Состојбата со ковид-19 станува сѐ полоша. На дневно ниво се зголемува бројот на заболени, а според надлежните главната причина за ова е непочитувањето на мерките. Токму затоа, можно е воведување на нови рестрикции, а најмногу се размислува за задолжително носење маски на отворено, ограничување на бројот на лица на одредени места, но и засилени контроли и казни.
Главната причина за зголемување на бројката, според анализите на надлежните, се должи на непочитување на мерките и тоа пред се групирање, семејни собири, прослави и свадби кои се забранети и слични настани, но и генерално опуштање на граѓаните.
Според Филипче, апсолутно е недозволиво покрај сите најави за ризиците што ги носи овој период значителен дел од граѓаните и понатаму да не ги почитуваат и да ги прекршуваат мерките. Недозволиво е како што рече, и сериозен дел од бизнисите, пред сѐ од угостителскиот сектор да не ги почитуваат превентивните мерки.
„Да ги почитуваме мерките и да не дозволиме да се преполнат болниците. Непочитувањето на мерките ќе значи оптоварени и изморени здравствени работници кои заради зголемениот број пациенти нема да можат да пружат соодветна нега и грижа. Да ги почитуваме мерките, бидејќи тоа значи истовремено и почит кон здравствените работници“, порача вчера на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.
Тој појасни дека иако во моментот вкупниот капацитет на болниците е во сосема добра состојба, еден од најголемите ризици беше и останува притисокот врз здравствениот систем. Свесни дека повеќе од сигурно ќе се соочиме со есенски бран, потенцира, уште на почетокот на летото го подготвуваме здравствениот систем, ги зголемуваме капацитетите на болниците, функционира системот на ротација на лекари и медицински сестри.
И покрај можните ризици, сепак останува препораката училиштата да почнат со работа. За дневниот престој, се чекаат конечните бројки од МОН.
„Засега останува препораката дека училиштата може да почнат со работа. Ако го следиме функционирањето на градинките, секојдневно практично ги пратиме бројките и епидемиолошките мини случувања во однос на појава на мини кластери во рамките на поединечни општини за во таа смисла да може да интервенираме или да дадеме дури и некоја таргетирана препорака во некој еден одреден дел од земјата. Значи, не на територијата на целата земја и тоа не само врз основа на бројката, туку и врз основа на епидемиолошките податоци, односно како тие луѓе се заразиле, кои биле контактите итн“, рече Филипче.
Ковид-19 е сѐ поприсутен меѓу работноспособното население, а најголем број на заболени имаат над 60 години.
Во текот на вчерашниот ден беа регистрирани нови 88 случаи на заболени со ковид-19, од вкупно 1.618 тестирања.
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 16.867. Оздравени се вкупно 14.084 пациенти, а починале 705. Во моментов, бројот на активни случаи во земјата изнесува 2.078, најмногу во Скопје 564, во Куманово 215, Тетово 134 и во Прилеп 119.
Во болниците од ковид-19 се лечат 341 пациент, од кои 43 се на кислородна поддршка, а четворица се на респираторна машина.
Повеќе: https://www.mkd.mk/makedonija/obrazovanie-i-zdravstvo/se-ochekuva-esenski-bran-na-novozarazeni-so-kovid-19-filipche