“Неверојатно, па тоа не е можно!”-велеа голем број од граѓаните.Следуваше потоа изјавата на Жан Митрев во која вели:”Тоа не е мојот син, секој што има 25 години одговара за своите постапки!”.
Како бомба одекна веста, дека Филан Митрев, синот на Жан Митрев, познат кардиохирург и сопственик на една од најугледните болници на Балканот, е терорист уапсен во Германија, во обид да изврши тешко кривично дело против граѓаните. Судењето е почнато на 2 септември и македонската јавност ќе ги следи настаните сега кога медиумската бура започна.
“Неверојатно, па тоа не е можно!”-велеа голем број од граѓаните. Порталот кој ја објави веста гореше. Веројатно го направи во една вечер потребниот сообраќај за целиот месец. Другите портали не објавуваа. Веста беше непроверена, а вест која се објавува длабоко во ноќта треба да го дочека утрото за да има потврда. Но сепак, веста допре до мнозинството граѓани на Македонија.
Општото мнение беше:”Ова е лажна вест, не е можно! “ Но, како што би рекол нашиот Претседател Стево Пендаровски “не е можно ниту да се смени името, душа ќе му извадиме на тој што ќе го стори тоа”, па на крај се искочи можно, дури и тој самиот учествуваше во таа смена. Се е можно во земјата на чудата, Северна Македонија.
За жал, лошата вест се потврди утредента, кога излегоа информации за целиот случај, кој започнал во ноември 2019-та година, но македонската јавност не го забележала, или не му дала големо значение. Веројатно, сега и била точката на вриење. Следуваше потоа изјавата на Жан Митрев во која вели: ”Тоа не е мојот син, секој што има 25 години одговара за своите постапки!”.
И тука Жан Митрев е потполно во право.
Што да каже поправилно човекот кој е светла точка на македонското здравство, кој изгради своевиден храм на здравството, кој спасил илјадници животи! Што да каже откако јавноста му ја извади душата само заради тоа што е родител на едно момче кое не го пронашло својот пат. Јавноста не им ја извади душата на оние што навистина и згрешија, но сега како и многупати досега реагира кога на некого ќе се впери прст. Ќе беше многу подобро на Жан Митрев да му ја извадеше душата за обвинувањата по медиумите за погрешно направени операции со лош исход, за обвинувањата за високо наплатени интервенции, за обвинувањата за немање можност за лекување на обичното граѓанство кај него поради високите цени, нешто на што тој можел да влијае. Вака беше ставен на отстрел затоа што син му е една будала, која на сите услови во животот и среќата да се родиш како дете на познат кардиохирург, решил да биде терорист на ИСИС. Според писанијата татко му направил се за него, а мајка му (Германка) го избркала од дома, со право. И затоа е во право. На она што не можеш да влијаеш, не можеш и да си одговорен.
Нашиот народ е лош, сеирџиски, злобен. Да му умре на комшијата козата. Да гледа како некој пропаѓа и пати. Но и да биде подлизурко на лажните богови. Политичарите. За грев на Митрев му се зема тоа што агитирал за промена на името и го сменил името на клиниката. Можел да им се спротистави?! Само неговите ѕидови ја знаат вистината. Колкава ќе била цената за спротиставување. Многу лесно ќе му се случила претседателскана изјава.
Истиот случај е и со нашиот познат спортист за кој се вели дека е штедачот во Еуростандард банка со 7,4 милиони евра. Сеирот деновиве е бездушен и безграничен. “Ако му е на цицијата, со толку памет и школо толку е!” Тоа сме ние, злобни мали суштества кои молчат кога им ја одземаат државата, името, идентитетот, јазикот, историјата, хероите, ама јадеме гомна затоа што на некој кој ја пронел славата на Македонија на спортско полe, му пропаднале парите што чесно ги заработил. “Па и тој агитираше за Северна, ако му е? “ И неговите ѕидови знаат со што се соочил! А неговите пари се со пот заработени, и платен е данок на нив, а тие што ги подржувате и гласате во најголем процент се богати од криминал, малверзации и кражба на државен имот. На нив не им сеирџите, нив ги славите, не ја миете раката ако се поздравите со нив. Затоа сме јадни и неспособни, и си го добиваме заслуженото. Никој да се најде, да се запраша кој го излажал спортистот да ги внесе парите таму и кој му понудил високи камати, а своите пари ги ставил во друга банка?
Тоа сме ние, остатокот од оние кои некогаш беа Македонци, полтрони заробени во својата лушпа, заградени со огради, кои ги водат група неспособни ноторни лажговци. Сега им се ситите на Митрев и голгетерот, ама тие за два месеци ќе имаат што да јадат, а ние ќе патиме за корка леб. Старите скопјани велеа: Не се сити, нашето е напред?
Затоа Жан Митрев е во право, тој има шанса да се подобри, да биде похуман доктор, да ги отвори вратите за сите, да помага на луѓето, тие што имаат, да платат и за тие што немаат, тоа се вика животен баланс, затоа што убавата карма е илјадапати подобра од големите пари. Голгетерот ќе се снајде, само нека го отвори срцето.
Еден дедо велеше: Јас сакам сите да имаат, многу да имаат?
Зошто бе дедо?
Па да не ми бараат на заем!
Наздравје, народе три црти.