Tag Archives: Ерусалим

Видео: Благодатниот оган директно од Ерусалим пристигна во Скопје

На Меѓународниот аеродром Скопје вечерва беше пречекана државната и црковната делегација која за првпат директно од Ерусалим го донесе Благодатниот оган.

На церемонијата во базиликата на Светиот Гроб во стариот град на Ерусалим присуствуваа голем број делегации од држави од светот, меѓу коишто, рамноправно беше и македонската државна и црковна делегација во чиј состав беа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски, како и повеќемина свештени лица предводени од шефот на делегацијата на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија, Митрополит Тетовски-гостиварски, г. Јосиф Тодоровски.

Церемонијата на преземање на Благодатниот оган е посветена на празнувањето на Светата светлина, што се смета за величествен момент што ги поврзува верниците ширум светот со светлината на Исус Христос, а се случува во Ерусалим речиси 2.000 години, на којшто присуствуваат христијани од целиот свет.

Благодатниот оган на скопскиот аеродром го пречека премиерот Димитар Ковачевски и црковна делегација на МПЦ-ОА.

Оганот ќе биде раширен низ православните храмови во државата каде вечерва ќе се одржат литургии по што на полноќ со биење на камбаните ќе биде објавено Воскресението Христово. Поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан традиционално ќе богослужи во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје.

Што се крие под “Светиот град”: Археолозите со големо откритие во Ерусалим

– Се борам да бидам во чекор со израелскиот археолог, бидејќи тој лесно го влече своето слабо тело низ тесниот тунел полн со камени плочи. Бидејќи се водиме само од светлината на нашите паметни телефони, јас се наведнувам за мојот жолт шлем да не се гребе над каменот над мојата глава. И тогаш нагло застанав. Тој ми рече „Ќе ти покажам нешто интересно”, раскажува археологот за National Geographic.

-Тесен премин се наоѓа под камениот гребен што се протега јужно од Стариот град на Ерусалим. Малиот рид, местото на оригиналниот Ерусалим, денес преполн со куќи населени главно од Палестинци, крие подземен лавиринт од природни пештери, канали од канајански води, еврејски тунели и римски каменоломи. Токму овој премин е помлад од повеќето затоа што го ископале двајца британски археолози во текот на 1890-тите.

ВИСТИНАТА РАСТИ ОД ЗЕМЈАТА“, велат псалмите, но чија вистина е прашањето што го прогонува Ерусалим. Во град клучен за трите големи монотеистички религии, копањето може да предизвика непосредни и далекусежни последици. На неколку места на Земјата, археолошките ископувања можат толку брзо да поттикнат немири, да се заканат со регионална вojна или да предизвикаат тензии низ целиот свет.

Кога го отворивме гробот на Исус инструментите престанаа да работат (Видео)

Антонија Марополо, хемиски инженер од Национален технички универзитет во Атина, во ексклузивно интервју за дневниот весник „Дневник“ открива како течел процесот на отворање на светиот гроб на Исус Христос во Ерусалим. Марополо сведочи и за моментот кога престанале да работат мерните инструменти кои биле поставени во внатрешноста.

Во продолжение текстот од Дневник

Чувствував нешто што не може да се опише со зборови. Kако може да се опише чувство кога по цели седум века пред вас се крева плочата што го покрива најсветото место на христијаните во светот, дека сте први што го гледате тоа и оти токму вам ви припаднала задачата да ги реконструирате местото на кое воскреснал Исус Христос и црквата што е направена на местото на пештерата во која бил погребан.

Откако сe се заврши, среќна сум што сe направивме и сигурна сум дека ова свето место сега ќе биде уште подобро заштитено и ќе трае со векови. Но, мерките за заштита не смеат да запрат, бидејќи сега откривме дека подолу, под Светиот гроб и црквата „Едикуле“ има подземни води, кои можат да направат проблеми, што значи дека треба да бидеме внимателни… На ваков начин Антонија Марополо, хемиски инженер од Национален технички универзитет во Атина, ги опишува своите чувства како водач на експертскиот тим кој минатата година направил единствен потфат во светот со отворањето на гробот на Исус Христос во Ерусалим, односно местото на неговото воскреснување.

