Tag Archives: ЗоранЗаев

Заев одликуван од Борците од НОБ: Гoрдocтa е гoлeмa, нo чecтa и дeнecka дa бидaм co вac e уште пoгoлeмa

Сојузот на борците на премиерот Зоран Заев му врачи Повелба за долгогодишен и успешен придонес во поддршката и соработката со Главниот одбор на Сојузот и негово издигнување на достоинствено државно ниво.

Истакнувајќи дека е особено горд и благодарен што еден од неговите последни јавни настапи како претседател на Владата е средбата со претставниците на Сојузот на борците, премиерот Заев потенцира дека како член и продолжувач на традициите на слободарското антифашистичко движење и нивното  наследство, останува неговата свечена обврска за понатамошна афирмација на големото, историско дело на храбрите борци на НОБ.

– Гордоста е голема, но честа и денеска да бидам со вас е уште поголема. Уште повеќе, кога во година кога го одбележуваме значајниот јубилеј 80 години од Народното востание и секако 73 години од основањето на Сојузот на борците и сето тоа во рамките на 30- годишнината од независноста на нашата држава. Во бурни времиња на светската историска сцена вие презедовте историска улога. Препознавте дека пред вас е момент, кој не смее да биде пропуштен. Кренавте антифашистичко востание и ја поведовте Националната ослободителна борба, од која се роди и нашата држава. Држава, што на нејзината цел ја доведоа мажите и жените, припадниците на партизанските одреди на Народното антифашистичко ослободително движење, истакна премиерот Заев во своето обраќање на вчерашната средба со претставниците на Сојузот.

Упатувајќи искрена благодарност, за подвигот и остварувањето на непроценливото дело, односно македонската државност на генерацијата која го оствари вековниот стремеж и сон на многу претходни генерации, Заев на борците и борките и поддржувачите на нивното дело, им порача дека како премиер, секогаш настојувал овие средби да не бидат само формалност и протокол.

– Јас не можам да дозволам вашето дело, наследството кое што ни го оставивте да бидат одбележувани само како формалност. Секоја средба со вас мене ме инспирираше да си поставувам прашања: Како да го зачуваме она што го наследивме и како од С. Македонија да направиме подобра држава, поубаво место за живеење? Како да направиме чекор повеќе во освојувањето на слободата за сите наши граѓани? Такви прашања и насоки инспирира вашето дело, рече премиерот Заев.

Тој нагласи дека како резултат од подвигот на борците од НОБ, денес ја имаме Македонија, меѓународно призната држава со сите постулати на државност, членка на Обединетите нации, членка на НАТО пред чие седиште во Брисел се виори македонското знаме и никој веќе не може да го оспори македонскиот јазик и македонскиот идентитет како посебност, автентична за овој народ и за оваа држава.

– Да завршам со голема благодарност. Нѐ задолживте со голем дар, голема чест. Вашето дело заслужува длабок поклон и чест ми е да го продолжувам вашето дело кое за мене е аманет борбата против фашизмот и за праведно општество никогаш да не запре. Ви благодарам на сите за честа што ми ја укажавте со ова признание“, истакна Заев, додавајќи дека тој и двете Влади што ги предводеше, останаа посветени на поддршката на Сојузот на борците во негувањето на традициите и на светлите датуми од Народноослободителната борба за зачувување и чествување на остварувањата од кои се роди македонската државност.

Претседателот на Главниот одбор на Сојузот на Борците од НОАВМ 1941-1945 и граѓаните поддржувачи, Никола Стојановски на средбата врачувајќи му ја Повелбата за повеќегодишната посветеност, поддршка и соработка со Сојузот на борците, на Заев му посака да продолжи соработката меѓу Владата и Главниот одбор „за успех на СБМ и просперитет на Република Северна Македонија“.

– Вашите заложби и почит кон нас борците и нивните продолжувачи нѐ направија повторно горди, нѝ го вратија достоинството, кое некој сакаше да го уништи, но како резултат на взаемните заложби тоа не успеа, истакна Стојановски.

Потпретседателот на Главниот одбор, Борко Зафировски посебно го нагласи вниманието и посветената отвореност, промоција и соработка со премиерот Заев и соработниците од неговиот Кабинет.

