Connect with us

Инфо +

Австриски експерт ни порачува: Откажете се од 11 октомври и денот на ВМРО, славете си рамковен и преспански

Published

on

Се залагам за брза интеграција на Македонија во ЕУ. Сметам дека најважно од сѐ е да се направат сите реформи во Скопје. Јас ја критикувам Бугарија, бидејќи се обидува да ве блокира, и сметам дека тие всушност сакаат нешто друго од ЕУ, па поради тоа ја држат Македонија во заложништво.

Бугарија сака да биде во шенген-зоната, да биде дел од ОЕСР, сака да биде во еврозоната. Бугарија со години настојува да ги реализира своите амбиции, па со таа цел го користи вашиот спор како еден вид оружје.
Бугарите се очајни. Вие можете да бидете критичар на премиерот Борисов, тој е контроверзна фигура, но како премиер на Бугарија, тој сепак се обидува да го направи најдоброто за Бугарите. Со години се обидува да стане дел од шенген-зоната, но ЕУ шест години по ред го одбива, а тој пак упорно се обидува да поврзе сѐ со членството на зоната. Но тоа не му успева.

Сега се обидува да ги злоупотреби пристапните преговори на Македонија во ЕУ, за да ја постигне целта додека е премиер на државата. Но јас лично мислам дека треба да се вратиме на најважното, а тоа е членувањето во НАТО за трите земји: Албанија, Македонија и Црна Гора. Тоа е најважно од сѐ. Вашето членство во НАТО покажува дека навистина сте пријатели на Западот и дека сте ги реформирале вашите безбедносни и воени структури. Тоа се земјите-членки на НАТО, кои се сериозни кандидати за членство во ЕУ. Втората најважна работа е валутата. Црна Гора веќе го користи еврото, а тоа е голема предност. Македонија веќе 20 години работи со евра. И тоа е голема предност.
Ситуацијата во Албанија е проблематична. Јас исто така сакам Албанија да започне преговори заедно со Македонија и со Црна Гора. Сакам овие три земји да станат членки на ЕУ во наредните три-четири години. Тоа е најдоброто сценарио. Затоа ви е потребна заедничка платформа со Албанија и со Црна Гора. Исто така треба и да ја надминете бугарската блокада. Треба да соработувате со Германците, Австријците и со Хрватите, за да ви помогнат да го решите со бугарството членството во шенген-зоната. А Германија дефинитивно ќе стори нешто. Тие се обидуваат. Но мислам дека најважните одлуки треба да бидат донесени во Македонија. Вие можете да направите неколку работи. Дозволете ми да сугерирам. Можете да ги промените вашите државни празници што се многу провокативни за Бугарија. Особено 23 октомври, денот на ВМРО. Тоа е многу проблематичен празник, кој неодамна почна да се празнува.

Другиот проблематичен празник е 11 Октомври, кој го славите како ден кога сте ги поразиле Бугарите. Тоа не е многу мудар наратив за една потенцијална современа членка на ЕУ. Би ви предложил тоа да не бидат државни празници, туку да бидат празници на вашите партии, на СДСМ и ВМРО. Нека не се празнуваат како државни празници. Ако ѝ дадете аргументи на Германија и ако покажете малку посмирен став во однос на проблемите со идентитетот, тогаш на г. Хајко Мас и г. Рот ќе им биде полесно да се договорат со Бугарија. Тие секој ден работат на тоа. Знаете дека Меркел неодамна ги покани сите Бугари и Македонци за да пронајдат решение за проблемот. Но вие во Македонија треба малку да го смирите тонот во однос на вашиот идентитет за да им ја олесните работата на Германците што бараат решение за овој проблем.

Проблемот е во тоа што сте мала земја, која сака да се приклучи на голем клуб на земји. Вистина е дека малку е нефер. Вие не сте во позиција да го наметнувате своето мислење во ЕУ, но Бугарија е член на Унијата и таа се смета за сериозна земја-членка од страна на другите партнери. Вие немате големи сојузници. Германија навистина сакаше Хрватска да стане земја-членка на ЕУ во 2013 година. Германците, условно кажано, ја внесоа Хрватска во ЕУ, но вие ја немате поддршката на Грција, Италија, Франција, Германија, Романија. Не постои земја-членка што има голема желба да ве внесе во ЕУ. Вие сте во многу потешка ситуација. Јас сфаќам дека е тешко да не го празнувате 11 Октомври.

