обете војни во војските беа носени крстови од кои заблескаа небесни лачи.

Затоа беше востановено на 1 август да се изнесува Крстот од Света Софија, најпрво на средината на црквата, а потоа и на улиците, заради поклонение на народот и заради споменот на чудотворната помош на крстот во претходните војни.

Ова не беше некој обичен крст туку вистинскиот Чесен Крст, којшто се чуваше во храмот на царскиот дворец.

На 31 јули Чесниот Крст бешее пренесуван од царскиот дворец во Света Софија, а оттаму потоа носен по улиците заради осветување на земјата и воздухот. Најпосле, на 14 август, беше повторно враќан во храмот на царскиот дворец.

Денеска е Свети Евдоким од Кападокија – „Среде метежот и суетата на светот, како крин меѓу трње и како злато насред оган”

Роден е во Кападокија од благочестиви родители, Василиј и Евдокија. Во времето на царот Теофил (829–842) Евдоким беше млад офицер во војската. Но, и како војник вложуваше секаков напор за да живее според евангелските заповеди.

Непорочно ја чуваше својата чистота и одбегнуваше дури и да зборува со која и да е жена освен со мајка си; беше милосрден кон бедните, грижлив во читањето свештени книги и уште погрижлив во молитвите кон Бога.

Одбегнуваше суетни забави и празнословие. Беше „Среде метежот и суетата на светот, како крин меѓу трње и како злато насред оган“. Заради неговите необични добродетели царот го постави за војвода кападокиски. На таа висока положба Евдоким се грижеше да биде праведен пред Бога и кон луѓето. Но, по Божја Промисла се упокои рано, во својата триесет и трета година.

Неговите мошти се пројавија како целебни. Еден полуден човек се допре до неговиот гроб и оздраве, а и едно фатено дете се крена и стана здраво. По осумнаесет месеци неговата мајка го отвори ковчегот и го најде неговото тело како живо, без било каков знак на распаѓање.

А од телото на светителот излегуваше прекрасен мирис. Подоцна моштите му ги пренесоа во Цариград и ги погребаа во новата црква на Пресвета Богородица, усторена од благочестивите родителите на овој праведен Евдоким.

ЗА МНОГУ ГОДИНИ СВ.ПАНТЕЛЕЈМОН – лекува од секакви болести, а една работа доколку направите денеска особено ќе имате благослов!

Свети Пантелејмон се родил во Никомедија од татко незнабожец, Евсторгиј, и мајка христијанка, Евула. Во младоста ја изучи лекарската вештина. Подоцна поверува во Христа и се крсти. Господ му имаше дадено голема благодат да лечи од секакви болести, не само користејќи ја лекарската вештина, туку и со силна молитва. Така излечи и еден слепец од кого сите лекари веќе беа дигнале раце. А тоа ги побуди истиве, поради нивната завист, да го обвинат пред властите како христијанин.

Свети Пантелејмон беше ставен на маки, а откако стана јасно дека ништо не може да го поколеба во верата во преслаткиот Господ го испратија на губилиште, под некое маслиново дрво. Тој клекна на колена, се помоли на Бога, а потоа му беше отсечена главата. Пострада во 304 година. Чудотворец во текот на животот, тој продолжи да исцелува и преку неговите свети мошти кои се зачуваа.

Доколку планирате да започнете некаков бизнис, утре е вистинскиот ден за тоа. Се верува дека секое работење на Свети Пантелејмон е благословено и ќе ве направи успешни.

Исто така, доколку сте планирале патување, тргнете токму на овој ден.

Свети Пантелејмон бил голем патник, а денес е заштитник на сите оние на кои улицата им е втор дом.

Доколку на овој ден во црква се сретнат две непознати лица кои денешниот ден го слават како куќна слава, веднаш треба да си честитаат и прегрнат, бидејќи се верува дека се роднини.

Денеска се одбележува споменот на СВЕТАТА МАЧЕНИЧКА ПЕТКА

 Родена е во Рим од родители христијани. Од детството научена на верата во Христа. Најусрдно ревнуваше да ги извршува сите Божји заповеди.

Со сведоштвото на нејзиниот вистински благочестив живот и вера ги упатуваше на патот на спасението и другите. Кога и умреа родителите, го раздаде имотот на сиромасите, а самата се замонаши. Како монахиња со уште поголем жар и ревност ја проповедаше верата во Христа не криејќи ја од никого, иако во тоа време римските власти крваво ја гонеа христијанската вера. Први коишто за проповедање на забранетата вера ја обвинија света Параскева беа некои зли Евреи. Ја изведоа на суд пред царот Антонин.

Сите ласкања на царот не помогнаа ни најмалку да ја поколебаат Божјата слугинка во вистинитата вера. Тогаш ја подложија на огнени маки и ѝ ставија усвитен шлем на главата. Но, Господ чудесно ја спаси и таа се избави и се оддалечи од Рим. Тргна од град во град да го обраќа тогашниот незнабожечки народ кон христијанското благочестие. Уште во два града беше изведувана пред кнезови и судии и измачувана заради Господа, но притоа вршеше големи чуда со силата Божја и брзо се опоравуваше од маките. Како и секогаш, незнабожците нејзините чуда им ги припишуваа на магиите, а нејзиното опоравување на силата и милоста на нивните богови.

