Tag Archives: Христос

ВЕЛИКИ ПЕТОК – Станете да одиме по патот на страданијата, само не плашете се!

Велипеток е денот на Христовите страданија. Тие започнуваат уште ноќта, во Гетсиманија. Затоа гетсиманските настани ги вбројуваме во Велипеток. Тие се случувале доцна во ноќта – по полноќ. Според европското мерење на времето – во петок. Патем, од собата на Тајната вечера до Гетсиманија, Христос продолжил со Прошталната беседа и ги поучувал апостолите (Јован 15 и 16 глава). За да биде поуката разбрана и запометена, го посочил примерот со лозата и лозовата прачка која дава плод, ако е на лозата, а не кога е отсечена од неа. И рекол: „Без Мене не можете да направите ништо“, но „ако Мене Ме гонеа, и вас ќе ве гонат“, а утехата е во „Утешителот, Кого што ќе ви Го испратам Јас од Отецот, Духот на вистината…“. „Во светот ќе имате маки; само не бојте се, зашто Јас го победив светот.“ По овие зборови, Христос завршил со поуката и ја започнал Молитвата во Гетсиманија. Страдањата од Велики Петок почнуваат во Гетсиманија.

Гетсиманија – молитва и страданија

Господ Исус Христос вообичаено се молел насамо, давајќи ни пример и нам за индивидуалната, лична молитва. Многу е значајна Неговата молитва во Гетсиманија пред да биде фатен и изведен на суд, а потоа, неправедно осуден на смрт, измачуван и распнат (Марко 14,32-42; Матеј 26,36-46; Лука 22,39-46; Јован 17 глава). Он, бидејќи Бог, знаел сè што ќе се случува, но затоа што бил и вистински човек, Неговата човечка природа, во Гетсиманија, ја преживеала Голгота. Спасението на човечкиот род не би било извршено без Неговата молитва во Гетсиманија, во која кулминирале Неговите душевни страдања за нас и место нас; страдања предизвикани само од нашите гревови и претрпени заради нашите гревови – за гревовите на сите луѓе од сите времиња, а кои Он како Богочовек доброволно ги примил врз Себе. Пред жртвениот подвиг на Голгота, Спасителот бил во неискажливи маки во Гетсиманија. Таму жалел со жалостите и умирал со смртта на сите луѓе, молејќи Му се на Отецот, и тоа пред Своите тројца најверни ученици: Петар, Јаков и Јован, како што предвидувал Законот – двајца или тројца сведоци (5. Мој. 19,15). Тие биле сведоци за Неговите искупителни, душевни страдања, а пред нив Он и се преобразил (Матеј 17,1-2) и во нивно присуство ја воскреснал Јаировата ќерка (Лука 8,51). Христовото тагување и страдање во Гетсиманија е израз на човечката природа во Богочовекот. Неизмерни биле Христовите страдања во Гетсиманија, бидејќи неизмерна била и грешноста на луѓето, која Он ја зел врз Себе и Му предизвикала големи болки. Големи биле Неговите гетсимански маки, бидејќи во Него и преку Него плачела и барала спасение целата човечка природа. Вообичаено, во Христово време, на Исток, а особено меѓу Евреите, луѓето се молеле стоејќи, со подигнати раце кон небото (1.Тим. 2,8; Лука 18,11 и 13). Овде се вели, Господ Исус Христос „падна на земја и се молеше“. Молитвите и молењата со приклонети колена на земја, биле израз на духовна тежина и внатрешна борба и тие биле ретко практикувани (спореди: 4. Мој. 16,22).

