Tag Archives: КОВИД

Ако на луѓето им викате да носат маска на нива и во планина ама во кафана да ја симнат, како после да не веруваат дека нè прскаат од авион?

Доктор Никола Пановски распали на панел дискусија во врска со нелогичностите на мерките за Ковид вирусот, пренесува Оф нет мк.

Поважно беше да се збогатат приватните болници, приватните лаборатории. Нечуено е две години да не потпишете договор со приватни лаборатории за ПЦР тестови. Тоа е скандал.

Многу работи има со кои ни студент не би поминал на испит со такви ставови. Не можеш да одиш со ставови дека маска требало да се носи на планина и на нива, а после во кафана да се симне. И после се чудат зошто луѓето викале дека нè прскаат. Друго објаснување нема ако ти носиш маска на нива или планина. Или она прскање улици во скафандери и слични работи.

Имавме катастрофа во Тетово која можеше да се избегне ако нè послушаа доктор Даниловски и мене во само една работа: да не  дозволуваат свадби на затворено. Ништо повеќе. Да не се додворуваат на онаа партија која видете каква катастрофа им направи на своите граѓани. 

И кога министерот даде оставка, премиерот рече не е време во пандемија да даде оставка. За после, здравството, во ек на пандемија, да го преземе партија која „а“ нема кажано за здравство. Тука заврши муабетот.

Или ако јас на 18 ноември излегувам и им викам дека во ноември 72.000 луѓе примиле сумамед и дека е препишан на 40.000 осигуреници а тој месец има само 15.000 болни, и дека тоа трае цела година и прави огромна финансиска штета и дека се препишуваат дози кои се забранети – пазете, забранети! – и дека наши доктори тоа го препишуваат, им давам податоци за тоа од Фондот за здравствено осигурување.

На таков скандал, партијата реагира со некое партиско директорче од Фондот кој истражува кој ги дал податоците, како на татко му да се податоците.

Ним им е битно некој да не им го расипе имиџот за надвор. И кога мене ме сметаат за нивен непријател; ти им работиш без пари, им помагаш на граѓаните, даваш совети (иста е ситуацијата и со Даниловски)….

Тие чекаат на мои неполни 67 години да кажам како што ТИЕ мислат. Да си ја заборавам струката и да поплукам по неа.

Тоа не може. Не можам јас да кажам луѓе да се вакцинираат после 45 дена (од прележување – н.з.), за такво нешто студент паѓа на испит.

Антиваксери на Балканот имало отсекогаш, а сега преку социјални мрежи се засили тоа движење. Како на ова одговара светот, а особено ние? Наместо да се одговори со факти, искрено , транспарентно, секојдневно (да се види една реклама за вакцинација наместо оние реклами за простата кои ги одат десет пати на ден), од надлежните постои молк и целосно игнорирање на состојбата.

Се оди со излитен став „само вакцината е спас.“ И целосно го игнорираат природно стекнатиот имунитет. Тоа е нечуено, во историјата на медицината.

И сега имаме, на една страна антиваксери, а од друга страна вакцинални фанатици меѓу кои е и Комитетот за имунизација кој вика дека „ние силно веруваме дека вакциналниот имунитет е супериорен во однос на природниот“, притоа не ги интересираат ни бројки ни наука а нив ги слушаше досегашниот министер и досегашниот премиер.

И меѓу едните, антиваксерите, и другите, вакциналните фанатици, имаме исплашени и збунети граѓани.

Кога немаше вакцини, па кога дојдоа, кога викавме дека тоа е спас а не ги силувавме луѓето, тие масовно одеа да се вакцинираат во Србија. Кога почна силувањето на луѓето, без факти, одејќи дури и кон децата од две или пет години, имаме контраефект.

