Tag Archives: јадење

„Свински“ ребра од растително потекло и вегански коски кои се јадат!?

По плескавиците од растително потекло и цела низа производи кои личат на вистинско месо, наскоро ќе пристигнат „свински“ ребра од растително потекло, кои ќе имаат и коски што може да се јадат, погодни за веганската исхрана, пишува „Гардијан“.

„Свинските“ ребра од растително потекло со изненадување – вегански коски за јадење, наскоро ќе дебитираат на трпезите, најавија од компанијата  „Џуси Марблс“(„Juicy Marbles“).

Идејата за јадливи коски, настанала кога еден производител на веганска храна сакал ребрата да имаат коски за компостирање, но потоа сфатил дека може истите да се јадат. Првите парчиња од овие ребра ќе бидат достапни од крајот на август во Велика Британија, ЕУ и САД.

Цената допрва треба да се одреди, а компанијата ќе собира повратни информации од клиентите од првите серии на овој производ, за дополнително да го приспособи рецептот, името и пакувањето пред целосното лансирање. Цената ќе биде повисока од цената на обичните ребра, кои генерално се евтин месен производ.

Производителите на таканареченото растително месо продолжуваат да создаваат нови работи, но некои големи компании во овој сектор забележаа пад на продажбата, бидејќи кризата со трошоците за живот ги тера клиентите кон поевтино конвенционално месо.

Намалувањето на традиционалната потрошувачка на месо во богатите земји, каде луѓето јадат повеќе црвено месо, отколку што е здраво, е од витално значење за решавање на климатската криза.

Емисиите на стакленички гасови од земјоделството најмногу доаѓаат од сточарството, особено од говедата. Околу 15 проценти од сите глобални емисии се произведени од земјоделството.

Од друга страна, растечките растителни видови создаваат многу помалку стакленички гасови. Намалувањето на потрошувачката на месо и млечни производи, исто така, го намалува загадувањето и користењето земјиште и вода, а научниците велат дека тоа би можело да биде најефективниот начин за луѓето да го намалат нивното штетно влијание врз планетата.

„За некои, коските направени од растенија можеби се идеолошка провокација, но не треба да ги сфаќаме овие работи премногу сериозно. Тоа е забавно. Коските те тераат да јадеш со раце и да делиш (храна) со сите на трпезата“, вели Владимир Мицковиќ, ко-основач на компанијата „Џуси марблез“, чие седиште е во Словенија.

Инаку, компанијата започнала со продажба на стек од растителна основа и посно месо во 2022 година. Коските, кои имаат исто количество протеини како говедско месо, мора да се испечат или да се пржат за да се направи крцкава закуска, откако ќе се јаде месото од растително потекло.

„Почнавме од фактот дека не сакавме коските да бидат отпад. Се надевам дека ќе можеме да ги направиме и коските вкусни, за да се користат и за правење супа. Најважно е да се види како реагираат луѓето“, изјави Мицковиќ.

Според истражувањата, производството на месо и млечни производи користи 83 отсто од земјоделското земјиште во светот и е одговорно за 60 отсто од земјоделските емисии на стакленички гасови.

Во извештајот за 2022 година на Бостонската консалтинг група се наведува дека таканареченото растително месо е најефективната инвестиција кога станува збор за работа за забавување на климатските промени.

Со шеснаесеткаркото македонско знаме в раце, накитен со бакшиш како невеста, српскиот пејач во Македонија седна на гозба

Српската фолк ѕвезда, Џани, кој важи за неприскосновен крал на бакшишот, зашто покрај редовниот хонорар на своите тезги, пејачот заработува енормно големи суми бакшиш, беше во Македонија. Џани пеел на една приватна веселба, а потоа и имал свој концертен настап во еден локал.

Патем, пејачот му беше специјален гостин на еден познат македонски бизнисмен, кој за цело време од пречекот до испраќањето беше негов добар домаќин.

