Tag Archives: македонци

Од Пирин порачуваме, ние сме Македонци, наш мајчин јазик е македонскиот и сме неотуѓив дел од македонскиот народ

Делегација на единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, предводена од лидерот Васил Стерјовски учествуваше на чествувањето за Јане Сандански.

Почитувани браќа и сестри Македонци и Македонки. Чест и задоволство ми е што сум повторно со вас на денешното традиционално семакедонското одбележување на 108-годишнината од убиството на великанот на македонското револуционерно движење Јане Сандански, рече на почетокот од обраќањето Стерјовски.

Ви носам, додаде, најсрдечни поздрави и поддршка од Македонците во Албанија за „вашата борба за национални и човекови права”.

Вам од се срце ви се поклонувам што сте вистински Македонци, што се борите за вашите човекови права во Бугарија, што организирате вакви настани за да ја негувате и сочувате македонштината и за да не ги заборавиме синовите што се бореле и гинеле за Македонија, нагласи тој.

Додаде дека Јане Сандански, со „своето револуционерно дело и саможртвата што ја даде за слободата на Македонија, зазема значајно место во колективната меморија на Македонците”. Тој бил чувар на Гоцевите идеали и е најистакнатата национална фигура во Пиринскиот крај и загина како што живееше, како херој.

Според него, девизата на пиринскиот цар  „Да живееш – значи да се бориш: робот за слобода, а слободниот за совршенство” останува како порака за сите нас.

Неговата револуционерна борба за ослободување на Македонија, посочи Стерјовски, и неговата вера во слободата и правдата не поттикнува да продолжиме со нашата борба за слобода и национални права во државите каде што живееме.

Од овде, од гордиот Пирин порачуваме, ние сме Македонци, наш мајчин јазик е македонскиот јазик, ја сакаме и државата Македонија, бидејќи сме нераскинлив и неотуѓив дел од македонскиот народ. Од институциите на Република Македонија бараме да се грижат за Македонците во соседните земји како што сите држави на Балканот и Европска Унија се грижат за своите малцинства, порача Стерјовски.

Ја поздравуваме, кажа тој, неодамнешната средба меѓу македонскиот министер за правда со Стојко Стојков каде разговараа за „положбата на Македонците во Бугарија и не-имплементацијата на пресудите од Европскиот суд за човекови права од страна на Бугарија и се надеваме дека ваквите средби со институциите на Република Македонија ќе продолжат и во иднина”.

Се залагаме за потпишување меѓудржавни договори на земјите во регионот за почитување на малцинствата на реципроцитетна основа, каде малцинствата ќе се гледаат како мост на соработка помеѓу државите. Нека е вечен споменот за Јане Сандански и нека се сеќаваме на неговата револуционерна борба, како на инспирација за нашите битки, и да продолжиме да се бориме за слобода и национални права. Вечна му слава на Пиринскиот Цар, рече во обраќањето Стерјовски.

Агатангел: Не дозволувајте некој да ни го одземе она што сме – Македонци

Во пресрет на големиот христијански празник Владиката Повардарски Агатангел до православните верници и македонскиот народ упати Велигденско Послание.

-Воскресението Христово, претскажано од пророците и утврдено преку проповедта на апостолите, стана аголен камен на сето наше учење, на сета наша вера и надеж. Сите дела Божји, сите Негови чуда и зборови, добиваат целосно објаснување и вреднување само преку Христовото воскресение. Затоа, при секоја неделна богослужба, Велигден е празникот на кого со радост се сеќаваме и на кого постојано како православни христијани се навраќаме. Без правилна вера и живот во Воскреснатиот Господ Исус Христос, човекот засекогаш ќе остане во канџите на смртта. Спасителот дојде во нашиот свет за да воскресне како Победител, и да ни го осветли патот што ќе нè одведе во вечното небесно живеалиште. Он ни ја дарува Благата вест, во која, како најголема скапоценост, е зачуван Неговиот прекрасен лик. Он го преобрази и очисти човечкото тело, а откако воскресна од мртвите, го постави да седи од десната страна на Отецот, со што за навек, ние како човештво, го добивме своето највисоко и најценето достоинство,потенцира владиката Агатангел.

