Connect with us

Религија

Денеска е преподобниот Лукијан

Published

on

Преподобниот маченик Лукијан, презвитер антиохиски

Роден е од благородни родители во Самосат во Сирија. Во младоста стекна мошне широко светско и духовно образование. Овој маж беше познат по ученоста и по подвижничката строгост на животот. Откога го раздаде својот имот на сиромашните, се издржуваше од своите поучни дела и од тоа се хранеше како од некое ракоделие. Ѝ направи на Црквата мошне голема услуга со тоа што според еврејскиот текст поправи многу места од Светото Писмо коишто еретиците сходно на своето изопачено учење ги беа расипале. Заради ученоста и духовноста беше ракоположен за презвитер во Антиохија. Во времето на гонењето на Максимијан, кога беа измачени Св. Антим Никомидиски и Св. Петар Александриски и Лукијан беше на списокот на оние коишто царот сакаше да ги погуби. Тој побегна од градот и се скри, но го поткажа некој завидлив еретички свештеник Панкратиј. Во тоа време гонењето беше ужасно. Не беа поштедени ниту малите деца. Две момченца кои не сакаа да јадат од идолските жртви беа фрлени во врела бања, каде што во маки ги предадоа светите души на Бога. Една ученичка на Лукијан, по име Пелагија, за да ја зачува својата девственост се качи на покривот на куќата, а оттаму падна и се разби (под 8 октомври). Лукијан го одведоа во Никомидија пред царот. Патем со своите совети успеа да обрати во верата четириесетмина војници. И сите завршија маченички. После испитување и биење го фрлија во затвор и го мореа со глад. Св. Јован Златоуст за него пишува: „Тој го презре гладот, да го презреме и ние раскошот и да ја уништиме власта на цревата, за кога ќе дојде време да се бара од нас таква мажевност, однапред подготвени преку помалите подвизи, да се јавиме славни во времето на борба.“ На Богојавление се причести во затворот, а утредента Му го предаде својот дух на Бога. Пострада на 7 јануари 311 година.

Преподобен Ефтимиј Новиот

Роден е во Анкира, во 824 година од праведни родители, Епифаниј и Ана. Служеше војска, се ожени и имаше една ќерка, Анастасија. Се подвизуваше остро и долго во Олимписките манастири, а потоа на Света Гора. Извесно време живееше како столпник во близина на Солун. Овде, во околината на Солун, основа еден машки и еден женски манастир. Се упокои на Свештениот остров близу Света Гора, кон крајот на 9 век. Неговите свети и чудотворни мошти почиваат во Солун.

Светите славни Четириесет Битолски преподобномаченици

Bо времето кога Османлиите го освоиле градот Битола, по четиримесечна опсада и тешки, жестоки битки, следеле страшни настани: жителите биле убивани, жените силувани, свештениците, монасите и монахињите мачени и погубувани; храмовите биле ограбувани и сквернавени, а потоа и до темел палени. Особено големо крвништво варварите покажале кон свештениците и монасите, кои за сето време на борбите непрестајно го поучувале и поткрепувале верниот народ, поттикнувајќи го да се бори докрај за својот Спасител и Творец – Христос. Најревносните проповедници и чувари на верата, претежно млади монаси со неколку опитни Старци, заедно триесет и девет на број, од повеќе битолски манастири и скитови, кои по Божја промисла ги преживеале страшните настани, се повлекле во манастирот „Свети Георгиј Победоносец“. Но, Османлиите откриле каде се кријат овие монаси и ги заробиле. Најпрвин жестоко ги мачеле, потоа ги фрлиле во зандана, а утредента, доведувајќи им ги најдобрите мухамедански учители, започнале ласкаво да им се додворуваат и да ги убедуваат да се откажат од Христос. Започнала препирка за тоа која вера е вистинската, при што монасите мудро одговарале, темелејќи ги своите зборови на Светото Писмо и светоотечкото Предание, и така постигнале победа во дијалогот. Откако го проследил со големо внимание овој дијалог, еден Турчин, кој се викал Хасан, а им служел како преведувач на препирачите, се восхитил и бил трогнат од неочекуваната духовна длабочина и големото христијанско смирение на овие блажени души, па громогласно извикал: „Голем е Бог на христијаните, и јас сум Христов! Навистина, роден сум како мухамеданец и воспитан сум во мухамеданскиот закон, но сега го примам Божјиот призив што ме повикува во царството на Исус Христос, Синот Божји и Господ мој“. Тогаш Агарјаните се нафрлиле на својот сонародник и толку силно го претепале што на телото на маченикот не останало неповредено место, а потоа го фрлиле во занданата, заедно со останатите Христови преподобномаченици. Утредента, кога посрамените Агарјани увиделе дека монасите се непопустливи, исполнети со гнев, ги осудиле на смрт сите четириесетемина и ги повеле кон височинката на Баирскиот рид за таму да им ги отсечат главите. Одејќи кон својата Голгота, светите биле радосни, како да одат на свадбена веселба. На 9 март 1385 година, Осмaнлиите им ги отсекле главите и така преподобномачениците ја покажале својата бестрашност, извојувале неовенлива победа и го добиле венецот на славата од Господ, својот Подвигоположник, за да се радуваат вечно во Неговото царство, молејќи се за сите оние што верно го почитуваат нивниот свет спомен.