Но како поинаку ќе го убедите ВМРО да не го слави 23 Октомври? Поради тие чувствителни партиски политики, ќе биде речиси невозможно да не го празнувате 23 Октомври без да се откажете од 11 Октомври. Јасно ми е дека сакате да го празнувате 11 Октомври, но можеби не како државен празник и неработен ден, кој за вас преставува извор на вашиот идентитет. Не гледам друг начин да го решите проблемот, освен да се откажете од празникот. На пример, не можете да се откажете од Гоце Делчев. Не можете да ги промените основите на вашата историја, бидејќи вие во основа имате заедничка историја со Бугарија. Револуцијата на ВМРО и бунтот против Турците се работи од кои не можете да се откажете лесно. Исто така, не можете да правите компромис во врска со јазикот.

Мислам дека не е можно јазикот да не си го нарекувате македонски. Она што можете да го направите, на пример, да го славите Денот на Охрид, 13 Август, или Денот на Преспа, 13 Јуни, на пример тие можете да ги прогласите за државни празници. Тие ќе бидат нови празници поврзани со мирот со Грците и мирот со Бугарите. Втората светска војна одамна е завршена. На пример ние во Европа го славиме 9 Мај како денот кога завршила Втората светска војна. На тој план би можеле да го следите европскиот наратив. Што се крие зад ова? Мислам дека секоја земја што сака да стане членка на ЕУ треба да го изглади своето минато со земјите-членки на ЕУ.

Австрискиот случај беше многу комплициран. Австрија во 1995 година влезе во ЕУ како неутрална земја. Хелмут Кол беше оној што нѐ втурна во ЕУ, бидејќи Французите беа против приклучување на неутрална земја во ЕУ. При секој пристапен процес треба да се анализираат односите со соседите. Од почетокот се знаеше дека бугарско-македонскиот однос е комплициран и треба да се изглади. А Бугарија сега се наоѓа во фрагилна политичка состојба.

Господинот Борисов смета дека мала доза на патриотизам ќе ги подобри неговите позиции во државата. Таму со месеци се протестира, економијата не им е сјајна, а кризата со коронавирусот ја влоши целата ситуација. Борисов се служи со доза национализам за да ги зачува својата позиција и моќ. Никој всушност не го цени тоа и никој нема да го поддржи. Треба да размислите кои отстапки можете да ги направите, а кои се работите за кои никогаш не би можеле да преговарате.

На пример вашиот јазик. Треба да се подготвите за тие преговори. Ние во ЕУ сме многу рационални и сакаме да ви помогнеме. Дефинитивно ќе бидете дел од ЕУ, не грижете се. Но треба да ни олесните за да ви помогнеме и да ве внесеме.

Гунтер Фелингер е австриски експерт и советник од невладиниот сектор за побрза интеграција на земјите од Балкан во ЕУ и во НАТО,а неговите тези се изнесени во интервју за Алфа ТВ

Македонија

Кривична пријава за поранешен директор на Општата болница Охрид

Published

on

СВР Охрид поднесе кривична пријава против А.Ш., на 39 години, од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.

„Тој, во својство на вршител на должноста директор на ЈЗУ – Општа болница во Охрид, со пропуштање на должен надзор и без постоење на правен основ, на четири административни работници во болницата, кои немале решенија за раководна позиција, им определил коефициент на раководење и одговорност, со што на штета на болницата им овозможил право на повисока плата во вкупна вредност од 257.920 денари“, вели портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

Ова било констатирано и при вонреден инспекциски надзор, извршен од страна на Државниот инспекторат за труд.

Continue Reading

Македонија

Тројца судии ќе испитуваат еветуални пропусти во одлуката на судијката Алексовска-Стојановска за предметот на Васил Јованов

Published

on

Судијките Данка Ристова, Антоанета Димовска и Татјана Чачарова Илиевска се тројцата членови на комисијата формирана од страна на Судскиот совет, а која во рамки на своите надлежности треба да испита дали имало пропусти во одлуката на судијката Даниела Алексовска-Стојановска од Основниот кривичен суд Скопје која за Васил Јованов, пресудила воспитно поправна мерка – упатување во поправен дом за малолетници за поседување и продажба на наркотички средства.

Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски денеска изјави дека Комисијата треба внимателно да постапува.