Со возљубени мои Македонци и Македонки, тој упати пораки до својот македонски народ.

– Не дозволувајте некој да ни го одземе она што сме. По вера сме биле православни христијани, а по род Македонци, тоа и ќе останеме. Во последно време нашата татковина Македонија крвари од повеќе отворени рани, но сега е правиот момент да ги насочиме своите мисли кон воскресението, да ја сфатиме и усвоиме неговата вистинска содржина. Само така можеме да бидеме народ на Живиот Бог, само така ќе го добиеме Неговиот спасоносен благослов. Над нашите глави силно се надвиснати темните облаци на гревот и неморалот. Упорно некој сака да нè прекрши и одвнатре и однадвор. Од ден на ден тонеме во апатија и незаинтересираност за духовната состојба на нашите души. Секојдневно пред нашите очи се парадира со пароли полни со антиморал и антихристијанство. Некој горделиво се умислил дека е господар на овој свет и дека е повикан да управува со нашите мисли и да ги контролира нашите постапки. Во неговиот демонски план е зацртано целосното обезличување личноста, распадот на семејството, уништувањето на човековиот идентитет и достоинство. Од Бога утврдените норми и правила, уште од создавањето, треба да се преиспитаат и конечно да се пречкртаат. Мажот нема да биде повеќе маж, а жената нема да биде повеќе жена. Некој со сиот памет се дрзнува да си ја земе улогата на моќен седржител. Но како резултат од неговите недела насекаде ќе биде посеана смртта и несреќата. Ваквите горделивци и духовни чудовишта упорно работат против човештвото. За нив сè е дозволено, она што е испревртено и неприродно за нив е достојно за пофалба. Ова според нив треба да биде и озаконето. Како општество, место да се грижиме за сè поизразената стапка на чедоморство, или за тоа што нашите млади луѓе сè помалку стапуваат во брак, што градовите ни остануваат без млада популација, ние својата духовна енергија ја трошиме на нивните бесмислици. Селата ни се осипуваат, нивите ни се неизорани, домовите ни се разурнати, на овие прашања треба да го насочиме нашето внимание. Во опасни времиња живееме. Сега злото се прогласува за добро, а доброто за зло. Гревот станува прифатлив за секого и се прогласува за нешто модерно и нормално. Наместо примери за чесност, доблесност и одговорност, на младите им се нудат лажни идоли и антихерои, наместо живот достоен за воскресение, ни се предлага тивко умирање во бездната на невратот, порача меѓу другото владиката Агатангел.

Владиката Повардарски Агатангел вечерва во 23 часот ќе служи Велигденска богослужба, Златоустова литургија во соборниот грам „Св. Великомаченик Пантелејмон“, а во исто време ќе се служат Велигденски богослужби и и во црквите „Св. Христово вознесение“,„Св.Кирил и Методиј“ и во црквата „Свети Јован Златоуст“ во Велес.

Младите Македонци си одат од кај мама и тато кога ќе „остарат“!

Интересна мапа споделена на Инстаграм ја покажува просечната возраст на која луѓето го напуштаат домот на своите родители во Европа.

Црногорците имаат најмногу години кога го напуштаат родителскиот дом, а просечната возраст според споменатата карта е 33 години. За разлика од Црна Гора, Швеѓаните најрано се осамостојуваат, во просек на 17 години.

Македонците се осамостојуваат во просек на 28 години. Иста просечна возраст имаат и Албанија, Грција и Бугарија. Во Хрватска просечната возраст за независност е 32 години, во Србија 29 години, а во Босна и Херцеговина 30 години.

Меѓу земјите каде младите најрано го напуштаат домот на своите родители се претходно споменатата Шведска со просек од 17 години, потоа Норвешка со 20, Данска со 21, Финска со 22, потоа Белгија, Исланд и Естонија со 23.

Македонците најнесреќна популација во регионот!