Луѓето гледаат и ги одмеруваат работите. Јас не можам да разберам дека месец и пол не можат да дознаат дали омикрон е поопасен или не е. Колку време треба за тоа, на илјадници пациенти? Еден умрел во Велика Британија на три ипол илјади луѓе, во Израел еден на 450. Што треба да се случи за да ни кажат дали е поопасен или не е?

Меѓутоа, знаат дека побрзо се шири и знаат дека трета доза е одлична за луѓето. Нејасно од каде дознаа дека третата доза е одлична, кога за тоа треба повеќе време отколку да се дознае колку варијантата е опасна. Човек од СЗО кажа и дека луѓето во Јужна Африка не може да ги споредуваме со други бидејќи таму имало многу голем природно стекнат имунитет (??) Замислете ја сега вие таа реченица. А народот гледа. Ама затоа во земји кои имаат 90% вакцинација, ова ќе било многу опасно….

Затоа, заклучок, вакцинирајте се! Е ај сега разберете го вие тоа? Кај што има само 20 посто вакцинирани минале лесно, кајшто има 90% е опасно и викаат вакцинирајте се со трета доза.

„Најверојатно ќе треба и четврта доза од вакцината против Ковид-19“

До март се очекува да биде готова вакцината која ќе штити од новиот сој омикрон.

Директорот на фармацевтската компанија Pfizer, Алберт Бурла, истакна дека вакцинирањето со четвртата доза од вакцината против коронавирус може да се случи многу порано од очекуваното.

Тој во изјава за CNBC рече дека прелиминарните податоци од истражувањето покажуваат дека вакцината на Pfizer/BioNTech не обезбедува заштита од сојот омикрон.

Бурла го изјави ова откако Pfizer рече дека три дози од вакцината го зголемуваат имунитетот против новиот сој. Од Pfizer известуваат дека ќе направат вакцина која ќе биде ефикасна против сојот омикрон до март следната година.

-Ќе направиме истражување за тоа каков имунитет се добива со вакцинација со три дози и колку долго трае. Мислам дека ќе биде потребна вакцинација и со четврта доза. Меѓутоа, треба да почекаме малку. Можеби ќе треба да реагираме брзо, рече директорот на компанијата Pfizer.

Двајца Македонци ТРЕТ ПАТ прележале Ковид-19

Двајца македонски граѓани по трет пат добиле Ковид-19. За вториот потврден случај пријавата во Институтот за јавно здравје пристигнала вчера и се уште е во тек епидемиолошката анкета. Според информациите од ИЈЗ, едниот примил две дози на вакцина а другиот е со статус невакциниран.

– За едниот е готова епидемиолошката анкета и станува збор за лице со бубрежна болест што оди на дијализа со намален имунитет и по трет пат се заразува, вели Драган Кочински епидемиолог во ИЈЗ.

Освен двата случаи кои по трет пат добиле позитивен тест, досега се регистрирани и 964 реинфекции и според епидемиолозите ги има од сите возрасни групи и со и без коморбидитети.

Од анализите што ги прават во Институтот за јавно здравје повеќе заболуваат жени од мажи, но поголем ризик од смртен изход има кај посилниот пол. Од ИЈЗ досега не проверувале во примероците дали е присутен омикрон во земјата и тоа ќе го прават со следното истражување. Во светот пак новата варијанта веќе ја има во повеќе од 50 земји а се повеќе случаи привајуваат и во Европа.

– Од случаите во Европа станува збор за лица што патувале но има и пријави за локална трансмисија. Засега не ги знаеме сите особености на вирусот како и колку се ефикасни вакцините, вели Михаела Хегерман од Регионалната канцеларија на СЗО во Европа.

И додека чекаме колку е опасен Омикрон, следната недела мисија на СЗО доаѓа во земјата за увид во модуларните болници. Но засега не се знае дали тоа е поврзано со пожарот во тетовската модуларна во која загинаа 14 пациенти.