– За јавноста која сака да забележи и запомни, ќе ги наведеме, освен трајното покровителство и грижата, така и големите настани: Покровителство и заедничко одбележување на 70 години од СБМ, 75 години од АСНОМ, Свечената седница на Владата и Главниот одбор на 9 Мај  во присуство на пратеничките групи и Дипломатскиот кор, или годинава 80-годишнината од Народното востание и Меѓународната средба, прва по повеќе од 3 децении, а на тема антифашизмот денес, потенцира Зафировски, истакнувајќи задоволство од вниманието кое на делегацијата на Главниот одбор ѝ е посветено за одбележувања на сите историски датуми.

На средбата беше истакнато дека со доделувањето на Повелбата за долгогодишен и успешен придонес на премиерот Заев за неговите лични заложби за време на неговиот мандат ќе заживее традиција, која ќе биде елан за продолжување и јакнење на продолжување на работата на претставниците на Сојузот на борци  и во новото модерно и современо општество.

Единствено добро што направи Заев во 5 години е неговата оставка

Часовникот почна да чука по заминувањето на Заев, бидејќи очигледно не чукаше додека беше Заев, времето беше застанато некаде во 1948 на Информбиро, судење, Голи оток, на малтретирање луѓе, на нерасчистени убиства, на политичка лага, на диктатура. Тоа време завршува, часовникот почна да чука, изјави за „Само вистина“ на Канал 5, новинарот Драган Павловиќ Латас.

Латас истакна дека единствено добро што Заев го направил во неговиот петгодишен мандат е неговата оставка.

– А најлошото меѓу еден куп работи е злоупотребата на правниот систем и на СЈО. По тоа ќе го паметиме најмногу и ко корупција општа и по корупција во правниот систем. Ќе го паметиме како премиер и шеф на партија кој си оди од власт како најомразен политичар кој Македонија го памети од 1990 година досега, рече тој.

Латас посочи дека заминале многумина и подобри и полоши од него, но никој не бил омразен како Зоран Заев кој дури и во сопствената партија околу 37% не сакаа да гласаат на овие партиски избори за неговиот нов лик.

3аев ја згреши оставката ама се одјави од премиер

Демократијата значи и одговорност. Со мојата оставка, преземам одговорност и оставам пример за граѓанската должност на идните лидери, но и давам уште еден придонес во јакнење на демократскиот капацитет на државата, наведе премиерот во оставка Зоран Заев во објава на Фејсбук, информирајќи дека денеска ја поднел оставката од функцијата до претседателот на Собранието, Талат Џафери.

„Ми беше огромна чест што можев да служам и што ја имав довербата на мнозинството од народот во изминатите четири години“, наведе Заев во објавата.

Истакнвуа дека сака да им се заблагодари на пратениците во Собранието, од овој и од претходниот состав, на членовите на двата состава на Владата за време на неговите мандати и на граѓаните.

„Посакувам благосостојба и просперитет на сите наши граѓани, на сите заедници, на целиот наш народ“, додава Заев во објавата на неговиот фејсбук-профил.

Денеска треба да биде констатирана оставката од Собранието, па во јавноста откако излезе документот на кој пишува Република Македонија, многумина велат дека Талат Џафери би можел истата да ја врати. Димитар Апасиев од Левица вчера напиша дека Џафери, ја одбил оставката на Заев, бидејќи не била двојазична.

Денеска же видиме дали Собранието ќе ја констатира оставката.

Таљат не му ја прифаќа оставката на Заев, оти не била двојазична

Премиерот Зоран Заев попладнево до претседателот на Собранието ја достави најавената оставка на премиерската функција.

Пратеникот од редовите на Левица на својот Фејсбук профил напиша дека претседателот на Собранието, Талат Џафери, ја одбил отавката на Заев, бидејќи не била двојазична.

„Ајдеее… Таљат не му ја прифаќа оставката на Зоти Заев, оти не била двојазична 

#КаковКрајЗоране“, напиша Апасиев.

ЗАЕВ ПОДНЕСЕ ОСТАВКА (ФОТО)

Зоран Заев ја поднесе оставката од премиерската функција. Во известувањето до Собранието и спикерот Талат Џафери, Заев напишал дека нема намера оставката усно да ја образложи.

Заев оставката ја најави веднаш по поразот во вториот круг на локалните избори, откако претходно функцијата премиер ја заложи во градоначалничката битката за Град Скопје. Откако го загуби Скопје, но и поголемиот дел општини Заев изјави дека ќе поднесе оставка која неколку пати досега ја одложуваше со образложение дека го чека датумот за преговори со ЕУ.