Во ексклузивното интервју за „Дневник“ таа ја коригира информацијата што во октомври минатата година ја пренесоа медиумите дека местото на воскреснувањето се отвора првпат по 550 години.

– Отворањето се случи првпат по седум века. Затоа и нашите чувства и одговорноста беа уште поголеми – вели таа.

 не случајно беше избрана да го предводи поголемиот тим на експерти од различни области, главно од овој атински универзитет. Зад 65-годишната професорка, чија потесна специјалност е хемиски инженеринг, се повеќе од стотина различни проекти за заштита на стари споменици – од „Аја Софија“ во Истанбул, преку манастирите на Света Гора, па до храмот во Луксор, Египет.

Задачата што сега била поставена пред неа и колегите била не само да се изврши реставрацијата на гробот, туку и на целата црква „Едикуле“, која веќе со децении не доживеала темелна реконструкција.

Проектот вклучувал отстранување железни столбови, кои ја поткрепувале црквата од сите страни, а кои биле поставени во педесеттите години од минатиот век. Тоа подразбирало зајакнување на камените блокови од кои е изграден храмот што е подигнат во 325 година, од римскиот цар Kонстантин на местото за каде што се верува дека е погребан Исус Христос.

Познато е дека во Библијата, во Евангелието според Матеј, пишува оти откако Исус починал распнат на крстот на местото Голгота, Јосиф го зел телото, го завиткал во белото платно и го погребал во пештерата во која го изделкал сопствениот гроб. Kонстантиновата црква на Светиот гроб била уништена од муслиманскиот калиф Ал- Хаким во 1009 година, а во 12 век крстоносците и го дале сегашниот изглед. Последен пат била реконструирана во 19 век. Со неа управуваат Грчката православна црква, Ерменската православна црква и Римокатоличката црква.

Професорката Антонија Марополо ни објасни дека зафатот бил исклучително сложен, бидејќи никој не можеше да знае како објектот ќе реагира кога ќе се отстранат досегашните метални столбови што ја поддржуваа конструкцијата.

СИГУРНА СУМ ДЕКА ТОА Е ГРОБОТ ШТО ГО ОТКРИЛЕ KОНСТАНТИН И ЕЛЕНА

ДНЕВНИК: Kако го доживеавте тоа што токму вие го предводевте тој зафат, на најсветото место за христијаните во светот?

– Нашата работа на овој проект ја доживуваме со голема почит и завет кон овој единствен споменик на христијанството. Целта беше да се анулираат деформациите на светата Едикула, кои беа видливи на портите по реставрирањата од 1810 година. Беше видливо и дека подземните води го загрозуваат објектот и оти има промени на теренот. Отворањето на гробот на Исус беше единствено и предизвикувачко, бидејќи моравме да го направиме тоа без никаква грешка. Во исто време беше и многу големо искуство, емоционално и религиозно бидејќи се случи по седум века од последното отворање.

ДНЕВНИК: Секако дека највозбудливиот момент беше самото отворање на Светиот гроб. Во медиумите беше објавено дека во тој момент се случија чудни феномени на небото, дека се слушале звуците на трубата… Имаше ли таков нешто?

– Јас не сум кажала дека имало невообичаени феномени на небото и звуци кога го отворивме гробот. Во тој момент на отворањето бев внатре со другите за да одлучиме како да продолжиме. Немаше таков феномен, но кога излегов надвор откако почнавме да го истражуваме гробот, реков дека инструментите што претходно ги поставивме на плочата на гробот за да го забележиме секој момент, вибрации и слично, се исклучија. Тоа беше факт. Не можам да го објаснам тоа, но го снимив. Со сигурност можам да ви кажам дека околу ова место постои некоја енергија, која е многу, многу силна.