„Треба внимателно да постапува Комисијата, да не створи притисок врз апелационите судови бидејќи тие нормално треба да одлучат по таа првостепена пресуда. Ако е добра ќе ја потврдат. Ако сметаат дека не е во ред, дека постојат одредени повреди на постапката, ќе ја укинат или можеби ќе ја преиначат. Затоа треба Комисијата внимателно да изврши увид и откако ќе заврши со увидот, ќе направи свој извештај. Ќе се постапува паралелно. Меѓутоа, убаво би било да внимаваме бидејќи не сакаме да почувствува Апелациониот суд некаков притисок од наша страна. Доволен е притисокот што веќе го има од јавноста врз тој суд“, изјави Камбовски, по седницата на Судскиот совет.

Пресудата за ова кривично дело против Јованов сѐе уште не е правосилна, бидејќи Апелациониот суд сѐ уште се нема произнесено по жалбената постапка.

Васил Јованов е момчето кое ја прегази Фросина Кулакова на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје и кој се товари дека тоа го сторил со умисла затоа што возел без возачка дозвола, поминувајќи на црвено светло и под дејство на алкохол.

Continue Reading

Македонија

Дали ако е лошо времето ќе го бојкотираме УХМР? (2)

Published

on

Минатиот петок, на 31 јануари, објавив колумна наречена „Дали ако е лошо времето ќе го бојкотираме УХМР“? Главните тези во оваа колумна ми беа: инфлацијата е во голема мерка предизвикана од вештачки зголемениот минималец и покачувања на платите, пред сѐ, во бирократијата, кои не кореспондираат со пораст на продуктивноста и Владата, доколку сака да го амортизира инфлаторниот удар, истото може да го стори само со директни субвенции на социјално загрозените граѓани, а не со замрзнувања на цените за сите граѓани.

Предложив и стратешки мерки, како на пример: зајакнување на конкуренцијата – што побрз влез на нов трговски ланец (Лидл), борба против сивата економијаформирање на потрошувачки задруги (како на пр. во Словенија).

Во колумната од минатиот петок не опфатив едно важно прашање:

Дали постои начин да се влијае на пониските малопродажни цени, преку пониски влезни цени на земјоделските и прехранбените производи?

И тука доаѓаме до многу сериозен проблем:

Најголем дел од прехранбените производи во малопродажба се увозни, а оние што се од домашни преработувачи, во голема мера се зависни од увозни суровини, репроматеријали, амбалажа и што уште не.

Македонското земјоделско производство е во постојано опаѓање, а македонските субвенции за земјоделскиот сектор се во постојан пораст.

Прашање 1: Зошто ние, како општество, фрламе пари година по година, за нешто кое не дава резултати?

Во ваква констелација, шансите за пораст на земјоделското производство се еднакви на тоа наркоман да се откаже од дрога, ако вие дополнително му давате пари да купува нови количини. До кога ќе фрламе парички во Фонтана ди Треви?, надевајќи се дека ќе се вратиме во Рим.

Прашање 2: Дали можеби поинаков систем на субвенции ќе даде подобри резултати во земјоделството?

Очигледно е дека сегашниот систем служи само за купување на социјален мир и политичко влијание.

До кога ќе фрламе парички во Фонтана ди Треви?

Системот на земјоделски субвенции едноставно не дава резултати. Производството не се зголемува. Напротив, субвенциите за македонското земјоделство се како да фрламе парички во Фонтана ди Треви и да се надеваме на чудо.

Шансите да ги намалиме цените на храната и прехранбените производи во малопродажбата, едноставно, се многу мали, бидејќи доминираат увозни артикли на чија цена не можеме да влијаеме.

Да ги видиме следниве бројки:

Учество на земјоделското производство во БДП 

Учеството на земјоделството во БДП се намалило за 34%; од 10,03% на 6,63% за само 10 години.

Ако продолжи овој тренд, за 10 години ќе се намали на 3,9%. Речиси како во Америка, каде земјоделството има ниско учество (само што ни фалат уште околу $60,000 по глава на жител за да бидеме како Америка).

Трговски дефицит во земјоделството

Во земјоделската размена, трговскиот дефицит изнесува 1,17 милијарди евра во само четири години. Толку пари сме морале да откинеме од нешто друго што заработила економијата, или да позајмиме, за да можеме да ја задоволиме побарувачката за храна.