Откако стана извесно дека Бугарија нема да попушти и да дозволи датум за Македонија, Заев реши да ја поднесе оставката веднаш по годишното обраќање на претседателот Стево Пендаровски во Собрание.

Според документот кој го објави ТВ24, Заев го наведува тоа што го постигнал со Грција кога го смени името и државата стана членка на НАТО. Напиша дека постигнал траен мир, безбедност и економски добробит за народот.

Тој додава дека времето ќе покаже дека оваа негова одлука е во согласност со определбата за одговорност за тешки одлуки.

Наследник на Заев треба да биде новиот лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски.

Јовановиќ: Заев е sвезда која тешко ќе падне!

SВЕЗДА КОЈА ТЕШКО ЌЕ ПАДНЕ
Ниту Кенеди, ниту Заев променија нешто големо, освен што се почувствува дека може да го променат она кое е суштинско… Тие понудија алтернатива: го поларизираа мислењето…
Тоа секогаш е момент кога некоја единица ќе се почувствува предадена поради Заливот на свињите или за злосторството од претходниот режим на Груевски.
Кога ќе се собере интересната каста – врвот на војската, специјалните единици, странски и домашни служби, полиција, бизнис, мафија, медиуми… Кога ќе сфатат дека се во опасност, па ќе прогласат дека политиката на Заев е делигитимирана, или ќе речат дека државата е во опасност која “тие ќе ја спасат”.
Тоа се нарекува “длабока држава”. Етатизам во изворно значење. Луѓе кои добиваат напредување во хиерархијата како во армија, единствено таквите имаат војска. Тоа е денес Мицковата ВМРО-ДПМНЕ. Тоа чист етатизам.
Луѓето ги користат за напредување во “синџирот на прехрана” кои самите го нарекуваат партиски систем. Десничарите всушност немаат систем, тоа е антисистемска партија, и затоа Левица на Апасиев совршено се вклопува во нивните десничарски матрици.
Ова денес, драги пријатели, не смее да биде нивниот “дух на нацијата” во која тие уште денес прават математики кој на кое место ќе работи кога ќе ја преземат власта. На следните парламентарни избори.
Не смееме да му ја препуштиме правдата како што Мицкоски ја замислува. Тие после се’, за сите претставува голема енигма, имаат пари, а со парите стигнува и моќта. Тоа се вика монопол на сила. Не работат ништо освен што го штитат организмот кој “испива” крв.
Тие се навикнати да ви “средат” за лекар. И гробно место, ако затреба.
И работа. И отказ.
И војна. И мир.
Тоа денес е нереформираното Мицково ВМРО-ДПМНЕ.
Таквите денес го повлекоа Заев од политика, таквиот дух го уби и Кенеди. Тој профил на партија такви луѓе брка и убива.
Оти – не постои Камелот.
Зоран Заев беше и останува проевропска линија за урбано, цивилизирано а против дикатура.
Мора да се обидеме да ја вратиме земјата во состојба на надеж. На народот не му е украдена заштедата, туку напротив, политиката на Заев ги врати парите кај граѓаните, ги покачи минималните и просечните плати, работеше на пријателство, мир дома и надвор, работеше за питомост и просперитет.
Надежта мора да се врати во оваа земја, а Заев никаде не заминува. Ниту има причина да замине. Останува тука да не’ гледа, слуша, бодри и поттикнува. Останува тука затоа што на земјата ништо не и зеде, напротив, на земјата и луѓето им даде се’.
Во тој дух, со таа верба и надеж, мора да продолжиме напред.
Заев е sвезда која тешко ќе падне!

ФБ статус на Ненад Јовановиќ

Заев утре ќе ја поднесе оставката

Премиерот Зоран Заев утре ќе поднесе оставка, барем така најави на денешната конференција во Тирана.

– На последниот ден од мојата должност како премиер на Македонија, ја имам честа директно да учествувам и да дадам свој придонес во оваа благородна иницијатива Отворен Балкан, рече Заев по денешната средба со српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама во Тирана како дел од регионална иницијатива „Отворен Балкан“.

Претходно претседателот на Србија, Александар Вучиќ му за заблагодари на успешната соработка претходните години.