ДНЕВНИК: Kако конкретно изгледаше внатрешноста на гробот откако ја тргнавте плочата? Имаше ли предмети внатре?

– Во гробот немаше никакви предмети. И јас претходно не очекував дека ќе најдеме нешто. Најдовме празен гроб при што видливи беа оштетувањата на долната плоча на гробот. Таа е камена и на неа има резби. Плочата беше скршена, а имаше и ситни парчиња камења. Се разбира, извршивме репарации, кои беа потребни. Но, скршената плоча ја оставивме како таква. Само ја покривме со белата мермерна плоча.

ДНЕВНИК: Дали таа скршена плоча, всушност, е оригинална плоча, со која првично било покриено местото на воскреснувањето на Исус откако била направена црквата?

– Геометриските мерења покажуваат дека големата плоча над камената подлога на гробот на Исус е оригиналната. Ја оставивме така, скршена, но таа е оригиналната. Тоа посочува дека ние сме го откриле гробот кој бил откриен од Kонстантин и Елена и бил обвиен со мермер. Другата плоча што е над неа, исто така, беше оригинална, но од подоцнежен период.

ДНЕВНИК: Постојат различни мислења дали токму на ова место била пештерата во која Јосиф го погребал Исус. Има сомнежи за тоа?

– Она во што сум сигурна е тоа дека плочата што ја откривме е токму таа од периодот на цар Kонстантин и царица Елена. Тоа значи дека сум убедена оти ова е местото што тие го откриле како Светиот гроб и каде што е направена црквата.

ДНЕВНИК: Дали зедовте материјали од Светиот гроб, од местото на воскреснувањето?

-Да, зедовме мали примероци на камењата што ги најдовме внатре. Сега ќе ги анализираме во Атина. Ќе видиме што ќе покажат истражувањата.

НЕ ОСТАВИВМЕ НИШТО ВНАТРЕ

ДНЕВНИК: Ќе има ли потреба во наредните години, децении, векови, повторно да се отвора Светиот гроб?

– Не знам кога ќе биде следното отворање, но можам да ви кажам дека таму има подземни води. Затоа побаравме дозвола да ја истражиме и подземната област. Подземниот дел е еродиран и направивме студија како во иднина да интервенираме за да се заштити светата Едикула и црквата на Светиот гроб.

Инаку, храмот сега е безбеден од земјотреси. Дизајнот на рехабилитацијата ги зеде предвид најсилните потреси во светата земја. Ги конзервиравме фреските, капелата на ангелите и мермерните скулптури внатре и се надеваме дека оваа света сабота светлината ќе биде силна како што била, но преку посветла света едикула.

ДНЕВНИК: Дали нешто оставивте внатре, нешто во функција на следење на состојбите или знак за извршената реконструкција?

– Не оставивме ништо внатре. Веруваме дека вредноста на споменикот е толку единствена што никој не треба да го пишува своето име таму. Но, сигурни сме дека сите знаат што направивме.

ДНЕВНИК: Дали е ова круна на вашата научна и стручна кариера во областа на заштитата на историските споменици?

– (Се насмевнува на прашањето) Верувам дека сум благословена од оваа работа, бидејќи беше голема чест за мене. Се надевам дека одговорноста ја презедовме на соодветен начин и ги постигнавме нашите цели. Но, се надевам дека ќе можеме да продолжиме со подземните интервенции и тоа е нешто што би сакала да го направам во иднина за да сме сигурни дека сме направиле нешто што ќе трае со векови.

ЕРУСАЛИМСКИОТ ПАТРИЈАРХ РЕЧЕ „ОУУ…“

ДНЕВНИК: Ерусалимскиот патријарх Теофил Трети беше со вас во моментот на отворањето. Kако тој реагираше, како духовник, предводник на христијаните во Светата земја?

