Connect with us

Религија

Денес се слават Светите маченици Трофим и Теофил и уште тринаесетмина со нив: Силата Божја ги зачува неповредени од огнот!

Published

on

Светите маченици Трофим и Теофил и уште тринаесетмина со нив
Пострадаа во Ликија во времето на царот Диоклецијан. Бидејќи никако не сакаа да се одречат од Христа ниту да им принесуваат жртви на идолите, беа ставени на разновидни маки: ги тепаа со камења, ги стружеа со остро железо, им ги прекршија колената и најпосле толку измачени и повеќе мртви отколку живи ги фрлија во оган. Силата Божја ги зачува неповредени од огнот. Тогаш ги извадија и ги убија со меч. Но Господ ги прослави и на земјата и во Своето небесно царство. Чесно пострадаа во Ликија во 308 година.


Светиот свештеномаченик Аполинариј, епископ Равенски
Ученик на Светиот апостол Петар, родум од градот Антиохија. Свети Петар го зеде со себе од Антиохија во Рим и во Рим го ракоположи за епископ на Равена. Кога дојде во овој град, Аполинариј влезе во домот на некој војник Иринеј, на когошто му го исцели синот од слепило и со тоа целиот тој дом го обрати кон вера во Христа. Исто така ја исцели од некоја мака и жената на равенскиот военоначалник, па го крсти и неговиот дом. Според желбата на овој военоначалник Аполинариј остана да пребива во неговиот дом. Тука направи и една домашна црква. И престојуваше во тој дом дванаесет години, проповедајќи го Евангелието и крштевајќи неверни. Во повеќе наврати беше луто мачен од незнабожечките старешини, но сесилната Божја десница го поддржуваше и го спасуваше. Најпосле беше осуден на прогонство во Илирик (на Блаканот). Коработ со којшто патуваа се разби од буре и потона, а од сите патници се спаси само Аполинариј со двајцата војници и со своите клирици. Бидејќи чудесно спасени, војниците поверуваа во силата на Аполинариевиот Бог и се крстија.

Тогаш Аполинариј тргна да го проповеда Евангелието по целиот Балкан, спуштајќи се до Дунав. Потоа се упати во Тракија, каде што под истиот голем притисок го ширеше Господовото Евангелие. После три години работа на Балканот беше протеран назад во Италија. Тој дојде во Равена, каде што верните необично му се израдуваа. Кога слушнаа за ова, незнабожните старешини му пишаа на царот Веспазијан за Аполинариј како за маѓесник, па го прашаа дали да го предадат на смрт непријателот на нивните богови. На тоа царот одговори дека не треба да го убиваат, туку само да му побараат да им принесе жртва на нивните богови или да го протераат од градот, зашто вели: „Не прилега да му се одмаздуваме некому за боговите, бидејќи тие самите можат да им се одмаздат на своите непријатели ако се прогневат.“ Но и покрај оваа царска наредба незнабожците удрија на Аполинариј и го избодија со ножеви. Овој Божји слуга издивна од тешки рани, коишто го прославија во Царството Божјо. Моштите на Свети Аполинариј почиваат во Равена, во црквата што му е посветена.

Религија

Свети Никола Чудотворец, архиепископ Мирликиски

Published

on

 Овој славен светител, когошто и денес го слават по сиот свет, им беше единец син на своите богати и угледни родители, Теофан и Нона, жители на градот Патара во Ликија. Бидејќи им беше син единец даруван од Бога, тие Му го посветија на Бога, принесувајќи Му така дар. Знаењето за духовниот живот Николај го стекна преку својот чичко Николај, епископот Патарски, и се замонаши во манастирот „Новиот Сион“, основан од тој негов чичко. По смртта на родителите Николај им го раздаде наследениот имот на сиромасите и ништо не задржа за себе. Додека беше свештеник во Патара тој многу се прочу со делата на својата милостина, иако ги криеше грижливо, за да го исполни зборот Господов: „Да не знае твојата лева рака што прави твојата десна рака“ (Матеј 6, 3).

Кога се предаде на самотност и на безмолвие, мислејќи така да проживее до смртта, му дојде глас одозгора: „Појди на подвиг меѓу народот, ако сакаш да бидеш од Мене овенчан.“ Веднаш потоа според чудесната Божја Промисла беше избран за епископ на градот Мир во Ликија. Милостив, мудар, бестрашен, Николај му беше вистински добар пастир на своето стадо. За време на гонењето на христијаните под Диоклецијан и Максимијан го фрлија во затвор, а тој и во затворот ги поучуваше луѓето на законот Божји.

Присуствуваше на Првиот Вселенски Собор во Никеја и од голема ревност за вистината го удри еретикот Ариј. За ова дело го отстранија од Соборот и од архијерејската служба, сè додека на неколкумина од првите архиереи на Соборот не им се јавија Самиот Господ Христос и Пресвета Богородица и не го објавија своето благоволение кон Николај. Чувар на Божествената вистина, овој чудесен Божји светител беше и одважен заштитник на правдата меѓу луѓето. На двапати спаси по тројца луѓе од незаслужена смртна казна. Милостив, вистинољубив и праведен, одеше меѓу луѓето небаре Ангел Божји.