Пендаровски: Штом Заев официјално ќе се повлече, ќе испиеме едно кафе

Претседателот на Македонија, Стево Пендаровски во гостувањето во „Топ тема“ на Телма беше запрашан за повлекувањето на Зоран Заев од СДСМ.

Како што истакна Пендаровски, тој ги разбира неговите ставови, додавајќи дека имал долг разговор со Заев, кој му ги објаснил причините за такво нешто.

Разговаравме и ги разбрав мотивите на Заев за што се повлекува од политиката. Јас на 22 декември ќе имам официјално новогодишно обраќање, а тој се уште ќе биде претседател на Владата. Штом ќе се повлече официјално, ќе испиеме едно кафе, истакна Пендаровски.

Заев разочаран од Пендаровски: “Неразбирливо е зошто некој би бил против пријателство со соседите”

Премиерот Зоран Заев изрази изненадување од ставот, кој претседателот на државата Стево Пендаровски вчера го изнесе во Приштина во врска со иницијативата „Отворен Балкан“.

– Неразбирливо е зошто некој би бил против пријателство со соседите, против зближување на младите и народите од Западен Балкан и против полесна и побрза економска размена меѓу земјите од регионот, изјави Заев за ТВ21 и додаде дека минатото покажало што значи затворен Балкан и оти е неоправдано кое било заговарање против „Отворен Балкан“.

Според Заев, особено е неразбирливо кога „ваквата негативна реакција доаѓа од првиот човек во државата кој би требало да биде и прв во заштитата на интересите на граѓаните“.

– Во Северна Македонија претседателот на државата нема никакви ингеренции во делот на олеснување на царинските процедури, во делот на воведувањето One Stop Shop премини за брз проток на границите, во делот на признавање на работни дозволи и дипломи, изјави Заев.

Тој нагласи дека не е загрижен, туку е уверен оти институциите посветено ќе работат на обезбедување на бенефитите од оваа иницијатива за граѓаните.

– Јас сум изненаден што Пендаровски ги промени своите ставови за оваа пред сѐ економска иницијатива, но нема да бидам изненаден кога повторно ќе се премисли за да даде поддршка во периодот што доаѓа, а во интерес на граѓаните, државата и регионот, истакна Заев за ТВ 21.

Претседателот Пендаровски вчера за време на посетата на Косово, на заедничката прес-конференција со косовската претседателка Вјоса Османи, рече дека „Отворен Балкан“ е фалична иницијатива од самиот почеток, бидејќи наместо да учествуваат сите шест држави од Западен Балкан во неа се само половината. Тој напомена дека се додека иницијатива не ги опфати сите шест држави на Западен Балкан нема да биде успешна.

Според него, „Отворен Балкан“ треба да биде само еден аспект од Берлинскиот процес, кој има институции и ресурси, а оваа иницијатива тоа засега го нема.

– Добронамерни иницијативи се разбира може да бидат само дел, не може да бидат супституција на Берлинскиот процес кој продуцираше одлични резултати досега и кој трае веќе 7-8 години со тенденции да се проширува и обогатува со нови содржини, рече Пендаровски.

Тој потсети дека на почетокот изразил резерви за „Отворен Балкан“ во 2019 година, бидејќи сметал оти ако тоа е обид за реставрација на некаква Југославија или за алтернатива за членство во ЕУ ќе бил против, но откако добил уверување од премиерите вклучени во иницијативата дека нивната идеја не е таква, ја поддржал иницијативата.

Венко се одјави: Од Заев може да се научи многу за љубовта кон татковината

Министерот за здравство Венко Филипче по изборот за нов претседател на СДСМ, доцна по полноќ се огласи на социјалната мрежа Фејсбук. Тој му се заблагодари на поранешниот претседател на СДСМ Зоран Заев, за како што напиша, приликата да соработува со премиерот во време на решавање на најважните и најтешките прашања во земјата.

Му благодарам на досегашниот претседател Zoran Zaev за честа и довербата која ми ја укажа да бидам потпретседател на СДСМ. Особено ми е драго што имав можност да соработувам со него во време кога ги решаваше најважните и најтешките прашања во нашата земја. Тој е лидер од кого многу може да се научи за грижата, посветеноста и љубовта кон татковината.
Честитки за изборот на Димитар Ковачевски, му посакувам успешна работа и многу победи за партијата. Верувам дека има знаење и мудрост да се справи со сите предизвици и да го обедини членството, напиша министерот Филипче на социјалната мрежа Фејсбук.