-Бевме четворица и сите влеговме заедно и единствениот збор што можам да го кажам на англиски и со кој се опишува како тој реагирал е: „Оуу…“. Тоа значи почит, не страв. Пребарував како да ги искажам своите чувства и чувствата на другите и дискутирав со патријархот и зборот е: „Оуу…“

ГРОБОТ БЕШЕ ОТВОРЕН 60 ЧАСА

ДНЕВНИК: Kолку долго гробот беше отворен додека вршевте реконструкција?

-Гробот беше отворен 60 часа и за тоа време завршивме се што планиравме. Инаку, сето друго време во тие осум месеци работевме само ноќе за да можат поклониците да го посетуваат местото.

Порака за надеж, мир и разбирање

– Ние силно ја чувствуваме пораката од гробот на Исус, која е пораката на воскреснувањето, пораката на надеж, на мир и заемно разбирање. Ова е многу важно за целиот свет. Силно верувам дека ова е порака за сите нас, не само за христијаните, туку и за муслиманите, Евреите, па дури и неверниците – потенцира Антонија Марополо.

Вечер ќе пристигне благодатниот оган од Ерусалим

Во вечерните часови денеска, Велика сабота, во нашата држава ќе пристигне благодатниот оган од Ерусалим. 

Ќе биде преземен од свештени лица на аеродромот „Скопје” и пренесен низ епархиите на Македонската православна црква.

-Благодатниот оган секоја година, по благословот Божји, на чудотворен начин слегува во Гробот Христов. Истиот потоа се пренесува преку делегации и званични лица по сиот православен свет, соопшти Македонска православна црква – Охридска архиепископија. /МИА

ДЕНЕС Е ЦВЕТНИЦИ: Празник на последното влегување на Исус во Ерусалим

ДЕНЕС Е ЦВЕТНИЦИ: Празник на последното влегување на Исус во Ерусалим! Се означува почетокот на најтешката седмица во историјата на човештвото!

Влегувањето на Исус Христос во Ерусалим откако го воскресна четиридневно погребениот Лазар е мигот на најмногубројното и најрадосното препознавање во Него Господ и Спасител.

Исус влегува во престолнината на осле, според старозаветното пророштво. Ова е уште еден од многубројните знаци по кои би можеле да Го препознаат, но сепак овој знак не го разбраа ниту Неговите ученици.

Многуброен народ наслушна дека ќе дојде, па го дочекаа со палмови гранчиња во рацете. Значи, ги слекуваа облеките од себе постилајќи ги пред Него и во восхит возвикнуваа вдахновено: Осана! Благословен е Оној што доаѓа во името Господово, Царот Израилев!

Дури и некои од дојдените Елини на поклонение за Пасха пристапија и молеа да Го видат. Единствено свештенството и фарисеите се озлобија готвејќи се да Го погубат брзо, а мислеа да го убијат и Лазар кој сведочеше за Неговата сила и за Неговото Божество.

Неделата, една седмица пред Велигден е празникот Цветници познат уште и како Цветоносна недела и Врбица, што се празнува во спомен на влегувањето на Исус во Ерусалим, кога неговите ученици и симпатизери кршеле цвеќе од дрвјата и врбови гранки и со нив, како и со својата облека му го постилале патот по кој минувал.

Саботата пред Цветници се вика Лазарова Сабота или Лазарица, односно Лазара. Според преданието, во саботата умрел Лазар од Витанија, а во неделата Исус го воскреснал.

Поради тоа во народот неделата се смета за поголем празник од саботата.

Спомен на Осветувањето на храмот на Христовото Воскресение во Ерусалим

 Кога светата царица Елена го најде Господовиот Крст во Јерусалим, во таа прилика се задржа подолго во овој Свет град и изгради цркви во Гетсиманија, во Витлеем, на Елеонската Гора, како и на други прославени места од овоземниот живот и подвиг на Исус Христос.