Шеста година по ред Финска е прогласена за земја со најсреќна популација, според Светскиот извештај за среќа кој е објавен денеска.

Извештајот, кој се занимава и со ефектите од кризата предизвикана од коронавирусот врз благосостојбата на луѓето, секоја година го составуваат научници во САД врз основа на анкети на Институтот Галуп.about:blank

Според извештајот, по среќните Финци следуваат Данска, Исланд, Израел, Холандија, Шведска, Норвешка, Швајцарија, Луксембург и Нов Зеланд.

Македонија е на 87 место, а од соседните земји Косово е на 34, Србија е на 45, Грција на 58, Бугарија на 77 и Албанија на 83 место.

Црна Гора е 67-ма во Светскиот извештај за среќа, а Босна и Херцеговина е 71-ва.

На дното на рангирањето се претежно африканските земји, а Авганистан и Либан разурнати од војна се двете најнесреќни земји во светот, во истражувањето во кое беа опфатени вкупно 137 земји.

Научниците рекоа дека проценката на среќата на луѓето остана „извонредно отпорна“ и покрај пандемијата „Ковид-19“, со глобални просеци во 2020 до 2022 година исто толку високи како оние во годините пред пандемијата од 2017 до 2019 година.

ХАЈРЕДИНИ: И за Албанците е подобро Македонија на Македонците отколку пробугарска или просрпска Македонија

За Албанците подобро е Македонија на Македонците отколку пробугарска или просрпска, вели поранешниот министер и аналитичар Џевдет Хајредеини.

– Битиќи има економска стратегија до 2042 година. ВМРО победува на избори, а СДСМ губи, токму на извештајот за политиката со Бугарите. Младите, Македонци и Албанци, бегаат од Македонија. Преамбулата на уставот ниту дава ниту добива права. Бугарија никогаш не знаела, не знае и никогаш нема да го признае македонскиот јазик и нација. За Албанците подобро е Македонија на Македонците да постои, отколку пробугарска или просрпска, објави Хајредини на својот профил на Фејсбук.

ГРУБИ: Со Бугари во Уставот најмногу добиваат Македонците, ни Преспанскиот, ниту договорот со Бугарија е против македонскиот народ

Со влегување на Бугарите во преамбулата на уставот добиваат Македонците затоа што така се прави разлика меѓу Македонците и Бугарите и со тоа завршуваат претензиите дека сите Македонци се Бугари, вели вицепремиерот Артан Груби во интервју за ТВ Шења и порталот zoom.mk.

Груби убедува дека ни Преспанскиот договор, ниту договорот со Бугарија е против Македонија и против македонскиот народ.

– Не знам кој ги храни наративите против уставните измени во провладините медиуми, но знам дека храбро е донесена одлуката за склучување на договорот за добрососедство со Бугарија. Ја гласавме во Владата и беше усвоен во Собрание. Јасно е дека имало резерви да не се направи некој превид и се покажа спротивното и започнавме преговори со ЕУ, вели Груби одговарајќи на прашањето за антибугарска хистерија во провладините медиуми.

Тој верува дека јавната кампања во медиумите и јавноста против внесување на Бугарите во уставот е поврзано со негативните чувства што за време на поранешна Југославија постоеја кон Бугарија.

– Овдешната јавност е многу чувствителна кон прашањето со Бугарија поради наметнатата свест од поранешна Југославија. Вие добро знаете како ја доживуваме Бугарија во осумдесеттите и деведесеттите години. Ние тогаш имавме подобар стандард од Бугарите додека сега Бугарија е членка на ЕУ и на НАТО. Сега тие не условуваат и тоа ги иритира граѓаните, оценува Груби.

Коментирајќи ги резултатите од анкетите, кои наводно покажуваат пад на поддршката на етничките Македонци за ЕУ, Груби негира дека владата го храни евроскептицизмот преку провладините медиуми затоа што знае какви ставови има владата.

