Connect with us

Религија

Денес е спомен на Преподобна Пелагија: Го остави блудот, богатството го подели на сиромашни и се посвети на Бога!

Published

on

Преподобна Пелагија

Покајана грешничка. Родена е како незнабошка во Антиохија. Од Бога имаше голем дар на телесна убавина, а ја употребуваше за погибел на својата душа и на други. Со блуд се имаше збогатено многу. Минувајќи еднаш покрај црквата на Светиот маченик Јулијан, во која проповедаше епископот Нон, таа намина во црквата и ја слушна проповедта за Страшниот Суд и казната за грешниците. И овие зборови толку ја потресоа и изменија, што одеднаш се згнаси од себеси, се исплаши од Бога, се покаја за своите нечисти гревови и припадна пред Св. Нон со молба да ја крсти. „Смилувај се на мене, грешната, и крсти ме и научи ме на покајание; јас сум море од беззаконија, амбис на пропаста, мрежа и орудие ѓаволско.“ Така го молеше оваа покајничка со солзи Христовиот архиереј. И тој ја крсти. На Крштението ? беше кума блажената Романа, ѓаконисата на оваа црква, којашто потоа како нејзина духовна мајка добро ја утврди во христијанската вера. Но Пелагија не беше задоволна само со Крштението. Чувствувајќи ја тежината на своите многубројни гревови и при голема грижа на совеста, се реши на голем подвиг. Своето огромно богатство собрано со грев им го остави на сиромасите и тајно отиде во Ерусалим, каде што под машко име, како монах Пелагиј, се затвори во една келија на Елеонската Гора и почна тежок подвиг на пост, молитва и бдеење. По три години ја посети ѓаконот на Св. Нон, Јаков и ја затекна с ? уште жива, но кога по неколку дена повторно ја посети, го најде нејзиното тело мртво и чесно го погреба. Св. Пелагија се упокои околу 461 година. Така оваа некогашна грешничка со покајание и ревност Го смилостиви Бога, доби прошка за гревовите и се освети. Нејзината очистена и света душа се удостои со Царството Божјо.

Тропар
Од темнина изведи ја душата моја – повикуваше о, ти славна мајко Пелагијо кон Небесниот Женик твој Христос, Он те поведе во познание, те улови со словото на благодатта преку Црквата – сите отци кои сведочат за Него со своите примери на живот врлински. Моли се, света подвижничке, да го здогледаме сјајот на сонцето во изобилие, колку ти што го виде од твоето мало прозорче.

Преподобна Таиса

Покајана грешничка. По раѓање Мисирка. Како Св. Пелагија и Таиса ја помина младоста во разуздан блуд. На тој зол пат беше упатена и од нејзината бесрамна мајка. Но Бог Којшто е милостив и не ја сака смртта на грешниците ниту нивната пропаст туку спасението, најде начин со Својата чудесна Промисла да ја спаси грешната Таиса. Еден од учениците на Св. Антониј Велики, Пафнутиј Сидонит, слушна за Таиса, за нејзиниот грешен живот и за душевниот отров со којшто таа им ги труеше душите на многумина, па реши, со Божја помош, да ја спаси. Пафнутиј се преоблече во световна облека, зеде еден златник и отиде в град, ја најде Таиса и ѝ го даде златникот. Мислејќи дека човеков ѝ го дава златникот за нечисто дело, Таиса го одведе Свети Пафнутиј во својата соба. Тогаш тој ги отвори своите благодатни усни и ги изобличи нејзините гревови и ја повика на покајание. Душата и совеста на Таиса се разбудија и таа се облеа во солзи на длабоко срдечно покајание. Го раздаде сиот свој имот на бедните, според упатството на Св. Пафнутиј се упати во еден женски манастир и остана таму три години, затворена во една келија, живеејќи само на леб и вода. Пред смртта ја посети Св. Пафнутиј и наспроти нејзината волја ја изведе од келијата. Таа набрзо се разболе и по кратко боледување Му ја предаде својата очистена и осветена душа на Бога. Светиот Павле Препрости, којшто е исто така ученик на Св. Антониј Велики, ја виде во видение прекрасната обител приготвена од Бога во Рајот за Св. покајничка Таиса. Оваа света душа се упокои во 340 година.