Уште за време на животот луѓето го сметаа за светител и го повикуваа на помош во маки и неволји и им се јавуваше во сон и на јаве на тие што го повикуваа, еднакво лесно дали се блиску или далеку, и им помагаше. Од неговото лице блескаше светлина како од лицето Мојсеево, па и со самата своја појава им носеше на луѓето утеха, мир и добра волја. На старост, кратко боледуваше и се упокои во Господа, многустрадален и многуплоден, за вечно да се весели во Небесното Царство продолжувајќи да чудотвори на земјата, помагајќи им на верните и прославувајќи Го својот Бог. Се упокои на 6 декември 343 година.

Continue Reading

Религија

Денеска е Воведение на Пресвета Богородица – да се помолиме на светата Дева

Published

on

Кога Пресвета Дева Марија наполни три години од раѓањето, нејзините свети родители Јоаким и Ана ја доведоа од Назарет во Јерусалим, за да ја предадат, според своето ветување, на служба на Бога. Од Назарет до Јерусалим има три дена пат, но одеа на богоугодно дело и патот не им беше тежок. Се собраа и мнозина роднини на Јоаким и Ана за да земат учество во таа свеченост, во којашто невидливо учествуваа и Ангелите Божји.

Напред одеа девиците со запалени свеќи во рацете, потоа Пресветата Дева, водена од едната страна од Јоаким, а од другата од Ана. Беше украсена со царска благолепна облека и со украси, како што ѝ прилега на царска ќерка, на невеста Божја. Зад нив одеа многубројни роднини и пријатели, сите со запалени свеќи.

Пред храмот имаше петнаесет скалила. Родителите ја кренаа Девата на првото скалило, а таа тогаш сама брзо се искачи на врвот, каде што ја дочека првосвештеникот Захарија, таткото на свети Јован Претеча. Кога првосвештеникот ја зеде за рака, ја воведе не само во храмот туку и во Светињата на Светињите, каде што никој никогаш не влегуваше, освен архијерејот. Свети Теофилакт Охридски вели дека Захарија бил „вон себе и обземен од Бога“ кога ја воведувал Дева во најсветото место во храмот, зад втората завеса, поинаку не би можела да се објасни оваа постапка. Во онаа прилика родителите на Дева Марија според Законот, Му принесоа жртви на Бога примија благослов од свештеникот и се вратија дома, а Пресветата Дева остана при храмот. Таа пребиваше во храмот цели девет години.

Родителите ја посетуваа често додека беа живи, особено блажената Ана. А кога нејзините родители беа повикани да се претстават кај Бога, Пресветата Дева остана сираче и не сакаше до нејзина смртта да се оддалечува од храмот ниту да стапи во брак. Бидејќи тоа беше спротивно на Законот и на обичајот во Израилот, кога наврши дванаесет години му ја дадоа на Јосиф, нејзиниот роднина од Назарет, за во вид на свршеница да живее со него во девственост и привидно да го задоволи Законот.

Зашто во тоа време не се знаеше во Израилот девојките да се заветуваат на девственост до крајот на животот. Пресвета Дева Марија беше прва таква доживотно заветувана девојка и неа потоа ја следеа незнајно мнозинство девственици и девственички.

Continue Reading

Религија

Денеска се празнува Свети Јован Златоуст – Прославен заради мудроста, подвигот, и словото

Published

on

Патријарх Цариградски. Роден е во Антиохија, во 354 година, од татко Секунд, војвода, и мајка Антуса. Изучувајќи ја грчката философија, Јован се згнаси од грчкото незнабоштво и ја усвои христијанската вера како единствена и целосна вистина. Крштение прими од Мелетиј, патријархот Антиохиски, а потоа примија Крштение и неговите родители. По смртта на родителите се замонаши и почна строго да се подвизува. Тогаш ја напиша книгата „За свештенството“ и тогаш му се јавија светите апостоли Петар и Јован и му прорекоа голема служба, голема благодат, но и големо страдање.

Кога требаше да биде посветен за свештеник, се јави ангел Божји: истовремено и на патријархот Флавијан (после Мелетиј) и на самиот Јован. А кога патријархот го ракополагаше, сите видоа светол бел гулаб над Јовановата глава. Прославен заради мудроста, подвигот, и словото со голема власт, беше избран по желба на царот Аркадиј за патријарх Цариградски. Шест години управуваше со Црквата како патријарх со неспоредлива мудрост и ревност. Испрати незнабожечки мисионери кај Келтите и кај Скитите, ја сотре симонијата во Црквата симнувајќи мнозина епископи-симонисти; ја рашири милосрдната дејност на Црквата; напиша посебен чин на светата Литургија; ги посрами еретиците; ја изобличи царицата Евдоксија; Светото Писмо го протолкува со својот златен ум и јазик, на Црквата ѝ остави многу скапоцени книги со неговите беседи

. Народот го прослави, завидливците го замразија, царицата двапати го испрати во прогонство. Во прогонство помина три години и се упокои на Крстовден, 14 септември, 407 година, во местото Коман во Ерменија. Пред смртта, повторно му се јавија апостолите Јован и Петар, а и светиот маченик Василиск (се слави на 22 мај), во чијашто црква ја прими светата Причест. „Слава Му на Бога за сè!“, беа неговите последни зборови и со тие зборови душата на златоустиот патријарх замина во Рајот. Од моштите на свети Јован Златоуст главата почива во манастирот Ватопед на Света Гора, а телото во Цариград.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2021 Булевар.мк