Џани и овој пат не остана покус за заработката, за што сведочат и фотографиите каде пејачот како по обичај го накитија со богат бакшиш како невеста. Овој пак не остана должен и со песната, ама и со патриотсата постапка, откако го зема македонското знаеме  в раце и тоа она вистинското со 16 кракото сонце од Кутлеш, направи вистински џумбуш. Џани е мајстор за создавање добра атмосфера, па веселбата била навистина на ниво.

Концерниот настап подоцна ништо помалку добар и атрактивен, што ја воодушевило публиката… И онаа пред и онаа зад сцената.

Првата дама засука ракави за охридски комад

Првата дама Елизабета Ѓорѓиевска, сопруга на претседателот Стево Пендаровски, беше во посета на Охрид, каде правеше комад и колач со медено срце. Таа рече дека преку македонската национална кујна се поврзуваме со нашите корени и на тој начин ги зачувуваме кулинарските богатства што се пренесуваат низ генерации.


„Комат, кошмишпите, старински бовчи и колач медено срце, беа дел од нашето охридско „мени“, кое со голем мерак го подготвувавме за најранливите сограѓани. Благодарност до секогаш инспиративната Наташа Неданоска од Slow Food Ohrid, до нејзините ученици и до Кристијан Калинов од Ретвитни oброк за прекрасната енергија при подготвувањето на охридските деликатеси кои беа донирани онаму каде што се најпотребни преку Црвениот крст“, рече Ѓорѓиевска.

Што јаде принцезата од Велс ?

Кејт Мидлтон редовно не восхитува со своите комбинации, а некои од стиловите кои ги носи ја истакнуваат нејзината витка фигура. Поради ова, многумина се прашуваат која е тајната на изгледот на принцезата од Велс.

Кејт роди три деца, има 41 година и активно работи, но и покрај сето ова успева да се грижи за својата линија.

Како што пишува „Експрес“, вака изгледа менито на Кејт Мидлтон.

Појадок

За да го започне денот, Кејт е позната по тоа што подготвува обилен појадок со овесна каша, која е богата со протеини, влакна и јаглехидрати. Овесот не само што е здрав за намалување на холестеролот, туку го подобрува и здравјето на цревата и контролата на шеќерот во крвта, па Кејт со овој оброк покрива неколку здрави навики.

Принцезата од Велс ужива и во смути со кељ, спанаќ и боровинки.

Ручек

Како што одминува денот, Кејт продолжува да јаде храна која е богата со антиоксиданси, додека се обидува да вклучи што е можно повеќе сурови состојки во својот ручек. Многумина велат дека еден од нејзините омилени оброци е салата од лубеница со авокадо, кромид, краставица и фета сирење.

Иако не е вегетаријанка, Кејт за ручек најмногу јаде вегетаријански јадења, а омилени ѝ се леќата и зеленчукот.

Грицки

Кејт сака бобинки, кои го зајакнуваат имунитетот, а кога сака солена ужина, јаде пуканки. Во една прилика рекла дека сака да јаде маслинки како закуска и дека ги сакала уште кога била мала.

Вечера

Според некои извештаи, Кејт сака да јаде пилешко за вечера, но со децата сака да подготвува тестенини, пица и суши.

Десерт

Дарен Мекгрејди, претходниот готвач на кралското семејство, откри дека омилениот десерт на Кејт е пудинг од карамела, класичен англиски десерт кој се состои од темен пандишпан направен од урми и прелиен со сладок карамел сос. Лесен по текстура и богат со вкус, овој десерт одлично се комбинира со сладолед од ванила или топла шолја кафе.

Ајде да видиме кој најмногу трошел народни пари – Османи и Груби јаделе и шетале повеќе од Маричиќ….

Владата конечно ја „одглави“ алатката за службени трошоци на владините функционери, по која може да се види дека сите владини функционери заедно во 2021,без последниот месец декември како неевидентиран, потрошиле 16,5 милиони денари за службени трошоци.

Тоа, како што објави Фактор, е повеќе во однос на една година претходно кога трошоците не биле ниту полни 15 милиони денари. Сумата од 2021 е речиси иста како предпандемиската 2019 година.