Ова се симптомите на новата МУТАЦИЈА, светот се затвора заради новиот сој

Д-р Анџелик Коици, првата докторка во Јужна Африка која ги предупреди властите за пациентите со новата варијанта на коронавирусот – омикрон, изјави за британски „Телеграф“ дека симптомите на новиот вид се необични, но благи.

Д-р Коици истакнала дека првпат забележала дека е можно да се појави нова варијанта кога во ноември во нејзината приватна ординација во Преторија почнале да доаѓаат пациенти со симптоми на ковид-19 кои на почетокот немале смисла, пишува британски „Телеграф“.

Меѓу нив имало млади луѓе од различно потекло и националност кои се пожалиле на чувство на интензивен замор, но и едно шестгодишно дете кое имало многу забрзан пулс. Сепак, ниту еден од нив немал губење на сетилот за вкус или мирис.

„Нивните симптоми беа толку различни и поблаги од оние што порано сум ги лекувала“, рекла д-р Коици, општ лекар со 33-годишно искуство.

Кога на 18 ноември четворица членови од едно семејство биле позитивни на тестот за ковид-19, а од симптомите имале само целосна исцрпеност од симптомите, таа го информирала советодавниот комитет за вакцини за исходот.

Д-р Коици истакнала дека околу две десетини од нејзините пациенти се позитивни на коронавирусот со симптомите на новата варијанта. Главно, тоа биле здрави мажи кои кај неа доаѓале жалејќи се на „неопислив замор“. Таа додала и дека приближно половина од нив биле невакцинирани.

– Имавме еден многу интересен случај, дете на околу шест години, со температура и многу висок пулс. Прашав дали треба да го хоспитализирам. Но, кога го испратив случајот два дена подоцна, беше многу подобро – раскажала докторката.

Д-р Коици нагласила дека сите нејзини пациенти сега се здрави, но е загрижена дека варијантата омикрон би можела лошо да влијае на постарите луѓе, со придружни болести, како што се дијабетесот или срцевите заболувања.

„Она за што сега мора да се грижиме е дека кога постарите, невакцинирани луѓе ќе се заразат со новата варијанта, ќе видиме многу луѓе со тешка форма на болеста“, рекла таа.

Варијантата B.1.1.529, наречена омикрон, првпат беше идентификувана во Боцвана на 11 ноември, а досега е откриена во Јужна Африка, Велика Британија, Израел, Холандија, Белгија и Хонг Конг. Тоа е најмутираната форма на ковид-19 досега откриена, со 32 мутации во спајк протеинот (шилецот), а научниците се загрижени дека мутациите би можеле да овозможат да ги избегне постоечките вакцини (односно тие да бидат помалку делотворни) и брзо да се шири..

Судејќи според она што го рекла д-р Коици од Јужна Африка, првиот и основен симптом е огромен, неопислив замор, а потоа појава на температура и забрзан пулс.

Поради омикрон многу земји од петокот воведоа нови рестрикции за патување, а фармацевтските компании се во трка за да утврдат дали новите вакцини против ковид-19 се ефикасни. Научниците велат дека ќе трeба неколку недели за да се дефинира типот на болеста што ја предизвикува новиот сој, да се утврди колку е заразен и колку е проширен.

Некои забележуваат дека и други варијанти, како бета, прво беа откриени во Јужна Африка, но со време ги замени делта. Делта сојот останува доминантен во светот, но уште не се знае дали омикрон ќе може да надвладее.

Но најголемото прашање останува дали ќе издржи заштитата на вакцините – скоро 8 милијарди дози се примени во цел свет. И дали оние кои прележале ковид ќе бидат имуни од зараза со омикрон? Експертите не знаат и дали омикрон ќе предизвика потешка или полесна форма на болеста од другите соеви. Но, научниците немаат дилема дека вакцинацијата треба да остане приоритет, оти сепак ќе дава заштита до извесен степен. Исто така, секој треба и понатаму да носи маска, да избегнува гужви, да ги проветрува просториите и да мие раце.

