Tag Archives: автобусканесреќа

(Видео) Во последен момент одлучил да не се качи во автобусот: Од семејството мислеле дека е во истиот, бидејќи не се јавувал на телефон пет часа

Во последен момент, младиот Енес не се качил во автобусот на „Беса транс“ и решил да отпатува за Истанбул со сосема друга туристичка агенција, објави „БТВ“.

За жал, неговите блиски не знаеле дека Енес во последен момент се предомислил и два дена го барале, мислејќи дека е меѓу загинатите. За среќа, тој се вратил дома здрав и жив.

Енес често патувал во Истанбул и вообичаено тоа било со истата туристичка агенција – спорната „Беса транс“.

– Размислував да одам два-три дена во Истанбул со оваа агенција („Беса транс“), но се предомислив и заминав со друга компанија. Направив тест за ковид-19 и ја сменив резервацијата. Меѓутоа, моите дома знаеја дека патувам со „Беса транс“. Не можев да ги исконтактирам, немав интернет и роаминг, на враќање кон дома немаше мрежа. И два дена подоцна, се појавив, вели Енес.

Целата статија и видеото можете да ги погледнете на КУРИР.МК.

Пронајдено УШТЕ ЕДНО ТЕЛО, не може да се потврди дали станува збор за тело на дете

Уште едно тело е пронајдено при дополнителен преглед на автобусот со државјани на Република Северна Македонија на автопатот Струма.

Бројот на жртвите во тешката сообраќајна несреќа е 45, како што првично беше најавено.

Информацијата ја потврди заменик главниот обвинител и шеф на Националната истражна служба Борислав Сарафов, а пренесе БНР . -Во 21.15 часот во трагичната ноќ преку „Капитан Андреево“ влегле 52 патници, од кои 45 ги затекнавме во автобусот, 7 се во „Пирогов“, рече тој.

 На увид се пронајдени останки од дете, пренесуваат медиумите. 

Сарафов рече и дека истражителот и обвинителот упатени во Скопје ќе останат таму најдоцна до недела.

Мора да ја донесат документацијата поврзана со изгорениот автобус и ДНК профилите на роднините на загинатите.

Веднаш потоа ќе започне идентификацијата на жртвите од инцидентот.

Портпаролката на главниот обвинител во Бугарија Сијка Милева за Сител потврди дека е пронајдено 45-то тело. Таа вели дека телото не било забележано при првиот преглед бидејќи било многу изгорено и не е пронајдено цело тело туку само делови од него.

„Во опожарениот автобус на трагичната несреќа на автопатот Струма, при дополнителниот увид што денеска го извршија истражителите од Националната истражна служба, пронајдена е 45 жртва“, рече Милева за Сител.

Милева вели дека се уште не може да се потврди дали станува збор за тело на дете бидејќи телото е целосно јагленосано и на делови.

НАД 130 ПАТИ изгорениот автобус излегувал и влегувал низ границите БЕЗ ЛИЦЕНЦА❗

Автобусот на „Беса транс“ за кој институциите кажаа дека не е лиценциран за да превезува патници, 135 пати ја напуштал и влегувал на територијата на Македонија, дознава „А1он“. Според информациите до кои дојде порталот, првпат, автобусот е регистриран во октомври минатата година.

„Евидентирано е дека во 2020 година истиот автобус во 22 случаи има остварено влез – излез од државата, додека во 2021 година има остварено 113 преминувања на државната граница. Ве известуваме дека предметниот автобус со регистарска ознака SK 0284 BA за прв пат е регистриран во Скопје на 15.10.2020 година во сопственост на БЕСА ТРАНС БТБ ДООЕЛ“, потврдуваат од МВР за „А1он“.

Атлетичарката Дрита Ислами раскажува за искуството со „Беса турс“: Прв и последен пат!

Најпрвин, сакам да изразам сочувство до семејствата на жртвите“, ја почнува атлетичарката Дрита Ислами својата приказна за искуството со патувањето со агенцијата „Беса турс“ кон Бугарија за порталот Алмакос.

-Чувствувам потреба да ги споделам ова лошо искуство, затоа што се работи се за истата агенција што уби 45 луѓе на истото место, во Бугарија, вели таа.