Бојан Маричиќ, актуелниот вицепремиер за евроинтеграции, направил убедливо најголеми трошоци од сите останати владини функционери со потрошени 816.000 денари за 11 месеци во 2021 како тогашен министер за правда.

На сметка на буџетот, потрошил 213.000 денари за авионски патувања. На аеродромите користел и вип-салон за 7.500 денари. Нарачал оброци за 163.000 денари во приватните угостителски објекти, а во државните, кои знаеме дека се многу поевтини за функционерите, пријавил 92.000 денари. Ручеците во странство Маричиќ ги платил 69.000 денари.

Сепак ако се гледа посебно само службените сметки во рестораните во земјата, убедливо пред Маричиќ е Бујар Османи со 336.000, Артан Груби со 272.000 и Никола Димитров со 185.000 потрошени до декември 2021. Тука некаде во оваа категорија со Маричиќ е и Насер Нуредини.

Барабар со Маричиќ е и Насер Нуредини како министер за животна средина со 873.000 денари, многу повеќе од една година претходно на истата функција. Она што е забележително за него е што добил убедливо најмногу од сите други членови на Владата за дневници, 55.000 денари, а за хотелско сместување во странство му биле потребни дури 311 илјади. Не му биле евтини ниту угостителските услуги во приватните ресторани каде поарчил 117.000 денари.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во однос на претходните години најмногу потрошил за авиобилети во 2021 (976 милиони) и 472 милиони за хотелски сместувања, но природата на неговата функција е таква што неговите трошоци може да се каже дека се пооправдани. Убедливо најмногу потрошил вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, над 1,2 милиони денари.

Следен по трошоци е министерот за земјоделие Љупчо Николовски со 757.000 денари како вицепремиер за борба против корупцијата, а половина од тие пари се потрошени за настаните во државните мензи и бифеа.

Петти е Крешник Бектеши со 610.000 денари, што може да се каже дека 2021 е една од неговите поскромни години како министер за економија. Но, ланската година се истакнал по тоа што многу сакал да се гости по вип-салоните на аеродромите каде што потрошил 76.000 денари.

На шестото место е Јетон Шаќири, министерот за образование, кој како министер за информатичко општество и администрација потрошил 415.000 денари, од кои поголемиот дел за закуп на стан.

Премиерот Димитар Ковачевски потрошил 70.000 денари како заменик-министер за финансии во текот на 2021 и тоа за трошоци за мобилен телефон и за услугите на државните мензи и бифеа.

Првиот вицепремиер Артан Груби се мезел во надворешни ресторани за 272.000 денари, речиси за двојно повеќе од една година претходно, а при тоа во 2021 треба да се знае дека недостасува последниот месец од евиденцијата. Вкупните трошоци му се 376.000 денари.

Целата статија на Фактор може да ја прочитате ТУКА.

Измамничка пие и јаде на сметка на општина Ѓорче Петров и градоначалникот Стојкоски

Од општина Ѓорче Петров информираат дека извесна Ивана во име на Општина Ѓорче Петров и градоначалникот Александар Стојкоски во изминатиот период се јавува и појавува во угостителски објекти при што нарачува храна и пијалоци, наводно за општината и градоначалникот.

-Лицето по извршената нарачка бара фактурите за испорачаната услуга да гласат и да им бидат доставени на фирми кои соработуваат со Општина Ѓорче Петров. За фирмите доставува потребни податоци за изготвување на фактура, информираа денеска од општината. 

Преземени се дејствија од страна на Општина Ѓорче Петров во однос на прибирање на сите докази и пријавување на случајот до надлежните органи.

Најостро го осудуваме овој чин на измама и истовремено информираме дека Општина Ѓорче Петров нема склучено Договор за угостителски услуги и не врши набавка на угостителски услуги. Целосно се оградуваме од постапките на лицето и апелираме до угостителските објекти да не подлегнуваат на измамата. Доколку се соочат со истата бараме да бидеме веднаш известени на контакт бројот во Општина Ѓорче Петров, 02 20/44-411, или на kontakt@opstinagpetrov.gov.mk, како и да го пријават случајот во полиција, информираа од локалната самоуправа. 