– Можеби луѓето што ги водат тие медиуми имаат такви убедувања. Знам дека постои аверзија против уставните измени и договорот со Бугарија. Но, ние треба да ги решаваме проблемите, да донесеме тешки одлуки, кои ќе бидат праведни и добри за луѓето. Ако сакаме да влеземе во ЕУ треба да донесеме тешки одлуки и треба да мислиме за идните генерации, а не за следните избори, додава Груби.

Ако Македонците и Албанците се поларизираат околу уставните измени, тогаш ќе се доведе во прашања европската иднина на земјата, смета тој.

Македонците не одлучуваат за ништо во Македонија!

„Мнозинството Македонци во Република Македонија се исклучени од одлучување за клучните државни прашања, но, и посебно се исклучени од одлучувањето за прашања кои го тангираат исклучиво македонскиот национален идентитет, јазик, култура, традиции и засебност…“, смета Илија Димовски, поранешен пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

„Мнозинството Македонци во Република Македонија не одлучија и не дадоа подршка за:

– Избор на Влада во 2017 година;- Усвојување на Договорот за добрососедство со Бугарија во 2017 година;

– Усвојување на Преспанскиот договор во 2018/2019 година;

– Избор на Претседател на РМ во 2019 година;

– Избор на Влада во 2020 година;

– Усвојување на “францускиот предлог” во 2022 година;

Како плод на овие процеси, пишува Димовски на Фејсбук, „мнозинството Македонци немаа право да одлучат за своите идентитетски прашања, :

– дефиницијата на својот национален идентитет (Преспа);

– улогата на АСНОМ во изградбата на модерната македонска држава (Преспа);

– дефиницијата, историјата и карактерот на македонскиот јазик (Преспа + едностраната изјава од МНР на РМ за јазикот);

– употребата на македонските национални симболи (Преспа);

– историјата и самобитноста на македонскиот народ (Преспа + Договорот за добрососедство со Бугарија);

– карактерот на македонскиот образовен систем во делот на историјата и географијата (Преспа + Договорот за добрососедство со Бугарија);

– издаваштвото (Протоколот кој произлегува од Договорот за добрососедство со Бугарија);

– продукцијата на уметнички дела (Протоколот кој произлегува од Договорот за добрососедство со Бугарија);и уште многу други идентитетски прашања…

На мнозинството Македонци им е ускратено правото да одлучуваат за било што во Република Македонија, а посебно за идентитетски прашања кои се историско автономно право на македонскиот народ…

СДСМ е желна за власт и тргува со сите македонски национални прашања…

ДУИ треба да знае дека ваквата потчинетост на Македонците нема да донесе ништо добро ниту за Република Македонија, ниту за Албанците во Македонија…

Ние, ние мора да се бориме за своите човекови права, да одлучуваме за себе и својата држава…“ порачува Димовски во објавата на Фејсбук.

За европратеникот Јорданов НАВРЕДИТЕ кон Македонците НЕ СЕ ГОВОР НА ОМРАЗА, туку КОНСТАТАЦИИ

Бугарскиот европратеник и амбасадор во Скопје од 2001 до 2005 година, Александар Јорданов, не ги смета за говор на омраза тешките навреди кон Македонците, кои ги нарече „србомански измет“, „црвени ѓубриња“, „комунистички фосили“, „титоисти“, „југословенски партали“?!

„Прво, тоа не е јазик на омразата, туку јазик на констатациите. Работите што ги кажав емотивно се констатирани и од политичари, и од научници, и од историчари. Така што апсолутно не можам да се тревожам. Вистината е дека македонската држава преку своите политичари, претставниците на медиумите и граѓаните манипулирани со пропаганда, преминаа многу граници. Го преминаа не само добриот тон, добриот однос кон Бугарите и Бугарија, туку ги преминаа и најелементарните човечки норми за разбирање и за добар третман. А токму тој ден, кога се случи тоа скандалозно однесување на македонската гранична полиција кон моите сонародници Бугари, не можев како европратеник, едноставно, како бугарски државјанин, да пренебрегнам дека сум бил политичар и поради тоа да не реагирам емотивно. Затоа што човек има нерви, има разум, но има моменти кога веќе ми проговори срцето и ги изговорив овие навистина остри зборови, можеби малку чувствителни зборови, но во секој случај зборови што излегоа од мојата душа. Затоа што не можам да дозволам европските граѓани, Бугарите, да бидат понижувани. И тоа со години го прават македонските власти, а сега само се демонстрираше на граница. И затоа крикнав. Се разбира, нека се жалат, разбрав дека напишале некое писмо – прочитав во весниците, ништо официјално не стигнало до мене, но не ми пречи. Важно е мојата совест пред мене и пред мојот народ да биде чиста“, изјави Јорданов за бугарското радио Фокус, пренесува Express.mk.