А на Голгота, каде што и го пронајде Чесниот Крст, започна да гради огромна црква под чијшто покрив се наоѓаше и самата Голгота каде што беше распнат Господ, како и местото каде што Го погребаа. Светата царица сакаше под едно место да ги соедини местото на Неговото страдање и местото на Неговата слава.

Меѓутоа, Елена се престави пред Господа пред да биде завршен овој величествен храм. Кога го завршија храмот, токму таа година Константин ја празнуваше триесетгодишнината од своето царување.

И така и осветувањето на храмот и прославувањето на царскиот јубилеј беа прогласени за истиот ден, 13 септември 335 година. Во тоа време во Тир заседаваше помесниот собор на епископите. И овие епископи, како и мнозина други, дојдоа во Ерусалим на торжественото осветување на храмот на Воскресението Господово.

И тогаш се востанови тој ден, како ден на победа и триумф на Христовата Црква, да се споменува празнично секоја година.

Јавување на Чесниот Крст во Ерусалим- бил посветол од сонцето и поубав од најубавото виножито

Според календарот на МПЦ денеска е Спомен на јавувањето на Чесниот Крст во Ерусалим.

Во времето на царот Констанс, синот на Свети Константин, кога беше патријарх Кирил Ерусалимски, во девет часот наутро над Голгота се појави Чесниот Крст и се простираше до небото над Елеонската Гора. Тој Крст беше посветол од сонцето и поубав од најубавото виножито.

Сиот народ, и верните и неверните, ги оставија своите работи и во страв и со восхит гледаа во небесниот знак. Мнозина неверници се обратија во верата Христова, а исто така и многумина еретици аријанци ја оставија својата злобна ерес и се вратија во Православието.

За овој знак патријархот Кирил му пиша на царот Констанс, којшто и самиот клонеше кон аријанството. Тоа се случи на 7 мај 357 година. И во таа прилика се покажа дека христијанската вера не е во светските мудрувања според телесниот човечки разум, туку во силата Божја, објавена преку чуда и знаци многубројни.

(Видео) Toтaлeн хaoc – cyдиpитe вo Ерусалим ecкaлиpaa, cтoтици лицa ce пoвpeдeни…

Големите судири започнале утрово во Храмска гора во источен Ерусалим, а Палестинското друштво Црвена полумесечина соопштило дека повеќе од 275 Палестинци биле повредени во нередите, од кои повеќе од 205 се префрлени во болница.

Според истиот извор неколку Палестинци се во критична состојба, додека израелската полиција објавила дека 12 припадници на законот се повредени.

До судирите дошло кога полицијата упаднала во Храмска гора откако илјадници Палестинци се собрале во текот на ноќта, а на нападите полицијата одговорила со шок бомби, солзавец и гумени куршуми, пренесува “Reuters”.

Видео линк може да погледнете ТУКА.

Во еден од инцидентите во Стариот дел на Ерусалим, група Палестинци каменувала израелски автомобил.

Кога каменувањето завршило, возачот излегол со раскрвавена маица, ставил завој околу главата, а го чувал полицаец, кој држел пиштол во раката.

Видео линк може да погледнете ТУКА.

Еден од напаѓачите, кој бил удрен од автомобилот, заминал од местото на настанот, а Палестинците го обвиниле возачот дека намерно се залетал, додека полицијата навела дека возачот ја изгубил контролата над возилото.

“Екстремните Палестинци однапред добро ги испланирале нередите на Храмска гора. Ова што моментално се случува е резултат на тој план”, рекол утрово портпаролот на премиерот Бенјамин Нетанјаху, Офир Генделман.

Видео линк може да погледнете ТУКА.

Полицијата додала дека извела илјадници свои припадници на улиците на Ерусалим, за да го сочуваат мирот.

Полицијата одлучила да им забрани на Евреите да влезат во подрачјето на Храмска гора во Ерусалим, а била подготвена и да разгледува дали да ја дозволи планираната парада на израелските националисти, поради предупредувањата на безбедносните сили дека “Маршот на знамињата” може да доведе до дополнителна ескалација на насилствата, пренесува “Times of Israel”.