Евангелистот Лука ја покажува психолошката-духовна борба и реакцијата на телото со изобилство на пот и капки крв, како израз на тешката душевна борба. Дека Спасителот во Гетсиманија многу пострадал заради гревот на сиот човечки род и тоа со страданија какви што не страдал никој, сведочи и евангелскиот опис дека „потта Му била како капки крв“. Тоа го предизвикала човечката природа во Христа, која сосема природно реагирала во моментот на предавството, фаќањето, врзувањето, бичувањето, плукањето, страдањето и смртта. Сето ова било појако изразено во Неговата човечка природа, зашто Господ Исус Христос знаел сè што Го чека, а тоа и го предрекол пред Своите апостоли (Марко 10,32-34). Он знаел за сето тоа и за сè што ќе се случи од Гетсиманија до Голгота – до Неговиот последен крик на крстот: „Се сврши!“ (Јован 19,30). Со истите зборови и во Гетсиманија рекол: „Свршено е, дојде часот; еве, се предава Синот Човечки во рацете на грешници“ (Марко 14,41). Предавникот бил сосема близу. Хрисос рекол: „Станете да одиме! Еве, наближи оној што Ме предава.“ Тоа не значи да бегаме, туку да се сретнеме со непријателите; да тргнеме по долгиот пат; да одиме по патот на страданијата – до Голгота!

Христа Го фаќаат во Гетсиманија

Јуда излегол од Тајната вечера, се откажал од Христа и од апостолството и отишол да Го предаде својот Учител. Штом дознал каде ќе ја поминат ноќта, веднаш заминал, за да им каже на оние што сакале да Го фатат Исуса. Кај нив почекал некое време, додека дојдат Христос и апостолите на договореното место, а можеби чекал и да настапи длабока ноќ, кога апостолите би заспале и не би можеле да дадат отпор. Такво е лукавството, „зашто синовите на овој свет во својот род се подосетливи од синовите на светлината“ (Лука 16,8). Јуда со себе повел и многу народ со мечеви и стапови, испратени од првосвештениците и книжниците. Значи, со него била една вооружена чета, од таканаречената полиција на храмот, која ја сочинувале одредени помошници во храмот: млади свештеници и штитеници на јудејските старешини и книжници.

Велиме дека имало и млади свештеници или помошници на првосвештеникот, иако во евангелскиот текст тоа не е речено така, но заклучуваме од зборовите дека луѓето биле вооружени „со мечеви и со стапови“, а на првосвештениците и на нивните слуги не им било допуштено да носат мечеви и, во буквална смисла на зборот, им било забрането да пролеваат крв. Тоа значи дека тие биле оние – вооружените со стапови, бидејќи не смееле да носат мечеви, како другите. Збунува и тоа дека Јуда допуштил овие луѓе да доаѓаат вооружени со „мечеви и стапови“ за да Го фатат кроткиот Господ Исус Христос. Но, тој ја знаел ревноста на апостолите и очекувал да Го бранат својот Учител и Господ. За тоа сведочи и реакцијата на светиот апостол Петар, кој извадил нож и им се спротиставил (види: Јован 18,10-11; Матеј 26,50-51; Марко 14,47). Затоа, Јуда навреме обезбедил вооружени луѓе кои непречено ќе Го фатат Господа Исуса Христа. Се погрижил и за тоа, да не се случи недоразбирање и да не фатат погрешен човек, во ноќната темнина. Затоа, договорено било жртвата да им ја покаже со целив и со поздрав на својот Учител, велејќи Му „Радувај се, Рави“. Тоа бил вообичаен однос и поздрав меѓу учениците и Учителот. А бакнежот бил сметан за целив на мирот. „А Исус му рече: ,Пријателе, зошто си дошол?‘ “ Ова се Христовите последни предупредувачки зборови кон Јуда за да се покае и затоа му вели: „Пријателе“. Јуда, пак, со своето духовно слепило и безумие, сакал преку целивот да ја сокрие од Господа својата намера, лажно, претставувајќи се како пријател. Но, „ти, ако си пријател, зошто доаѓаш со непријатели“, вели блажени Теофилакт. Неговото лукавство е бесмислено. Тој не сфаќал со каква вечна осуда се осудил себе си, за тоа што токму знакот на љубовта – целивот го употребил за предавство.