Светата маченичка Пелагија

Девица од угледен род во Антиохија. Во времето на царот Нумеријан, антиохискиот началник испрати војници да ја доведат пред судот Пелагија, како прочуена христијанка. Војниците ја опколија куќата и ја предизвикаа Светата девица на вратата. Таа им се јави и кога слушна дека дошле за да ја изведат на суд се правеше весела, па им рече да ја причекаат само еден миг-два да се качи за да се преоблече. Потоа се качи на покривот од куќата, ги крена рацете кон небото и долго Му се молеше на Бога да ѝ ја прими душата и да не допушти да се оскверни нејзината девствена чистота. И Бог ја прими нејзината душа, а телото падна мртво пред војниците. „Нејзината смрт“, пишува Св. Јован Златоуст, се изврши не како природен пад, но на заповед Божја, па продолжува: „И така, ова девствено и од секое злато почисто тело лежеше на земја, го опкружуваа ангелите, го почитуваа архангелите, а Самиот Христос беше крај него“.

Религија

Свети Никола Чудотворец, архиепископ Мирликиски

Published

on

 Овој славен светител, когошто и денес го слават по сиот свет, им беше единец син на своите богати и угледни родители, Теофан и Нона, жители на градот Патара во Ликија. Бидејќи им беше син единец даруван од Бога, тие Му го посветија на Бога, принесувајќи Му така дар. Знаењето за духовниот живот Николај го стекна преку својот чичко Николај, епископот Патарски, и се замонаши во манастирот „Новиот Сион“, основан од тој негов чичко. По смртта на родителите Николај им го раздаде наследениот имот на сиромасите и ништо не задржа за себе. Додека беше свештеник во Патара тој многу се прочу со делата на својата милостина, иако ги криеше грижливо, за да го исполни зборот Господов: „Да не знае твојата лева рака што прави твојата десна рака“ (Матеј 6, 3).

Кога се предаде на самотност и на безмолвие, мислејќи така да проживее до смртта, му дојде глас одозгора: „Појди на подвиг меѓу народот, ако сакаш да бидеш од Мене овенчан.“ Веднаш потоа според чудесната Божја Промисла беше избран за епископ на градот Мир во Ликија. Милостив, мудар, бестрашен, Николај му беше вистински добар пастир на своето стадо. За време на гонењето на христијаните под Диоклецијан и Максимијан го фрлија во затвор, а тој и во затворот ги поучуваше луѓето на законот Божји.

Присуствуваше на Првиот Вселенски Собор во Никеја и од голема ревност за вистината го удри еретикот Ариј. За ова дело го отстранија од Соборот и од архијерејската служба, сè додека на неколкумина од првите архиереи на Соборот не им се јавија Самиот Господ Христос и Пресвета Богородица и не го објавија своето благоволение кон Николај. Чувар на Божествената вистина, овој чудесен Божји светител беше и одважен заштитник на правдата меѓу луѓето. На двапати спаси по тројца луѓе од незаслужена смртна казна. Милостив, вистинољубив и праведен, одеше меѓу луѓето небаре Ангел Божји.

Уште за време на животот луѓето го сметаа за светител и го повикуваа на помош во маки и неволји и им се јавуваше во сон и на јаве на тие што го повикуваа, еднакво лесно дали се блиску или далеку, и им помагаше. Од неговото лице блескаше светлина како од лицето Мојсеево, па и со самата своја појава им носеше на луѓето утеха, мир и добра волја. На старост, кратко боледуваше и се упокои во Господа, многустрадален и многуплоден, за вечно да се весели во Небесното Царство продолжувајќи да чудотвори на земјата, помагајќи им на верните и прославувајќи Го својот Бог. Се упокои на 6 декември 343 година.

Continue Reading

Религија

Денеска е Воведение на Пресвета Богородица – да се помолиме на светата Дева

Published

on

Кога Пресвета Дева Марија наполни три години од раѓањето, нејзините свети родители Јоаким и Ана ја доведоа од Назарет во Јерусалим, за да ја предадат, според своето ветување, на служба на Бога. Од Назарет до Јерусалим има три дена пат, но одеа на богоугодно дело и патот не им беше тежок. Се собраа и мнозина роднини на Јоаким и Ана за да земат учество во таа свеченост, во којашто невидливо учествуваа и Ангелите Божји.