– Во 2019 година, кога требаше да одам на Софискиот аеродром, купив билет од оваа иста компанија. Нивното возило беше запрено од полицијата за технички преглед. Полицијата го запрела уште двапати истата недела но некако го пуштила, но овој пат НЕ. Заедно со петмина други патници, бевме сведоци дека тоа возило на компанијата не го помина тестот за кочење. Рачната кочница воопшто не работеше, раскажува нашата најдобра атлетичарка. 

– Тогаш, бевме принудени да го продолжиме патувањето со друго, приватно возило, чијшто возач всушност беше „резервен“, во случај првото возило да не го помине техничкиот преглед. Обичен автомобил за пет луѓе, а ние заедно со возачот бевме седуммина, неколкупати ги ризикувавме животите по патот. Нѐ запре бугарската полиција за пребрзо возење, а возачот ги поткупи полицајците со само десет евра, вели Ислами.

-Оваа компанија никогаш не се ни обидува да ги поправи техничките проблеми на нивните возила, таа нема никаква одговорност за животите на нивните патници, вели Ислами за порталот. 

-За мене ова беше прв и последен пат да патувам со оваа компанија, затоа што бев сведок дека таа има нула одговорност за животите на патниците!, додава таа. 

„СЕ ОГЛАСИ ОСМИОТ ПАТНИК“ – еве поради каква повреда тој се нашол на исто место и во исто време со седумте преживеани патници

Мистериозниот осми патник кој бил на списокот на преживеани од автобуската несреќа, односно впишан во списокот на примени патници во болницата Пирогов, бил ставен на тој список по грешка.

Шади Науфал Салех таа вечер бил примен во болницата поради скршеница на раката, а од болницата по грешка го вклучиле на списокот на примените од македонскиот автобус кој изгоре.

Салех вчера вечерта се јавил во редакцијата на Бугарската национална телевизија и објаснил дека тоа нема никаква врска со несреќата. Тој, како што објави медиумот, е бугарски државјанин, а во саботата бил примен на трауматолошкиот оддел на Пирогов поради скршеница на раката.

Излегува дека во клиниката по грешка го внеле во списокот со повредени од автопатот Струма. Салех веќе е отпуштен од болница.

Вчера синот на Кадрим Мемеди, вториот возач изјави дека од списокот на преживеани во несреќата има лице што не е на списокот за патници на „Беса транс“, а тоа е Шади Науфал Салех.

,,САМО ГОСПОД ГО ЧУВАЛ СИН МИ“: Татко раскажува како неговиот син влегол во друг автобус и ја избегнал стравичната несреќа

Џафер Долек бил дел од групата која се враќала од Турција со агенцијата „Беса Транс“ и требало да се вози со автобусот кој изгоре на автопатот „Струма“, но неговите куфери се нашле во погрешен автобус и тоа му го спасило животот.

Хотелскиот персонал, наместо во автобусот кој доживеа несреќа, ги ставил куферите на Долек во друг автобус. Откако тој ја увидел грешката, побарал багажот да му биде вратен во првиот автобус, но лице од агенцијата му рекло да влезе во истиот бидејќи и во него има место.

Ова за „Сител“ го раскажа таткото на Џафер, кој вели дека Господ го чувал неговиот син. Тој за несреќата разбрал откако се видел со синот, кој безбедно пристигнал во Скопје, и му кажал дека другиот автобус направил несреќа и дека има жртви.

Бугарските истражни органи денеска соопштија дека во остатоците од автобусот се пронајдени 44 трупови од жртви. Тие велат дека добиле информација дека во автобусот патувале 52 патници, а во болница се лекуваат 7 лица. За нив останува нејасно каде е уште едниот патник кој бил регистриран дека е во автобусот

ДВАЈЦА ПОЛИЦАЈЦИ меѓу настраданите во несреќата во Бугарија

Алсат од извори во полицијата ексклузивно дознава дека меѓу 44-те жртви во трагичната несреќа во Бугарија има и двајца полицајци.

Според информациите од членовите на семејството, станува збор за Енис Раманоски, заменик командир на полицијата во Дебар и Саде Мустафоски, полициски службеник на граничниот премин „Блат“ со Република Албанија.