Религија

Папата Франциск: Католичката црква е подготвена да прифати заеднички датум за Велигден со сите христијански цркви

Published

on

Папата Франциск денеска изјави дека Католичката црква е подготвена да прифати заеднички датум за Велигден со сите христијански цркви, со цел сите цркви, вклучително и православните, протестантските и други, да го слават Велигден во ист ден, а со тоа да се зајакне единството меѓу верниците.

„Еден датум за Велигден. Католичката црква е подготвена да го прифати датумот за Велигден заради единство.

Ова е година на благодатта, можност за сите христијани кои веруваат во ист Бог, повторно да ги откријат заедничките корени на верата. Единството кое сите сакаме да се случи“, порача папата.

Оваа година Велигден ќе се слави на ист ден и во Грегоријанскиот и во Јулијанскиот календар, во годината кога се одбележува годишнината од Никејскиот собор.

„Го обновувам мојот повик оваа случајност да биде потсетник за сите христијани да направат одлучувачки чекор кон единството, околу заеднички датум за Велигден“, рече папата Франциск.

Continue Reading

Религија

Строг пост само на вода – Се празнува Водокрст

Published

on

Ден пред големиот христијански празник Богојавление- Водици, на празникот наречен Водокрст секоја година се извршува голем Богојавленски водосвет.

Празникот е познат под имињата Водокрштение и Водокрст или Водопост, како ден на строг пост, во кој се пости само на вода.

Во Светата Црква се воспева силата и моќта на Крстот. Се врши крштевање на водата и таа со силата на Светиот Дух добива лековита моќ. Празникот е востановен во спомен на некогашните обичаи кои се изведувале на тој ден, кога биле крштевани луѓето кои го примиле христијанството.

Денот на крштевањето на Исус Христос во реката Јордан е денот кога Божјиот Син навршил триесет години од телесното раѓање и тргнал да го извршува Својот учителски и спасителен подвиг.

Како што дознаваме од Новиот завет, во мигот кога Свети Јован Крстител го крштевал Исуса Христос во реката, во еден миг се појавило Светото Тројство: гласот на Отецот му се јавил на сетилото за слух, Духот на сетилото за вид – во вид на гулаб на небото, а Синот бил достапен за сетилото за допир.

Kако што е запишано во Евангелијата, за тоа посведочил и Свети Јован Крстител кој рекол: „Еве го јагнето Божјо кое на Себе ги зеде гревовите на светот”. Откако ги кажал тие зборови, го потопил и го крстил Божјиот Син во Јордан.

Continue Reading

Религија

Многу важен обичај за Василица: Никако не го правете ова, ќе ве тера баксуз цела година

Published

on

Голем број македонски семејства Василица ја празнуваат како домашна слава, а оние кои го носат името на Свети Василиј Велики го слават својот именден.

На Василица верниците кои се водат по овој календар кршат и пита со паричка и исто така се верува дека на оној кој ќе му се падне паричка ќе биде среќен во текот на целата година.

Старата година се испраќа и со палење василичарски огнови, кои се симбол на божествената светлина што, според народното верување, ги прогонуваат лошите сили. Сепак како и на секој празник не заборавајте да појдете во црква, да запалите свеќа и да му се помолите на Бог за вас и вашите најблиски.

Инаку, Свети Василиј Велики е еден од тројцата најголеми црковни учители од четвртиот век. Родум бил од Кападокија, а завршил школо во Атина.

Тој бил голем христијански филозоф, а се прославил и како епископ и заштитник на чистотата на православното учење. Свети Василиј Велики се упокоил на 14 јануари во 379 година.

Некогаш девојките овој ден го користеле за гатање за да дознаат за кого ќе се омажат. Некогаш домаќинките земале снег и фрлале малку кон децата дома за да бидат здрави.

Се гледа и времето, ако падне снег или биде облачно, годината ќе биде плодна.

Сувото време носи суша.

Обичај кој се задржал и денес е да се помолиме за здравје и среќа.

На тој ден никако не се карајте зошто цела година ќе ве следи баксуз и кавги.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2024 Булевар.мк