Да не ја заборавиме наједноставната формула на БДП: „БДП е еднаков на збирот од вкупното производство на стоки и услуги и нето извозот, односно извоз минус увоз.”

Ова значи дека самите сме го намалиле БДП во последнава година за 390 милиони eвра. Онака, како да сме шеици, па имаме пари за расфрлање.

Покриеност на увоз со извоз на земјоделски производи

Покриеноста на увозот со извоз во земјоделството се намалува од 75% во 2020-та на 66% во 2023-та.

Ако продолжи овој тренд, во 2033 покриеноста на увоз со извоз во земјоделството ќе изнесува само 29%?!

Субвенциите постојано растат (читај: фрламе сѐ повеќе парички во горенаведената фонтана)

Субвенциите пораснале за околу 8,9 % во последните 4 години.

Притоа, земјоделското производство во најголем број случаи се намалило.

Македонија беше земјоделска земја… а потоа не беше!

Македонија (сегашна Северна, порано Социјалистичка, а уште порано Народна) беше земјоделска земја. Па потоа не беше. И сè помалку е, секој ден сè помалку. На пример, да видиме што се случува од 2020-та година наваму со  производството на месо?

Производство на месо (извор ДЗС)

Производството на месо е преполовено кај сите видови освен кај свинското, каде има пораст од 29%.

Производство на млеко 2000-2023 (извор ДЗСС) 

Или поинаку кажано, производството на млеко во периодот 2000-2023 имало агрегатен годишен раст од само 0,3%, но во последните 4 години е во слободен пад. Особено значајно е намалувањето во 2023 година, кога производството изнесувало 238,328 илјади литри, што претставува пад од 26.5% во однос на 2022 година.

Во полјоделството ситуацијата е уште полоша, да не речеме, катастрофална.

Производство на пченица

За 10 години и повеќе од 2 милијарди евра субвенции, сме го добиле овој резултат:

А) Намалување на засеаните и ожнеаните површини за 10%,

Б) Намалување на производството за 25%,

В) Намалување на продуктивноста за 18%.

Луѓето од мојата генерација (1967) го паметат филмот кој кај нас се преведуваше како „Има ли пилот во авионот?  Две милијарди евра потрошени за намалување на производството за 25% и на продуктивноста за 18%?

Производство на ориз 

Единствена светла точка е тоа што за 11 години има пораст на продуктивноста за 7%. Но,  вкупното производство е опаднато за скоро 40%.

Производство на домати

Кај производството на домати имаме обратен феномен. Исти површини се засадени, но продуктивноста е намалена за 25%.

Всушност, единствена табела каде имаме пораст е таа со административните трошења.

Буџет на Министерството за земјоделство

Продуктивноста на доматите се намалила за 25%, површината под пченица и ориз е преполовена, но затоа имаме Министерство за земјоделство со буџет зголемен за 48%.

Конкретни предлози за намалување на цените на храната и зголемување на земјоделското производство

Во претходната колумна обрнав внимание на екстерните критериуми кои создадоа висока побарувачка: а) висок минималец, високи плати на бирократија и непотребни вработувања, б) немање никакви критериуми или мерење на успешност на вработените во државниот сектор.

Во оваа колумна се осврнав повеќе на субвенции во земјоделството, кои само креираат т.н. клиентелизам, а на никаков начин не го зголемуваат земјоделското производство.

Сега би сакал да наведам некои можни стратегии за подобро да се искористи финансирањето во земјоделството.

1.Продуктивност наместо квантитет

– Наместо едноставно субвенционирање врз основа на површина (хектари) или број на грла добиток, да се стимулира продуктивноста и квалитетот на производството,

– Да се воведе систем на КПИ базирани субвенции, каде што земјоделците ќе добиваат поддршка врз основа на приносот и квалитетот на производите.

2.Мали земјоделски стопанства не можат да бидат ефикасни – окрупнувањето е нужност.

Од класификацијата на земјоделските стопанства (ЗС) по големина може да се види дека 95,27% од ЗС користат земјоделско земјиште под 5ха, а дури 98,5% под 10ха. Само 1,47% од ЗС имаат обработливи површини над 10ха.