Ова претставува најгрубо искривоколчување на најголемата добродетел – љубовта. Ова е демонско применување на доброто за зло. Знакот на љубовта Јуда го употребил за да ја затвори вратата на рајот, место да ја отвори. Навистина збунува тоа, како било можно Јуда три и пол години да биде апостол и близок „ученик Христов“, еден од дванаесетте, кој постојано ги слушал зборовите Господови и ги следал Неговите чуда, а на крајот, да се оттргне и да Го предаде. Ова предавство на Господа се повторува многупати низ времињата и после Јуда, од многумина христијани. Секое отстапување од Христа, претставува предавство и христоодрекување. Затоа, и ние треба да се запрашаме како апостолите, кога Исус им рекол: „еден од вас ќе Ме предаде“, па да велиме: „да не сум јас?“ (Марко 14,18-19). Ноќта Христос бил фатен, врзан и одведен на суд пред Јудејското собрание (Марко 14,43-49; Матеј 26,47-56; Лука 22,47-53; Јован 18,3-12).

Најпознатата статуа во Бразил на Христос Спасителот осветлена во спомен на жртвите од земјотресот во Турција (Фото)

Статуата на Христос Спасителот во Рио де Жанеиро, Бразил, беше осветлена во спомен на оние кои ги загубија животите во земјотресите во Турција и Сирија. Пораки беа вклучени и во статуата, која беше облечена со турски и сириски знамиња.

Илјадници луѓе загинаа во земјотресите што се случија на 6 февруари во областите Пазарџик и Елбистан во Кахраманмарас.


Напорите за пребарување и спасување, кои продолжија 12 дена, беа заменети со отстранување на остатоци.

Додека сè уште има области каде што се очекуваат чуда, светот не молчи пред катастрофата на векот.

По земјотресите, во кои беа повредени илјадници луѓе, Турција стана едно срце.


Додека многу земји ја поддржуваа Турција испраќајќи тимови, оние кои дојдоа спасија десетици животи под урнатите згради.

Toj ни ја подари и ја почитува нашата слободна волја, можноста во слобода да Го избереме и да извикаме кон Него

„За да се отвори вратата за пасхалното просвештение има еден клуч: нашата добра волја. Самите треба да посакаме. Како разбојникот на крстот кој посакал да биде со Христа. Иако во ужасната драма на Голгота тој бил праведно осуден, заедно со другиот разбојник од левата страна, сепак, во сиот тој страотен метеж и агонија, постапил благоразумно, богољубиво, го пронашол вистинскиот пат. Го познал Христа, распнатиот до него, Го исповедал како Бог и побарал живот вечен.

Мили мои, во метежот во кој денес се наоѓаме, обиколени од лажните надежи и залудните конформистички трки, да Го побараме, подобно на разбојникот, Христа распнатиот и воскреснатиот и да Му повикаме: ‘Спомни си за мене, Христе, во Царството Твое.

Просветли ме и благослови ме!’ И Тој нема да нè остави, бидејќи е Бог Кој доброволно избра да пострада за нас, да биде распнат и да воскресне. Тој не е тиранин што сака да владее над нас со сила. Самиот ни ја подарил и ја почитува нашата слободна волја, можноста во слобода да Го избереме и да извикаме кон Него: ‘Те љубам Христе, дојди во моето срце и просветли ме!’“
† Старец и Епископ г. Партениј Бигорски

ГОЛЕМ ПРАЗНИК: Преображение ХРИСТОВО – тој ја покажа Славата на своето БОЖЕСТВО

Празникот Преображение Господово спаѓа во големите празници што ги празнува Светата Христова црква, но тој и со поголемиот број обичаи и верувања има значајно место во животот на нашиот народ, така што во целокупното празнување на овој празник следиме повеќе слоеви на народната култура.

На Преображение за пат пат се јаде грозје или друго овошје откако свештеникот ќе го отпее и благослови. Тоа претставува и благодарност кон Бога за дадените плодови на земјата.