Еднаш на кнезот мачител светата Параскева му рече: „Не ме исцелија твоите богови кнезу, туку мојот Христос, вистинскиот Бог“. Најпосле некој кнез Тарасиј ја уби со меч. Таков беше славниот крај на многуплодниот живот на оваа светителка. Нејзините мошти подоцна беа пренесени во Цариград.

Чесно пострада за Христа во вториот век.

Денеска се празнува Светата маченичка Христина

Родум од градот Тир, ќерка на царскиот намесник Урбан, идолопоклоничка. Не се знае од кои причини родителите и го имаа дадено името Христина, но тоа ја криеше во себе тајната на нејзиното идно одење по Христа.

До својата единаесетта година не знаеше за Христа ништо. А кога наполни единаесет години, нејзиниот татко, со цел до полната возраст да ја скрие од светот заради нејзината вонредна убавина, ѝ го одреди највисокиот кат од една висока кула и ја всели да живее таму. И ги устрои сите удобности за живот, и даде робинки да ја служат, постави во нејзините одаи сребрени и златни идоли за да им принесува жртви секојдневно. Но, на таа млада душа и беше тегобно во онаа идолопоклоничка средина.


Гледајќи ги низ прозорецот дење сонцето и сите убавини на светот, а ноќе чудесното блескање на ѕвездите, таа по својот природен разум дојде до цврстата вера во едниот жив Бог. Милостивиот Бог, Кој го виде нејзиниот копнеж по вистината, ѝ испрати ангел кој ја прекрсти со крсниот знак, ја нарече невеста Христова и наполно ја поучи во богопознанието. Тогаш Христина ги искрши сите идоли по нејзините одаи и така предизвика ѕверска лутина кај татко ѝ.

Тој ја изведе на суд, ја предаде на маки, а потоа ја фрли во затвор, со намера утредента да ја убие со меч. Но, таа ноќ Урбан здрав како дрен ја испушти душата и отиде во гроб пред ќерка му. Потоа двајцата намесници Дион и Јулијан го продолжија измачувањето на светата девица. Храброста во трпењето и чудата што ги изврши Христина со силата Божја обратија мнозина тирски незнабожци во христијанство. За време на нејзиното мачење Дион одеднаш падна мртов среде народот. Неговиот наследник Јулијан ѝ ги отсече градите и јазикот.

Денес се слават Светите маченици Трофим и Теофил и уште тринаесетмина со нив: Силата Божја ги зачува неповредени од огнот!

Светите маченици Трофим и Теофил и уште тринаесетмина со нив
Пострадаа во Ликија во времето на царот Диоклецијан. Бидејќи никако не сакаа да се одречат од Христа ниту да им принесуваат жртви на идолите, беа ставени на разновидни маки: ги тепаа со камења, ги стружеа со остро железо, им ги прекршија колената и најпосле толку измачени и повеќе мртви отколку живи ги фрлија во оган. Силата Божја ги зачува неповредени од огнот. Тогаш ги извадија и ги убија со меч. Но Господ ги прослави и на земјата и во Своето небесно царство. Чесно пострадаа во Ликија во 308 година.


Светиот свештеномаченик Аполинариј, епископ Равенски
Ученик на Светиот апостол Петар, родум од градот Антиохија. Свети Петар го зеде со себе од Антиохија во Рим и во Рим го ракоположи за епископ на Равена. Кога дојде во овој град, Аполинариј влезе во домот на некој војник Иринеј, на когошто му го исцели синот од слепило и со тоа целиот тој дом го обрати кон вера во Христа. Исто така ја исцели од некоја мака и жената на равенскиот военоначалник, па го крсти и неговиот дом. Според желбата на овој военоначалник Аполинариј остана да пребива во неговиот дом. Тука направи и една домашна црква. И престојуваше во тој дом дванаесет години, проповедајќи го Евангелието и крштевајќи неверни. Во повеќе наврати беше луто мачен од незнабожечките старешини, но сесилната Божја десница го поддржуваше и го спасуваше. Најпосле беше осуден на прогонство во Илирик (на Блаканот). Коработ со којшто патуваа се разби од буре и потона, а од сите патници се спаси само Аполинариј со двајцата војници и со своите клирици. Бидејќи чудесно спасени, војниците поверуваа во силата на Аполинариевиот Бог и се крстија.

Тогаш Аполинариј тргна да го проповеда Евангелието по целиот Балкан, спуштајќи се до Дунав. Потоа се упати во Тракија, каде што под истиот голем притисок го ширеше Господовото Евангелие. После три години работа на Балканот беше протеран назад во Италија. Тој дојде во Равена, каде што верните необично му се израдуваа. Кога слушнаа за ова, незнабожните старешини му пишаа на царот Веспазијан за Аполинариј како за маѓесник, па го прашаа дали да го предадат на смрт непријателот на нивните богови. На тоа царот одговори дека не треба да го убиваат, туку само да му побараат да им принесе жртва на нивните богови или да го протераат од градот, зашто вели: „Не прилега да му се одмаздуваме некому за боговите, бидејќи тие самите можат да им се одмаздат на своите непријатели ако се прогневат.“ Но и покрај оваа царска наредба незнабожците удрија на Аполинариј и го избодија со ножеви. Овој Божји слуга издивна од тешки рани, коишто го прославија во Царството Божјо. Моштите на Свети Аполинариј почиваат во Равена, во црквата што му е посветена.