„Торонто стар“ за Македонците во Грција: Зошто сeуште го чуваат својот идентитет во тајност?

Канадскиот весник „Торонто стар“ во подолг напис насловен „’Владата забрануваше употреба на јазик што не постоеше’ Зошто некои потомци на етничко малцинство во Грција сè уште го чуваат својот идентитет во тајност“ се осврна на положбата на македонското малцинство кај јужниот сосед на Македонија.

Текстот го пренесува експрес.мк во целост:

„Евгенија Нацулиду (67) се претставува како грчки државјанин.

Таа е родена и сè уште живее во Воден, град во северна Грција, но има работено низ целата земја во хотелската индустрија. Нејзината најдобра пријателка е Гркинка и, како и многу Грци, таа зборува беспрекорно англиски – во нејзиниот случај, поради тоа што живеела во Чикаго три години во раните 1980-ти.

Но, таа секогаш имаше прашања. ‘Зошто баба не зборува ниту збор на грчки? Зошто дедо се мачи да изговори неколку зборови на грчки? Дали тие дојдоа од друга земја?’

‘Мајка ми ми рече: ‘Не, не, тие се од тука, но не прашувај. Подобро да не прашуваш’.

Нацулиду ги помина тинејџерските години во Италија, а децата таму имаа прашања. Беше висока, русокоса и синоока: Дали навистина беше Гркинка? Секако дека беше – тоа ѝ го кажуваа цел живот. Кога некој ѝ рекол дека изгледа словенски, таа рече, за малку ќе заплачела. Таа мораше да биде Гркинка.

Непосредно пред да наполни 30 години, конечно ја дознала вистината: Можеби е грчка државјанка, но етнички била Македонка.

Прво, малку терминологија и историја.

Денес земјата Македонија се наоѓа на север од Грција. Но, до 2018 година земјата не се викаше Северна Македонија. Се нарекуваа Македонија и зборуваа, како што викаат, македонски јазик, словенски јазик како полскиот, хрватскиот или рускиот. Грција се спротивстави на ова, бидејќи има регион во Грција – веднаш преку меѓународната граница – што тие го нарекуваат Македонија и го сметаат за вистинската Македонија.

Македонија првично беше кралство за време на Античка Грција, главно лежејќи на териториите на денешна Грција и Северна Македонија. Александар Велики, најпознатиот крал на оваа античка Македонија и, навистина, на Античка Грција, владеел со една империја која се протегала сè до Индија.

Денешната земја Грција е стара само приближно 200 години. Голем дел од своето постоење го должи на поддршката од другите големи европски сили, кои беа обземени од идејата за христијанска земја (во тоа време, Грција беше под контрола на муслиманската Отоманска Империја) која може да го протегне своето наследство до Античките Грци – а тоа го вклучувало и кралството Македонија.

Така, преовладувачкиот грчки став беше дека, со тоа што се нарекува себеси Македонија, таа земја на нејзиниот север го краде нејзиното наследство, вели Аксел Сотирис Валден, поранешен грчки функционер во Европската комисија, кој има напишано бројни книги за Балканот и за грчката надворешна политика.