Третата година откако започнал да го проповеда своето учење Исус им зборувал на своите ученици дека наскоро ќе се случат важни работи. Им раскажувал, дека тој ќе биде мачен и распнат, дека ќе умре и ќе воскресне. Учениците не можеле да поверуваат синот Божји така да страда и да умре. За да не се исплашат и разочараат кога тоа ќе се случи Исус решил да им покаже како тоа ќе изгледа. Повел тројца апостоли: Петар, Јаков и Јован на планината Тавор. Се поставува прашањето зошто Исус повел само тројца од своите апостоли да го видат Преображението, а не сите. Се смета дека тоа е направено зашто Јуда како иден предавник не бил достоен да го види тој чин. А да го изоставел само него, тој подоцна ќе имал оправдување за предавството. Кога пристигнале на ридот Тавор апостолите изморени од патот веднаш заспале, а Исус започнал да се моли. Одеднаш лицето почнало да му свети како сонце, а и облеката му станала бела, како снег. Тогаш се појавиле и двајцата старозаветни пророци Мојсие и Илија. Кога се случило преображението апостолите се разбудиле и виделе како Исус разговара со пророците за тоа што наскоро ќе се случи во Ерусалим, за мачењето и распнувањето за смртта, и воскреснувањето. Восхитен од таа глетка св. апостол Петар извикал, „Господи, добро е да бидеме овде и ако сакаш да направиме тука три сеници: една за тебе, една за Мојсеј и една за Илија“. (Мат. 17, 4). Тогаш, уште додека Петар зборувал, старозаветните пророци исчезнале, а нив ги прекрил светол облак, и од облакот се слушнал глас: „Ова е мојот возљубен Син, во кого е мојата волја; него послушајте го!“ (Мат. 17, 5). Тројцата апостоли паднале на земјата, а Исус ги допрел и им рекол: „Станете и не бојте се!“ Кога станале не виделе ништо освен Исус онаков каков што бил пред преобразувањето. Тогаш Исус пак им рекол: „Никому не кажувајте што видовте додека Синот Човечки не воскресне од мртвите“. (Мат. 17, 9) Се поставуваат уште неколку прашања во врска со овој настан од животот на Исус на земјата. Зошто преображението е изведено ноќе, зошто тоа е направено на рид, а не во некоја долина и зошто тука се појавиле старозаветните пророци Мојсеј и Илија? Прво Преображението е изведено ноќе затоа што ноќта е попогодна за молитва од денот, потоа ридот е избран затоа што симболизира труд, човекот треба да вложи труд за да се искачи на висина, а висината ја симболизира и висината на нашите мисли т.е. богомислието. И уште нешто: „Во старата епоха било обичај сите големи настани да се случуваат на повисоко место, на високи планини, како што правеле и идолопоклониците, коишто на планини ги принесувале своите жртви. Христос го покажжува величието на Својата слава на гората Тавор, бидејќи објавувањето на обожувањето на човечката порирода е најголем настан во историјата на човештвото“. И уште тука се појавиле Мојсеј и Илија затоа што постоеле некои зборувања дека Исус е некој од пророците Илија или Еремија. Вака тој се претставил како цар на пророците, а Илија и Мојсеј како негови слуги. На ридот Тавор, Исус ја покажал својата Божествена природа, а тоа требало да им послужи на учениците за потсилување на вербата во деновите на неговите страдања.

Во спомен на овој настан, Светата црква го востановила празникот Преображение Господово што се празнува секоја година на 19/6 август, за време на Богородичините пости, пред празникот Успение на Пресв. Богородица (Голема Богородица.)

На иконите, овој настан е претставен така што Исус стои на врвот на планината во бела облека, од десната страна е пророкот Мојсеј со таблицата со законите, а од левата страна пророкот Илија. Долу се апостолите паднати ничкум, а со рацете ги заштитуваат очите од силната светлина што зрачи од Исуса.