Напред одеа девиците со запалени свеќи во рацете, потоа Пресветата Дева, водена од едната страна од Јоаким, а од другата од Ана. Беше украсена со царска благолепна облека и со украси, како што ѝ прилега на царска ќерка, на невеста Божја. Зад нив одеа многубројни роднини и пријатели, сите со запалени свеќи.

Пред храмот имаше петнаесет скалила. Родителите ја кренаа Девата на првото скалило, а таа тогаш сама брзо се искачи на врвот, каде што ја дочека првосвештеникот Захарија, таткото на свети Јован Претеча. Кога првосвештеникот ја зеде за рака, ја воведе не само во храмот туку и во Светињата на Светињите, каде што никој никогаш не влегуваше, освен архијерејот. Свети Теофилакт Охридски вели дека Захарија бил „вон себе и обземен од Бога“ кога ја воведувал Дева во најсветото место во храмот, зад втората завеса, поинаку не би можела да се објасни оваа постапка. Во онаа прилика родителите на Дева Марија според Законот, Му принесоа жртви на Бога примија благослов од свештеникот и се вратија дома, а Пресветата Дева остана при храмот. Таа пребиваше во храмот цели девет години.

Родителите ја посетуваа често додека беа живи, особено блажената Ана. А кога нејзините родители беа повикани да се претстават кај Бога, Пресветата Дева остана сираче и не сакаше до нејзина смртта да се оддалечува од храмот ниту да стапи во брак. Бидејќи тоа беше спротивно на Законот и на обичајот во Израилот, кога наврши дванаесет години му ја дадоа на Јосиф, нејзиниот роднина од Назарет, за во вид на свршеница да живее со него во девственост и привидно да го задоволи Законот.

Зашто во тоа време не се знаеше во Израилот девојките да се заветуваат на девственост до крајот на животот. Пресвета Дева Марија беше прва таква доживотно заветувана девојка и неа потоа ја следеа незнајно мнозинство девственици и девственички.

Continue Reading

Религија

Денеска се празнува Свети Јован Златоуст – Прославен заради мудроста, подвигот, и словото

Published

on

Патријарх Цариградски. Роден е во Антиохија, во 354 година, од татко Секунд, војвода, и мајка Антуса. Изучувајќи ја грчката философија, Јован се згнаси од грчкото незнабоштво и ја усвои христијанската вера како единствена и целосна вистина. Крштение прими од Мелетиј, патријархот Антиохиски, а потоа примија Крштение и неговите родители. По смртта на родителите се замонаши и почна строго да се подвизува. Тогаш ја напиша книгата „За свештенството“ и тогаш му се јавија светите апостоли Петар и Јован и му прорекоа голема служба, голема благодат, но и големо страдање.

Кога требаше да биде посветен за свештеник, се јави ангел Божји: истовремено и на патријархот Флавијан (после Мелетиј) и на самиот Јован. А кога патријархот го ракополагаше, сите видоа светол бел гулаб над Јовановата глава. Прославен заради мудроста, подвигот, и словото со голема власт, беше избран по желба на царот Аркадиј за патријарх Цариградски. Шест години управуваше со Црквата како патријарх со неспоредлива мудрост и ревност. Испрати незнабожечки мисионери кај Келтите и кај Скитите, ја сотре симонијата во Црквата симнувајќи мнозина епископи-симонисти; ја рашири милосрдната дејност на Црквата; напиша посебен чин на светата Литургија; ги посрами еретиците; ја изобличи царицата Евдоксија; Светото Писмо го протолкува со својот златен ум и јазик, на Црквата ѝ остави многу скапоцени книги со неговите беседи

. Народот го прослави, завидливците го замразија, царицата двапати го испрати во прогонство. Во прогонство помина три години и се упокои на Крстовден, 14 септември, 407 година, во местото Коман во Ерменија. Пред смртта, повторно му се јавија апостолите Јован и Петар, а и светиот маченик Василиск (се слави на 22 мај), во чијашто црква ја прими светата Причест. „Слава Му на Бога за сè!“, беа неговите последни зборови и со тие зборови душата на златоустиот патријарх замина во Рајот. Од моштите на свети Јован Златоуст главата почива во манастирот Ватопед на Света Гора, а телото во Цариград.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2021 Булевар.мк