Светската здравствена организација (СЗО) официјално го именуваше новиот сој омикрон, и соопшти дека има многу мутации, а првичните сознанија сугерираат зголемен ризик од реинфекција. Првичните студии покажуваат дека степенот на репродукција на омикрон е 2 – што значи дека секој заразен ќе го пренесе на уште двајца. Но омикрон има над 30 мутации во делот на вирусот кој што го напаѓаат постоечките вакцини. Експерименталните антивирусни таблети, како паксловид на „Фајзер“ и молнупиравир на „Мерк“, ги напаѓаат деловите на вирусот кој не е сменет со омикрон, така што овие таблети може да станат уште поважни ако има закана за имунитетот стекнат од вакцините.

Д-р Мехмедовиќ: Новиот сој се шири и до 500 отсто повеќе

Новата мутација на коронавирусот наречена „омикрон“ има сериозни карактеристики коишто треба да бидат причина за нашата загриженост, вели за Канал 5, д-р Злате Мехмедовиќ, докторант по јавно здравје.

Прво и основно, пресметките се дека новата мутација „омикрон“ има висок степен на преносливост во однос на делта-варијантата. Ние досега сметавме дека многу долго време нема да може да се појави варијанта којашто ќе биде посилна од делта-варијантата, меѓутоа, новиот сој укажува на тоа дека преносливоста може да биде и повисока. Иницијалните пресметки што ги направи Институтот за молекуларна биотехнологија во Австрија, укажуваат на тоа дека омикрон-сојот може да биде и до 500 отсто попренослив од делта-сојот. Само да потсетиме дека делта-варијантата беше 60 отсто полесно пренослив од алфа-варијантата, а омикронот е 500 проценти попренослив од делта-сојот, објаснува д-р Мехмедовиќ.

Тој вели дека сè уште се разгледуваат карактеристиките од омикрон-варијантата, а една од карактеристиките којашто иницијално сè уште не е потврдена, е дека може да го избегнува и имунитетот стекнат од вакцините против коронавирусот.

СЗО на итна средба по појавата на новиот сој на коронавирусот во Африка

Светската здравствена организација (СЗО) денеска ќе свика итен состанок за новата верзија на СОВИД-19, регистрирана за прв пат во Јужна Африка.

Стравувањата на научниците се дека има голем број мутации и се многу поразлични од она што го сретнале досега.

Според експертите во Јужна Африка, токму новата варијација е одговорна за зголемувањето на бројот на заразени во земјата.

Вирусот веќе е откриен во Боцвана и Хонг Конг.

Се очекува СЗО новиот мутиран вирус да го именува со буква од грчката азбука.

Со парични награди, но и рестрикции Владата сака да ги мотивира административците да се вакцинираат

Владата на Република Македонија на денешната редовна 121 седница темелно и сеопфатно ги разгледала предложените мерки и препораки на Комисијата за заразни болести за интензивирање на КОВИД-19 вакцинацијата и за зголемување на бројот на вакцинирани граѓани во Македонија.

Тргнувајќи од неприкосновениот факт дека масовната вакцинација е најефикасен одговор за заштита од последиците и за спречување на ширењето на пандемијата со КОВИД-19, Владата заклучила да побара од Комисијата за заразни болести дополнителни анализи и компаративни студии за предложените мерки, но и предлози за дополнителни мерки за поттик за масовна вакцинација.

Во очекување на дополнителните анализи, Владата ги задолжи ресорните министерства и инспекциски служби да ги вложат сите капацитети и да ги зајакнат примената и контролата на спроведувањето на сите активни мерки за заштита од КОВИД-19, а особено на системот на проверка на сертификатите за вакцинација, ПЦР тестовите и потврдите за прележана инфекција со КОВИД-19 низ ригорозна проверка на идентитетот на лицата кои ги прикажуваат овие документи за пристап во објектите каде што е тоа задолжително, информираат од Владата.