Треба да се истакне и тоа дека Преображението Христово на планината Тавор се случи непосредно пред неговите страдања. Според некои овој настан се случил точно четириесет дена пред да пострада, односно пред да биде распнат. Впрочем, целта на Преображението беше да се утврдат учениците во верата дека Он е Синот Божји и да не се поколебаат од тоа што ќе го видат во тие денови. Според ова тврдење и Преображението треба да се празнува заедно со Велигден или непосредно пред него. Но бидејќи тоа време се совпаѓа со Велигденските пости кога не се празнува торжествено, празникот е пренесен на 6 август (с.с.) Овој датум не е случаен, бидејќи е четириесет дена пред празникот на Воздигањето на чесниот крст (14 септември) којшто е како Велики Петок.

Зборот значи менување на формата. И Христос во тој момент ја промени формата со одредена цел. „Христос во тој час се преобрази, но при тоа не прими ништо што го немаше, ниту се претвори во нешто што не беше, туку на своите ученици им го објави тоа што Он е. Всушност, кога зборуваме за преображение, мислиме на тоа дека ја покажа славата на Своето Божество, што го држеше невидливо во видливото тело, бидејќи луѓето не можеа да се соочат со тоа.“

Според народното верување тогаш за прв пат во годината се бере грозје и се носи во црквата каде што свештеникот по молитвата го благословува. Во краишта каде што нема грозје се осветуваат други плодови како јаболка, сливи и сл. Овој чин претставува и благодарност кон Господа за сите природни дарови на земјава. На Преображение во црквата се дава нафора и грозје. Тоа не е нафора во вистинската смисла на зборот, туку само благодарност кон Господа за плодовите.

Во народот постојат повеќе верувања поврзани со овој празник. Поради заладувањето на времето се верува дека на тој ден се преобразува природата. Лисјето на дрвјата почнуваат да венеат, а и водата станува студена поради што на Преображение луѓето за последен пат се бањаат во реките.

Марко Цепенков забележал дека до Преображение нефела да се јадит грозје дури не се пеит од попот и дури не раздаиш по комшии. Ова верување во врска со зајадувањето грозје во Скопје го запишал и К. Шапкарев: „До Преображение никој грозје не јаде како и во Охрид. Тогаш ќе однесат в црква и откако ќе го чита свештеникот со молитва слободно е за секого да јаде грозје“. И во Кумановско на овој ден прв пат во годината се берело и јадело грозје. Рано наутро се одело во лозјето каде се береле неколку убави гроздови кои се носеле во црквата да се „очати“, а потоа се раздавало за да се роди повеќе. Во Гевлелиско, како што запишал Стефан Тановиќ, уште спроти празникот децата ги миеле кошниците, зашто било обичај секој да оди во своето лозје и да набере грозје. Вечерта спроти празникот жените оделе во црквата каде што носеле варена пченица и литургија, а утрото на самиот празник пак оделе во црквата и носеле варена пченица и грозје „поп да гу пеје“. И овде се верувало дека пред празникот не треба да се јаде грозје и друг емиш, зашто е греота, а по празникот откако ќе се отпее од свештеникот може да се јаде.

Со Преображение е поврзано и верувањето дека ноќта спроти празникот небото се отворало како на Богојавление, се јавувал Бог и на сите што будни ќе го пречекаат тој миг им ги исполнувал желбите. Кон неколкуте приказни што раскажуваат за случки поврзани со тоа верување, слушани од баба му Арса Стрезова, К. Шапкарев го запишал и следново верување: „Веруваат дека на Преображење Господне или ноќта спроти 6 август, а како што велат други спроти Водици, секоја година се отворало небото и тога се поклонвеле дрвјата со врвовите до земја. Во тој момент кога ќе бидело небото отворено, шчо да посакал чоек од Бога, Господ ќе му даел. За докажвање вервањето оти је вистинско, простијот народ прикажвит некој приказни, и ʼи вервит како сосем вистински“.

Во врска со овој празник Д. Матов забележал дека во Велес се верувало оти „ноќта спроти Преображење се јавуе на небото Божја врата, се отвора небото, сам Господ се јавуе. Кој шчо је праф човек, може да је види Божја врата и, шчо да посака, му дава Госпот, ама вратата стои малку време отворена. За това мајките им викаат на децата да не спијат и да чекајат да ја видат Божја врата. Им прикажујат и приказната за тој шчо рекол: „Дај ми, Боже еден шиник глава“, место да рече: „Дај ми Боже еден шиник пари“ – и шчо му пораснала главата колку еден шиник та не можел да си ја извре главата од пармаклʼците, дури не ѓи искршиле“.