Видео линк може да погледнете ТУКА.

Полицијата била нападната и веднаш одговорила со шок бомби, а десетина демонстранти фрлале камења од Храмска гора на патот јужно од комплексот, со што го блокирале патот, но никој не бил повреден, ниту била нанесена материјална штета.

Во неделата навечер, трет ден по ред, дошло до жестоки судири меѓу палестинските демонстранти и израелската полиција, а најмалку 25 лица биле повредени и 23 биле уапсени.

Статус на Твитер може да погледнете ТУКА.

Храмска гора е свето место и за Израелците и за Палестинците.

На ова место се наоѓа џамијата Ал-Акса, трето најсвето место во исламот, а Евреите го почитуваат како свое најсвето место, каде имало два библиски храмови, додава “Times of Israel”.

Видео линк може да погледнете ТУКА.

“По безбедносната проценка која неодамна ја донесовме, полицискиот началник Коби Шатбаи одлучи во овој момент да не дозволи посета на Храмска гора”, навела полицијата во денешната изјава, а забраната се однесувала и на влегување на Евреите.

Видео линк може да погледнете ТУКА.

Лазаровото воскресение, песните на „Лазарките“ и народните верувања

Именден празнуваат: Лазар, Лазарка, Лазо, Цветан Цвета и сите имиња што произлегуваат од билки: Лилјана, Калина…

Од повеќе причини празниците Лазарево воскресение, односно Лазарева сабота и Влегувањето на Исус во Ерусалим односно Цветници се празнуваат заедно односно тесно се поврзани меѓу себе и тешко е да се толкуваат одделно. Тие претставуваат посебни Господови празници но и во народното празнување и во црковното толкување се третираат заедно.

Саботата пред Цветници се вика Лазарева сабота или Лазарица и се празнува во спомен на Лазаревото воскресение.

Со Лазарева сабота се поврзани повеќе обичаи и песни познати како лазарски. Ги изведуваат девојки во групи одејќи по куќите и низ населените места и пресретнувајќи ги луѓето. Лазарките му пеат посебна песна на секој човек зависно од неговата возраст и општествената положба и за тоа добиваат дарови, најчесто пари. Во овие песни се велича личноста, се посакуваат напредок на семејството, здравје и среќен живот на поединецот. Особено со многу лирски чувства се исполнети песните за малите деца како што е и оваа песна од зборникот на браќата Миладиновци:
Малечкоо убоо, о Лазаре! На диван ми седеше,
со јаболко играше; мајка ле му викаше:
-Малечкоо убоо! Доста седе на диван,
доста играш с јаболко, дан’те царот догледат,
дан’ти царство поклонит! Уште речта не рече,
ми го царот догледа и му царство поклони.
Во зборникот на браќата Миладиновци покрај повеќето лазарски песни среќаваме податок и за изведувањето на овој обичај во Струга, во половината на минатиот век. „Рано децата ходат по куќи со шарени стапчиња. Тој ден, а повике в недељата, в Цветници се собираат девојките по махали и направјет една од них невеста. Кого ке сретат на п’т обколисват и пејет секому по возраста му т.е. ако је неженет друга песна, ако је женат друга; ако је жена или девојка друга. Тој дават пари на невестата која му целива р’ка. Со тие пари накупвет нужните јела и се гоштевает и попраштает Лазара со ора и песни“.
Кузман Шапкарев, пак, запишал дека на овој ден „младите моми на возраст од 12-13 години, се собираат во дружина од по 5-6 девојчиња и по едно момче, одат од куќа во куќа и заедно пеат лазарски песни соодветни со состојбите и условите во секоја куќа. Штотуку влезат во собата лазарките се наредуваат исправени во полукруг или на отворен лак, обрнати со лицето кон огништето или кон домаќините и под раководство и иницијатива на танчерката испеваат една или две песни соодветни на условите во куќата. Кога ги пеат се полулуваат напред и назад со телата. По испевањето бакнуваат рака на домаќините и домаќинките кои ги даруваат со по неколку пари или јајца. Парите ги собира танчарката, а јајцата раководителот на лазарките т.е. момчето со кошничката, кое нарочно го носи со себе. Ова последново и не пее“.