3.Поддршка за иновации и модернизација

  • Поголем фокус на механизација и нови технологии за да се зголеми ефикасноста,
  • Финансиска помош за префрлување на паметни земјоделски технологии (на пример, дигитални системи за наводнување и дронови за мониторинг),
  • Поттикнување на еколошко и органско производство со специјални грантови.
  1. Строга контрола и транспарентност,

Да се создаде јавен регистар со сите субвенционирани земјоделци и износи, со што ќе се спречи фаворизирање на одредени производители,

Воведување на независен надзорен орган кој ќе следи како се распределуваат субвенциите.

5. Поддршка за младите земјоделци

-Специјални програми за млади луѓе кои сакаат да почнат агробизнис,

– Олеснет пристап до земјоделско земјиште за млади претприемачи во секторот,

– Директни грантови за иновативни идеи во земјоделството.

6. Диверзификација на производството

– Наместо само субвенционирање на житарици и традиционални култури, да се поттикне одгледување на култури со повисока додадена вредност (лековити билки, овошје за извоз, мед и органски производи),

– Програми за поддршка на локални преработувачки капацитети, за да се создава финален производ, а не само суровина.

7. Поврзување со извозните пазари

-Директна државна помош за извозно ориентирани земјоделци (на пример, субвенции за сертификација за ЕУ пазарот),

-Oдобрување на логистиката и транспортната инфраструктура за полесен пристап до странски пазари.

8.Развој на моделот на Италија за аграрен туризам (Agriturismo)

– Модел според кој малите рурални ресторани се ослободени од ДДВ и данок на добивка доколку послужуваат најмалку 50% сопствени производи: млеко, сирење, месо итн.

Заклучоци

Констатиравме дека бојкотот на трговските ланци нема никаква логика – можноста за интервенција е ниска бидејќи производите се доминантно увезени или зависни од увозни компоненти за производство.

Домашното земјоделско производство е во постојано опаѓање.

Земјоделското производство е намалено за скоро 50% а трговскиот дефицит на земјоделските производи расте со стапка од 30% и  достигна скоро 1,2 милијарди евра.

Субвенциите  се во постојан пораст и се зголемени за околу 10%. 

На тоа ги додаваме и покачените трошоци на Министерството за земјоделство: буџет поголем за 48%, плати поголеми за 73% и оперативни трошоци по вработен зголемени за 76%.

Како капак на сето погоре, имаме бројни високо образовни и научни установи: имаме Факултет за ветерина, Факултет за земјоделски науки и храна, Земјоделски и Институт за сточарство при УКИМ, Земјоделски факултет УГД Штип, Биотехнички и Ветеринарен факултет при УКЛО – Битола, Институт за тутун – Прилеп, Факултет за земјоделство и биотехнологија ДУТ Тетово.

Се разбира, тие не се директно одговорни за намаленото производство но би требало да влијаат на зголемување на продуктивноста.  А, не кај доматите да имаме намален принос. Ние, Македонија, која историски беше традиционален производител и извозник на раноградинарски култури?!

Накратко фрламе пари во Фонтана  ди Треви“ и го гледаме филмот „Има ли пилот во авионот“. А потоа повикуваме на бојкот на трговските ланци?

Историска шанса или кој ќе биде споменуван 1.000 години од сега? (и дали воопшто?)

Денес, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ има историска шанса. Може да се занимава со политиканство и клиентелизам и да ги дели средствата за субвенции, плати за администрација и високообразовни установи без никаков ефект, како што се делени до сега. 

Или, може да направи историски исчекор и да ја повлече Македонија напред. Државата треба да го поттикнува само она што е продуктивно и профитабилно, и добро за економијата и за целото општество.

Дали Владата ќе ја искористи оваа шанса, зависи само од нив. „Секој е ковач на својата судбина“ рекол Appius Claudius Caecus од 4-от век п.н.е. во Стариот Рим.

Appia Antica и денес е едно од најпосетуваните историски места во Рим.  Appia Nuova е наречена во негова чест.

Дали некој од денешните македонски политичари ќе ја има таа од  раководител на Министерство или Влада, да прерасне во државник, за по илјада години некоја улица да се нарекува по него или по неа?

Д-р Марјан Бојаџиев, универзитетски професор,

Соработници: м-р Александар Ивановски УАКС Алумни, м-р Стефан Таневски, асистент на УАКС, м-р Никола Деребанов, консултант и експерт за зелена економија

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2024 Булевар.мк