Членовите на семејството објавија фотографии на социјалните мрежи со кои потврдуваат дека меѓу жртвите во трагедијата на 23 ноември се и Мустафоски и Раманоски.

Информацијата ја потврдија и полициски извори, кои додадоа дека треба да се почека вештачењето на бугарските власти за официјална потврда.

УАПСЕНО едно лице во Софија – објавувал коментари на Фејсбук поврзани со несреќата

Дваесет и четиригодишен маж е уапсен во Софија поради коментари за трагедијата на автопатот Струма на Фејсбук, се вели во официјалното соопштение од бугарското  МВР.

Младиот човек бил приведен на територијата на Софија од полициските службеници по добиен сигнал. Според податоците, тој досега на Фејсбук објавил коментари поврзани со трагичната несреќа со патничкиот автобус на автопатот Струма, кои не се во согласност со моралните и етичките норми.

Материјалите се пријавени во Окружното обвинителство на Софија за кривично дело од чл. 162 од Кривичниот законик – проповедање на омраза врз основа на националност преку информациски систем.

Дали станува збор за постот кој беше објавен пред два дена нема информации.

Сарафов: Жртвите умреле од задушување

– Аутопсиите покажуваат дека сите загинати починале од задушување, а не од ударот. Тоа значи дека биле живи во моментот на пожарот. Конечна проценка за причините за несреќата ќе треба да дадат финалните анализи, но водечка верзија во овој момент е човечка грешка – како причина за несреќата, изјави на денешната прес-конференција бугарскиот заменик главен обвинител и директор на Националната истражна служба Борислав Сарафов.

Сарафов посочи дека продолжуваат испитувањата и анализите на автобусот, кои треба да дадат одговор за причините и начинот на избувнување на пожарот, како и за сообраќајната анализа за причините за кои автобусот ја напуштил патеката на движење. Изнесувајќи ги собраните до моментот информации, Сарафов, нагласи дека во медиумите гледа доста шпекулации и псевдо експерти, но дека иако по емисиите може да се видат 15 или 20 очевидци, всушност очевидци на настанот нема ниту еден.

– Прво испрашни се двајца од патниците во автобусот, кои биле будни во моментот на несреќата. Двајцата даваат објективни информации, испитани се поединечно и исказите им се совпаѓаат, поради што ги земаме за исклучително точни. Денеска се испитуваат и двајца други кои се во болница, изјави Сарафов. Разгледани се, но категорично се отфрлени, рече Сарафов, и верзиите за терористички акт и туби со нафта, како можни причини за несреќата.

– Пронајдени се три туби. Трите труби не биле полни и не се запалени. Пожарот не избувнал од нив. Верзијата за терористички акт е професионално разгледана и земени се анализи од автобусот за постоење на терористички акт. Категорично ги отфрламе тие верзии. Не станува збор за терористички акт, изјави Сарафов. Екипа од обвинителството утре заминува за Скопје за подигање на изработените ДНК профили од роднини на настраданите, кои потоа ќе се искористат за идентификување на починатите. Потоа, нагласи Сарафов, ќе може телата на жртвите да им се предадат на нивните семејства.

Милева: Согласно изјавата на сведок, недостасува ЕДЕН ПРЕЖИВЕАН!

На местото на автобуската несреќа се пронајдени 44 трупа, наспроти наводите дека во несреќата настрадале најмалку 45 лица, рече портпаролката на главната обвинителка на Бугарија, Сијка Милева.

„Од тука доаѓа и простата математика дека ние располагаме со податоци дека во автобусот патувале 52 патници. Најдовме 44 трупа, во болница се хоспитализирани 7 лица, 4 мажи и 3 жени. Останува големата загатка – каде е осмото лице? Работиме по таа верзија, не сакаме да правиме забуна пред јавноста. Може да станува збор и за несоодветна изјава од очевидецот“, рече Милева.

Како што појасни таа, еден од преживеаните категорично изјавил дека се спасиле 8 лица.

Таквата појава, главниот истражител, Сарафов, ја толкува како можнос еден од патниците во автобусот, да преминал во некој од другите три автобуса коишто биле заедно со изгорениот.

„Во моментот тоа е загатка за нас, но ќе биде предмет на истрагата“, вели Сарафов.