Во Гевгелиско лазарките пееле во групи по четири девојки, тие што на Тодорица во црквата се заколнале дека заедно ќе учат лазарски песни и „ќе пеат Лазар“. Се собирале во една куќа и на тргнување ја запевале песната:
Еј Лазаре, Лазаре,
море младо војниче!
Чиј са вија дворуве,
с бел босиљук митени,
с црвен стратор ринани?

Низ цела Македонија одејќи по куќите лазарките пееле песни за сите членови од семејството започнувајќи од најстариот. Нему му се пеело за синовите, снаите, внуците, за богатство и убави абери. На машките деца им се пеело за учење во манастир: „он го пратил за три години/ од се научил за три месеци“, на девојчињата им се пеело да се омажат за царевиот син, на ергените за грабење девојка, за женидба и убав живот. На девојка за мажење и се нагласувала нејзината работливост, се пеело за нејзините дарови, за свекорот и свекрвата, за деверите, золвите и јатрвите. Особено топли чувства се испеани во песните за невестите без деца. На мајките со мали деца, пак, им се пее за децата и тие се споредуваат со Сонцето:
Угреале две сонца, е Лазаре,
у мајкини пазу’и, е Лазаре, у таткои скутои, е Лазаре. Не ми беа две сонца, е Лазаре, тук ми беа два сина, е Лазаре, мајка им и галеше, е Лазаре.

Лазарките секаде биле пречекувани со задоволство. Не пееле само во куќите во коишто имало скоро умрен. Во таа смисла Миленко С. Филиповиќ забележал дека во Скопско „не се дозволува да играт лазарки, ни мајмун, ни мечка пред куќата во која некој умрел.“

Евтим Спространов забележал дека во Охрид Лазара се празнувало Цветници, а во Струга во саботата. На Цветници пак, како и на Благовец раздавале цвеќиња, особено зеленика и дафино, кои се чувале пред иконата како свети нешата.

Во петроградското списание „Живаја старина“ во 1889 година објавени се повеќе обичаи и песни од Галичник запишани од Панајот Ѓиноски меѓу кои и такви што се изведувале на Цветници. „Цветници ја наречуваме Цветоносна недела, т.е. неделата што е пред Велигден. Утрината рано помладите невести ќе се променат во нова промена до тога необлечена, ќе си клает нов сокај и преврзок на глава или на чело и дарпна врзана и заедно со сфекрвите си, ќа си поет в цркоф на причесна. Напред требит да се причестит дете 3-5 годишно, пак по него невестата. Ако немат свое дете куќно ќе земет од некоја роднина, а без дете не се причестуват невестата, така гледает. В црков раздавает цвеќа (над кое пејана молитва) на сите, зато се таја недеља наречуват цветна.“
И во Скопско на Цветници се одело во црква од каде секој земал китка цвеќе, ја ставал во појас и ја носел цел ден. Во селата на Скопска Црна Гора тој ден се раздавал здравец, а по службата во црквата жените служеле баница, погача, ракија и слично.