По ЌЕБАПЧИЊАТА во Гостивар, ТОСТОТ на Широк Сокак и МАРТАДЕЛА во РЕК Битола, денеска Ковачевски замези ЧИПС

Ковачевски денеска беше во посета на производствениот погон на компанијата МАКС каде што дегустираше чипс.

Можеби не е многу корисна, ама вкусна е и брзата храна. Уште повеќе е „вкусно“ фотографирањето со лепче со ќебапчиња, мартадела или тост, за да види народот дека и првиот меѓу министрите во Владата јаде храна како обичниот народ.

Тоа колку-толку ќе повлијае кај народните маси дека на владините трпези нема само октоподи, морски плодови и апетисани за кои чита кога се пишува за тендери.

„Високи очекувања имаме од чоек шо меша сендвич со салама со сок од боровинки“

Високи очекувања имаме од чоек шо меша сендвич со салама со сок од боровинки…, коментира Божидар Божиновски по денешната посета на премиерот Димитар Ковачевски на мензата во РЕК Битола.

Ковачевски беше во Битола на одбележување 40 години од отворањето на РЕК Битола. Тој на Фејсбук сподели дека со задоволство појадувал во мензата на комбинатот.

Ми беше задоволство што денешниот појадок со вкусен сендвич со мортадела и сок од боровница, го имав во кујната на РЕК Битола, објави на фејсбук премиерот Димитар Ковачевски.

Искрено благодарам до вработените во кујната на РЕК Битола за гостопримството што ми го укажаа и честа да појадувам во нивната кујна на денешниот значаен јубилеј.

Грижата за условите на вработените и нивната мотивираност се клуч за успесите на секоја одговорна компанија, пишува на социјалните мрежи Ковачевски.

Новата Влада ,,ќе срка” од нови тањири вредни 37.000 евра

Новиот премиер и неговиот министерски тим во Владата ќе биде дочекан со нов прибор за угостителство.

Службата за општи и заеднички работи ја подновува владината кујна. Покрај бела техника набавува и нови прибори за јадење, со највисок квалитет, порцелан, инокс и кристал, јавува порталот ммс.мк.

Договорот вреден над 37.000 евра го добија три фирми -„Еурефи Инжинеринг“, „ДЛ Конкорд“ и „Дидакс“ сите од Скопје. Тие треба да достават до владината сужба, висококвалитетна бела техника- софистицирани електрична и плинска скара, витрина, шок фрижидер од инокс, фрижидер за замрзнување храна, апарат за пеглање, стик правосмукалка, машина за пакување храна…Но, и повеќе комплети на најразлични прибори за јадење за владината кујна.

Повеќе детали на mms.mk

Жената од Софија која го ИЗЕЛА гласачкото ливче била гневна – еве на што…

Необичен инцидент се случил на изборите во Бугарија кога старица изела потврда за гласање на гласачка место, јавува Бугарската национална телевизија (БНТ).

Жената гласала, но сакала да го откаже гласањето но повторно да гласа

Според претседателката на локалната комисија, Снежина Ангелова, 74-годишната жена користела апарат за машинско гласање, но откако го добила гласачкото ливче се предомислила и побарала повторно да и дозволат да гласа.

По одбивањето на барањето, жената одбила да го предаде гласачкото ливче до членовите на изборната комисија, како што налагаат прописите.

Наместо тоа, таа почнала да бега од избирачкото место јадејќи го изборното ливче.

– Се обративме до Окружната комисија, бидејќи за 25 години од кога сум на чело на изборната комисија, вакво нешто не ми се случило. Рекоа ливчето кое недостасува во списокот да биде евиденти како изедено – рекла Ангелова.

Во Бугарија годинава се одржуваат трети парламентарни избори, како и претседателски.