Интересни верувања од Охрид поврзани со овој ден забележал Ефтим Спространов. Тој сведочи дека спроти празникот „Преобрʼжеʼјне се отворало небото и било светло како оган“. Спространов, исто така, ги споменува верувањата за поклонувањето на дрвјата и за исполнувањето на желбите од страна на Господ и посебно укажува на приказната за тој што наместо осмак пари посакал осмак глава и за некој човек што го врзал телето за некое дрво кое во тој миг било наведнато па утрото го нашол обесено на врвот. Е. Спространов, уште забележал дека на овој ден во Студенчишта кај Охрид се собирале штрковите пред да заминат во потоплите краишта. „На Преобрʼжеʼјне си одет штркојте и ластојците. Кʼде Студенчишта се берет со стотини околу еден црн штрк, дури ќа поцрнит полето. Неколку дена викет, кревет ѓурултија после ќе летнит црнијот штрк и сите по него ќе летнет. Црнијот штрк како цар да им је, како војвода“.

Очигледно празникот Преображение на Господ Исус Христос има длабока смисла во животот на нашиот народ. Еден важен период од годината кога и времето се преобразува, заладува и тргнува кон есента оставало впечаток и во свеста на нашиот народ па така нашло место и во неговите верувања и во народните умотворби.

Тропар


Свето преображение на Господа Христа
Христе Боже, си се преобразил на планината, покажувајќи им ја на Твоите ученици славата Твоја, колку што можеа (да видат). По молитвите на Богородица и на грешните да нè осветли Твојата вечна светлина. Слава Тебе, Дарителу на Светлината. (Подготви Марко Китевски)

Воскресение Христово – Светол Вторник

Откако слугите на првосвештениците израилски го фатија Исус и Го предадоа на Пилат со барање да биде распнат, а Пилат за да им угоди конечно така и пресуди иако не Му најде вина, Господ пострада со смрт на Крст.

Висеше меѓу двајца разбојници, од кои едниот Го похули а другиот Го прослави, спасувајќи се со ова себеси за живот вечен. Во оној страшен миг неговите ученици се разбегаа како што Самиот им предрече; освен апостолот Јован Заведеев и мајка Му под Крстот, малку подалеку стоеја и неколку жени коишто последните години Му служеа со своите имоти.

Покрај Него тогаш немаше други, освен непријателите и минувачите во неверие. Евангелието подробно пишува за смртта. Потоа Јосиф од Ариматеја, кој Му беше ученик, се осмели и го побара од Пилат телото за да го погребе. Го положија во еден нов гроб којшто Јосиф го имаше скроено во карпа. Го затворија влезот со камен и заминаа.

За воскресението дознаа во мугрите во неделата, кога оние верни жени појдоа со миризливи масла на гробот за да Го помазаат телото, кое не Го најдоа. Веста ја прими прва Марија Магдалина и побрза да им јави на апостолите и тие не и поверуваа. Петар и Јован самите се стрчнаа до гробот и го најдоа каменот одвален, а од телото лежеа оставени само повоите. По ова, кога се собраа заедно во куќата, Исус им се јави и разбраа дека воскреснал. Но им го отвори умот и за да ги разбираат Писмата. Им се јави и на Лука и Клеопа додека одеа во Емаус, но не Го препознаа веднаш. Срцата им гореа на сите.

Христос Воскресна! Навистина Воскресна! 🙏

Православните верници го слават најголемиот христијански празник Велигден- Христовото Воскресение, ден кога Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите.

Воскресението Христово точно на полноќ е објавено во сите храмови на Македонската православна црква.

Овој празник е спој на верата и традицијата, негувана од памтивек, а почнува на Велики четврток уште пред изгрејсонце кога домаќинките ги бојадисуваат првите црвени велигденски јајца.