Во гостиварското село Вруток на празникот Цветници се одело на цвеќе. „Напред по цвеќе одевме на Цветници во местото што се викат Бука. Таму беревме каќунки, петопрс, здравец и други цветќа. После се враќавме назад и се допиравме ке чешмата на Ласко-Равен. Туе ќе си ручавме посно јадење: риба, маслинки и друго. Нестите и дејките ќе го китеа зравецот и другото цвеќе. После ќе пеевме, оро ќе тргаа нестите и ќе си пеа, а мие машките-ергените и младоженците гледавме како играат. И мие машките игравме само ко имаше т’пан.“

Во Струга Лазара се славело три дена и тоа: петокот, кога се навестувал празникот, саботата – „Дај ми пара Лазаре“ и неделата – Цветници или „Вијур, вијур Гајдано.“ Празникот се најавувал на тој начин што во петокот малите деца до седум-осум години, носејќи шарени стапчиња (со три бои) оделе кај роднините. Во саботата на Лазарева сабота, девојките во групи од три до пет во групата, облечени во народна носија како невести и со венчиња на главата излегувале на улица на минувачите им го попречувале патот и им пееле соодветни песни. Неделата пред Велигден освен Цветници се вика и „Вијур, вијур Гајдано“. Тогаш машки деца на возраст од околу десетина години облечени во стара облека, маскирани, со кожи префрлени преку нив, со ѕвонци и други реквизити одат во посета на куќите. Притоа групата поред секоја куќа пеела:
Вијур, вијур Гајтано, кој те тебе развива,
на вечерина на вода. Гајтанот ти ѕунеше,
како на маска опашка. Леле леле Лазаре,
кога дојде помина, со устата пеевме,
со чевлите тропавме, со раце се држевме,
Да е жив стопанот, да е жива стопанката.

Потоа се благословувало со овие благослови: За (име на машко) една невеста. За (име на девојка) еден зет. Амин. За многу години, здрави и живи, порадосни и повесели. Момчињата од групата носеле, торби, дисаѓи или кошници во кои ги собирале даровите. Потоа си ги делеле. Ова се сметало за специфичен струшки маскенбал.

Интересен обичај што се изведувал на овој ден е обичајот Кошкање на децата. Во минатото на овој обичај му се посветувало големо внимание. Ги кошкале сите деца што биле родени меѓу двете Лазареви саботи, што значи деца до една година. Ги кошкале дури и децата што имале по неколку дена. За овој обичај секоја мајка месела погача наутлија. Откако ќе ги испееле сите лазарски песни лазарките застанувале во збиен круг, мајката им го давала бебето, тие го прифаќале и со кревање горе-долу неколку пати си го подавале една на друга, го кошкале така до три пати и за тоа време пееле:
Имаш мајка, имаш татко, гајтане мој, гајтане мој,
од капата една пара, гајтане мој, гајтане мој.
Ем с’с мајка, ем с’с татко гајтане мој, гајтане мој.

Откако ќе ја испееле песната три пати, едно од девојчињата „со мајка и со татко“ (што значи да не е сираче) застанувало насреде во кругот, а една постара жена обично свекрвата ја земала погачата, ја раскршувала над главата на детето и едната половина им ја давала на лазарките, а другата половина ја земала мајката и ја раздавала на роднини и пријатели за здравје на детето.
Колку и да се врзани со настаните со Христово влегување во Ерусалим обичаите и песните поврзани со празниците Лазарева сабота и Цветници се поврзани и со пролетта, со појавата на цвеќето, а посебно лазарските песни содржат пред сè семејни мотиви желби за напредок на поединецот и семејството.

Тропар
Лaзарева Сабота 
(Свети Лазар)
Христе Боже, за да не увериш во општото воскресение, пред Твоите страдања, го воскресна Лазара од мртвите. Затоа и ние, носејќи како децата знаци на победата Ти викаме Тебе, Победителу на смртта: Осана во висините! Благословен е Оној што иде во името Господово!
Шијат, шијат терзии, е Лазаре,
на високи дивани, е Лазаре,
игли им се кршеа, е Лазаре,
во море и фрлаа, е Лазаре,
мостои се праеја, е Лазаре,
да минат лазарките, е Лазаре,
шчо сет морни, уморни, е Лазаре,
везден дена шетале, е Лазаре,
везден оро играле, е Лазаре,
играло се Лазаре, пејало се,
дур до века Лазаре до амина.