Не помогна тоа што националистите ја презедоа контролата врз таа земја на север во 2000-тите, вели Анастасиос (Сакис) Гекас, вонреден професор по историја на Универзитетот Јорк, специјализиран за модерна грчка историја. Тие го преименуваа својот главен аеродром во Скопје во аеродром ‘Александар Велики’ и циркулираа нови мапи во кои тврдеа дека делови од грчкиот регион Македонија се всушност нивни.

Во јуни 2018 година, Грција и Северна Македонија го потпишаа Договорот од Преспа, на брегот на езерото со истото име што ги опфаќа двете земји. На почетокот длабоко непопуларно во двете земји, тоа значеше дека државата Македонија сега е Северна Македонија, но дека тие можат да продолжат да се нарекуваат Македонци и да кажат дека зборуваат македонски.

Односите меѓу двете земји се подобрени. Грција престана да ги блокира кандидатурите на Северна Македонија за влез во НАТО и Европската Унија. Но, договорот целосно превиде една група луѓе: етничките Македонци кои живеат во грчка Македонија, во северните провинции на Грција до границата.

Петрос Карацареас, виш предавач по англиски јазик и лингвистика на Универзитетот Вестминстер во Лондон, Англија, е етнички полугрк и полумакедонец. Нешто смешно би се случило кога и да објави нешто за ова малцинство на интернет.

‘Сестрата на баба ми ѝ ѕвонеше на баба ми и ѝ рече да ми каже да ги симнам тие постови… затоа што ќе дојде полиција во мојата куќа и ќе ја загубам работата во Лондон. Ова е размерот на траумата и на стравот под кои живееја во однос на употребата на јазикот… дека дури и по 2010 година, таа мислеше дека ќе има вистински реперкусии за мојот живот!’, рече Карацареас.

Животот не бил лесен за етничките Македонци кои живееле во Грција во поголемиот дел од 20 век. За време на диктатурата од 1930-тите беше забрането да се зборува македонски. Полицајците одеа дотаму што слушаа на прозорците за да видат дали во домовите се зборува македонски.

Веднаш по Втората светска војна, многу етнички Македонци се бореа за сопствена независна држава и завршија на губитничката страна за време на Граѓанската војна во Грција. Многумина од нив, како пратетката на Карацареас, избегаа на север по поразот на нивната страна, не само во Северна Македонија, туку и во остатокот од Југославија и Источна Европа.

Дури и ако таков прогон повеќе не беше официјално санкциониран по 1950-тите, сè уште имаше клима на страв, рече Нацулиду. Даночните власти може почесто да ве контактираат, а наставниците би можеле да ги тепаат своите ученици.

Но, Владата сметаше дека во Грција не постои нешто како македонски јазик, бидејќи Македонија беше дел од Грција и сите во Грција зборуваа грчки. Со други зборови, грчката влада сметаше дека македонскиот јазик (барем во Грција) е грчки јазик, а македонскиот народ се Грци. (Единствениот македонски јазик што го признаваат е тој што се зборува во Северна Македонија, а Договорот од Преспа ја остава ситуацијата малку двосмислена.)

‘Ја имате оваа многу иронична ситуација кога Владата (историски) забрануваше употреба на јазик што не постоеше’, рече Карацареас. Надвор од грчка Македонија, повеќето Грци дури и не знаат за постоењето на ова етничко малцинство.

Лерин е мирен град на планинската граница меѓу Грција и Северна Македонија; тој е најголем во близина на Преспанското Езеро и на неверојатно растојание од ски-центар. Неговата близина до границата значи дека етничката македонска култура овде е релативно силна.

Минатата година локален судија му даде дозвола на Центарот за македонски јазик да работи во градот. Јавниот обвинител изминатава недела ја оспори таа одлука, со образложение дека во Грција не постои таков јазик, но и врз основа на тоа дека центарот претставува опасност за грчката држава.

‘Грчката влада се плаши од можна загуба на срцата и умовите на грчките граѓани од Северна Македонија доколку официјално се признае македонското малцинство, култура или идентитет’, рече Виктор Рудометоф, вонреден професор на Универзитетот во Кипар, по потекло од грчка Македонија. ‘Тоа ќе го загрози единството на Грција’.