Оваа црковна традиција потекнува од првиот век по Христа, односно тоа се практикувало уште во времето на светите апостоли – христови ученици и нивните наследници. За тоа ни сведочи Светото предание.

Велигденското јајце е старо колку и Христијанството и црквата го прифатила во својата традиција и практика како симбол на Христовото Воскресение.

Првите христијани и современици на апостолите почнале да бојадисуваат јајца и да ги подаруваат на Велигден, поздравувајќи се со радосниот поздрав Христос Воскресе! На тоа отпоздравувале: Вистина Воскресе!

Така поздравувајќи се, првиот ја соопштува веста за Христовото воскресение, додека вториот ја потврдува, а всушност и двајцата ја исповедуваат својата вера во Воскресението. Оваа практика и до ден денес е запазена во Светото Послание, па верниците со овој поздрав се поздравуваат се до Вознесението Христово, Спасовден.

Велика Сабота-Ден на Боготелесното погребение, животворниот и спасителен сон

Во светата и Велика Сабота го празнува боготелесното погребение и слегувањето во адот на Господа Бога и Спасителот Исуса Христа, преку Кого нашиот род беше призван и пријде во вечен живот. Сите дни ги надминува Светата Четириесетница, од целата света Четириесетница, најголема е Страстната и Велика седмица, а од Страстната седмица најголема е Великата и Света Сабота.

Не се нарекува велика седмица затоа што тие денови се поголеми или часовите подолги, туку заради великите и надприродни чудеса и дела на коишто нашиот Спасител ги изврши во неа, а најмногу во Великата Сабота. Како што во првото создавање на светот, откако го изврши секое дело, а најглавното последно – во шестиот ден го создаде човекот, во седмиот ден Он одмори од сите Свои дела и тој ден го освети нарекувајќи го сабота, што се толкува како „одмор“.

Така и сега, откако изврши сè извонредно, а во шестиот ден го пресоздаде изветвениот човек и го обнови со живоносниот Крст и со смртта, во следниот седми ден се упокои од извршените дела, заспивајќи со животворен и спасителен сон. Словото Божјо слегува со телото во гроб, слегува и во адот со Својата нетлена и Божествена душа, разделувајќи се во смртта од телото коешто го предаде во рацете на Отецот, Кому му ја принесе и Својата Крв, што стана избавување за нас. Во адот, Господовата душа не беше задржана како другите свети души, бидејќи Тој не подлежеше на прародителската клетва како тие. Се всели во гроб, нашиот Господ Исус Христос телесно и со Божеството.

Беше со разбојникот во рајот и во адот беше со Својата обожена душа. Натприродно и со Отецот и Духот седеше, како Бог неопислив секаде беше истовремено. Божеството не пострада во гробот, како што не пострада ниту на Крстот. И тление, односно разделување на душата од телото, претрпе Телото Господово, но распаѓање на телото – не.

Јосиф, пак, откако го зема светото Тело Господово, во погреба во нов гроб близу Јерусалим, во градина, и на влезот стави голем камен. Јудејците, пак, по петокот, пристапија при Пилата и му рекоа: „Господине, помниме дека оној измамник рече, додека беше жив, дека по три дни ќе воскресне, затоа сметаме дека е добро твојата власт да им заповеда на војниците да го запечатат гробот.“ Кога рече Христос „ќе воскреснам“? Можно е ова Јудејците да го заклучија од историјата за Јона. Пилат им одговори: „Ако бил измамник, зошто се грижите за Неговите зборови? Тогаш значи е умрен.“ Безумните велеа: „Ако го осигураш гробот, нема да го украдат.“

Пилат им заповеда сами со војниците да одат и да го запечатат гробот со свој печат, а не со туѓи стражари и туѓ печат, за да не излаже некој за Воскресението Господово. Адот, пак, е избезумен бидејќи чувствува голема сила: заради неправедното примање на Христа, тврдиот и аголен камен, ги изблу и сите мртви кои од памтивек ги држеше во својата утроба и ги имаше за храна.