Во насока на поттик за масовна вакцинација, Владата ги задолжи сите министерства, јавните претпријатија, акционерските друштва и агенциите во државна сопственост, да спроведат скрининг за да се утврди процентот на вакцинирани во државната и јавната администрација, како и да ги утврдат можностите за стимулација за поголем до целосен опфат со вакцинацијата, како и правната основа за рестрикции на правото на дежурства, прекувремена работа, службени патувања и други опции за дополнителни приходи за вработените во јавната администрација.

Владата ќе ги разгледа и употреби сите реални можности за економски стимулации, но и за рестрикции по однос на финансиски бонуси и друг тип на надохнади кои се надвор од основиците, со цел да ги мотивира и упати граѓаните кон единствената и најефективна мерка за заштита на здравјето и за спас на сопствениот живот од опасната пандемиска болест КОВИД-19.

На велешанецот ВАСЕ му е потребна нашата ПОМОШ

Васе е хоспитализиран во Жан Митрев клиниката со сериозна клиничка слика на Ковид19. Семејството повеќе не може да ги покрива трошоците.

Да бидеме солидарни и да помогнеме! Споделете!

Д-р Грозданова: Нема ризик по здравјето ако примите вакцина

Нема ризик по здравјето ако примите вакцина, а во моментот имате висок број на антитела, тврди Д-р Александра Грозданова, претседателката на Комитетот за имунизација за Канал 5 телевизија.

Според неа, антителата не треба да се проверуваат бидејќи дури и да ги немате не значи дека не сте заштитени, бидејќи вакцината создава и клеточен имунитет што не може да се утврди. Сепак, на денешната онлајн средба со новинарите Д-р Грозданова се огради од препораката вакцината да се прими најмногу 45 дена по прележан ковид, иако подвлече дека има лекари кои примиле вакцина веднаш по прележан ковид и немале никакви пролеми.

Д-р Грозданова вели дека интересот за имунузација во последните недели е поразителен и смета дека можело и подобро да се делува за поголем опфат, но додава „никогаш не е доцна“.

Кај нас само „Фајзер“ ќе се дава за бустер или трета доза која го продолжува периодот на заштита, а дали ќе биде потребна и четврта доза засега нема одговори, но се очекува како и болеста и вакцината да стане сезонска.

Опфатот со вакцинација во Македонија засега останува низок, па 47 проценти од полнолетните граѓани досега се целосно имунизирани, а само 38% од целата популација.

ЕРУПТИРАШЕ Брисел: Жестоки судири на пpoтecтитe пpoтив kopoна мерките (Видео)

Полицијата употреби водени топови и солзавец, а демонстрантите фрлаа камења и димни бомби за време на синоќешните протести против анти-ковид мерките во Брисел.

Според првичните проценки, на протестите учествувале околу 35 000 лица.

Судирите се случија на главната крстосница, пред седиштето на Европската комисија, кога демонстранти облечени во црни качулки почнале да фрлаат со камења кон полицајците кои возвратиле со водени топови.

Со цел да се спречи четвртиот бран на пандемијата на корона вирусот, белгиските власти во четвртокот донесоа одлука да работат од дома четири дена во неделата. Во Белгија досега беше на сила само препораката за работа од дома за да се намали преносот на вирусот меѓу вработените.

Покрај задолжителните Ковид пропусници, кои се неопходни за влез во белгиските барови, ресторани и настани со повеќе од 50 лица во затворени простории, односно 100 лица на отворено, сега ќе биде задолжително и носење заштитни маски.

Во последната недела, Белгија бележи просечно над 10.000 нови инфекции на дневна основа, што е за речиси 30 проценти повеќе отколку на почетокот на ноември. Над 230 луѓе дневно се примени во болниците, а во просек 26 луѓе умираат секој ден како последица на инфекција со корона вирусот.