Грција – и особено Грците кои живеат во грчка Македонија – исто така се плашат од барањата за куќи и имот што може да ги постават етничките Македонци кои избегале од Грција во 1940-тите и 1950-тите. Овие домови се во туѓа сопственост повеќе од половина век, и иако и Рудометоф и Валден веруваат дека овие грижи се само далечна можност, тие сè уште го поттикнуваат стравот на јавноста.

Но, можеби тие – а особено Грците кои живеат во грчка Македонија – се најчувствителни за нивната можеби слаба врска со регионот. Грчка Македонија е дел од Грција само од 1913 година, а повеќето Грци кои живеат таму можат да го протегнат своето потекло во Македонија само пред еден век.

Оваа година се одбележува 100-годишнината од Договорот од Лозана и последователниот трансфер на населението меѓу Грција и Турција. Во најголем дел, муслиманите што живееле во денешна Грција биле преселени во Турција, додека православните христијани што живееле во денешна Турција биле преселени во Грција. Повеќето од над милион христијани кои пристигнале во Грција биле населени во грчка Македонија. Речиси половина од населението во грчка Македонија на крајот на 1920-тите биле бегалци.

Сите прабаби и прадедовци на Кристина Флора, докторант кој студира социолингвистика кај Карацареас, дојдоа од денешна Турција во грчка Македонија. ‘Баба ми, нејзиниот мајчин јазик беше турскиот’, вели Флора. ‘(Нејзините родители) воопшто не зборуваа грчки кога дојдоа од (денешна Турција), но баба ми (речиси) никогаш повеќе не зборуваше турски во подоцнежните години, грчкиот јазик брзо завладеа во регионот’.

‘Многумина од оние кои останаа во грчка Македонија по трансферот на населението беа припадници на етничките малцинства: не само етничките Македонци, туку и Албанците, сефардските Евреи и Власите (група православни христијани кои зборуваат јазик сличен на романскиот; тениската ѕвезда Симона Халеп е еден од нивните најпознати членови). И денес е вообичаено луѓето во регионот да се прашуваат за нивната етничка припадност’, рече Карацареас.

Како им се обраќаат на Македонците? Тие го користат грчкиот збор ‘допи’ – ‘локални’.

Македонскиот јазик не е главната грижа на повеќето етнички Македонци во Грција денес. Судскиот случај против Центарот за македонски јазик не беше многу покриен во вестите, рече Рудометоф. ‘Повеќето етнички Македонци веројатно повеќе се занимаваат со учење англиски или германски јазик’, рече Гекас, бидејќи тие се покорисни на пазарот на труд.

Македонците во Северна Македонија имаат други грижи, рече Валден. Ова е внатрешен грчки проблем, и иако спорот на Северна Македонија со Грција е завршен, таа треба да се справат со нов спор со Бугарија.

Многу бракови се склучени меѓу етнички Македонци и етнички Грци – и Карацареас и Нацулиду се полугрци. Образованието е целосно на грчки јазик, како и телевизиите и радио станиците (во Грција нема медиуми на македонски јазик, како што официјално нема македонски јазик во Грција). Службата во армијата е задолжителна за мажите, што ги поттикнува асимилацијата и интеграцијата.

И јазикот е изгубен со времето. Бабата на Нацулиду знаеше да зборува само македонски; нејзината мајка била двојазична; и долги години Нацулиду воопшто не знаеше да зборува македонски. Веројатно не останале еднојазични Македонци, рече Карацареас. Иако јазикот е веројатно сè уште силен во некои рурални села, Карацареас верува дека повеќето луѓе можат да кажат само основни фрази и да зборуваат македонски јазик под големо влијание на грчкиот јазик.

И никој не знае точно колку етнички Македонци живеат во Грција. Пописот не го поставува прашањето, а поради долгите периоди на прогон, многумина би сакале да тврдат дека се Грци или можеби дури и не знаат дека се етнички Македонци. Денес во Грција нема познати етнички Македонци, рече Нацулиду, бидејќи тие не би се осмелиле да признаат.

Значи, каде ја остава тоа иднината на заедницата?

Сето тоа имаше смисла за Нацулиду откако дозна дека е делумно Македонка. Почнала да ги истражува своите корени и нејзината култура, а во 2009 година помогнала во основањето на непрофитна организација во нејзиниот роден град Воден за промовирање на македонскиот јазик како мајчин јазик. (Како непрофитна организација, таа не требаше да добие дозвола од судија.)

Во 2018 година почнаа да нудат онлајн курсеви по македонски јазик. Во Грција македонскиот јазик бил само говорен јазик. Никој не можеше да учи читање, пишување или граматика, па најдоа учител од Северна Македонија. Тие сега нудат четири нивоа на македонски јазик и субвенционираат 50 отсто од цената на курсот, така што студентите плаќаат само 35 евра за 35-неделен курс.

Нацулиду проценува дека оваа година 20 лица учат на овие субвенционирани курсеви, а дополнителни 35 или 40 одат на приватни часови – што е огромно зголемување на интересот од 2018 година, кога се мачеа да најдат класа од само пет ученици.

Додека повеќето ученици се работоспособни возрасни или постари лица, кои учат од носталгични причини, младите почнаа да посетуваат музички фестивали и јавни настани, каде бендовите од Грција и од Северна Македонија изведуваат традиционални македонски песни за селскиот живот, миграцијата, љубовта и смртта, изјави Карацареас. Можеби не зборуваат или не го разбираат јазикот, но ги учат стиховите на памет и пеат заедно.

‘Имам 67 години и се срамам да одам на овие фестивали затоа што има ученици – 14, 15 години!’, се смее Нацулиду.

Ова не би можело да се замисли пред Договорот од Преспа. Прогонството на јазикот значело дека може да се пушта македонска народна музика, но без никакво пеење.

Нацулиду рече дека нема семејство и нема врски со Северна Македонија и ја отфрла идејата за какво било независно или сецесионистичко движење: етничките Македонци премногу се венчавале и се интегрирале во грчкото општество за тоа некогаш да се случи.

‘Зошто не е нормално Македонците да бидат пријателски расположени со своите соседи?’, прашува таа. ‘Малцинствата се мостови на пријателство’.

Одлуката на судот за Центарот за македонски јазик треба да дојде многу брзо“, пишува авторот Џефри Мо во статијата на „Торонто стар“.

Димитриевски на БНТ: Бугарите ќе влезат во Уставот кога мојата баба Бранка од Благоевград ќе може да каже дека е МАКЕДОНКА

Во мојот град Куманово нема да се тргаат натписите на спомен плочите каде пишува „бугарски фашистички окупатор“, затоа што и тој бил окупатор, не бил администратор. Значи, нас не окупира. Ако се сеќавате во периодот на окупација, доаѓаат бугарските војски во Македонија, тоа е свежа историја, ги чекаат на одредени места и градови со леб, сол и погача. Ја делат Македонија до Групчин и тоа ја потврдува желбата за чиста окупација и припојување на територија, изјави градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски на гостувањето во емисијата „Говори сега“ на бугарската национална телевизија БНТ1 во Софија.

Во емисијата, Димитриевски изјави дека Гоце Делчев е симболот на македонизмот.

„Бугарите ќе бидат запишани во Уставот без никаков проблем кога ќе има реципроцитет, кога мојата баба Бранка во Благоевград ќе може да биде Македонка, а не Бугарка. Ќе си најдете начин барем една декларација во Парламентот ќе донесете кадешто ќе го признаете македонското малцинство“, изјави градоначалникот на Куманово.

Димитриевски потенцираше дека Бугарите мора да признаат еден непобитен факт, а тоа е дека Македонецот постои и не може да велат дека после ‘46-та година Македонците настанале.

Во емисијата, тој посочи дека во периодот 1941-1944-та година Бугарија е составен дел на фашистичката коалиција и за тоа постојат документи, а официјална Бугарија никогаш не излегла со став и не се извинила.