Connect with us

Инфо +

Сите вистини и заблуди за обичаите поврзани со Бадник и Божиќ

Published

on

Во различни делови од земјава се прават различни обичаи за време на празниците Бадник и Божиќ, отец Бобан Митевски минатата година за Точка разговараше за овој празник и од верски аспект разреши многу ваши дилеми: дали паричката носи среќа или не, треба ли да се пали оган или не, која е вистинската коледарска песна?

Што означува коледарската песна и која е вистинската?

Коледарските песни го означуваат или поточно го објавуваат, го разгласуваат раѓањето на Спасителот на човекот и светот, Господ Исус Христос. Нивната содржина е исполнета со терминологија која извира од Евангелието и воопшто од преданието на Светата Црква. Па затоа вистинска е онаа коледарска песна која е во контекстот што го споменавме. Низ нашата традиција разни коледарски песни, кои се пееле по разни краишта на Македонија. Такви се „Вечниот Бог“, „Небо и земја“, потоа имаме забележана коледарска песна и во Зборникот на Миладиновци, која го носи насловот „Христосово рожање“, позната н нашите простори е и песната за тројцата мудреци итн. Секако, во редот на овие не можеме да ја сврстиме песната Коледе леде, која по својата тематика и содржина нема врска со Христовото раѓање.

Која е симболиката на дарување на коледарите и со што треба да се даруваат?

Симболиката е благодарност за трудот да го објавуваат радосниот настан со раѓањето на Бога во тело. Традицијата сведочи дека се даруваат разни плодови и на тој начин сето создание учествува во таа небоземна радост: луѓето, ангелите, сето создание. Коледарите како да се слика на ангелите кои на луѓето им го соопштија раѓањето на Младенецот Христос.Палењето оган e пагански обичај или…
Во христијанската месна традиција тука кај нас постојат сведоштва за палење оган, но во рамките на храмовите, каде што народот прво бил на вечерна богослужба, па потоа сите заедно излегувале во дворот, па го продолжувале славењето на Бога со пеење на побожни песни. Палеле оган за да се згреат, зашто Бадник, односно Божик е секогаш во зимски период од годината. Некој огнот го поврзуваат како симболика на огнот околу кој седеле пастирите, чувајќи ги своите стада, а на кои ангели им го објавиле раѓањето на Спасителот на светот. Колку оваа симболика и да има смисла, не треба симболиката да стане средиште на нашето празнување – односно огнот да стане најважното нешто за Божик. Но денес имаме појава каде што палењето на огнот нема никаква врска со Божик, со Христос, со тематиката на празникот. Најголемиот дел од работите што се прават на тој чин потсетуваат на паганизам. Тогаш е пост, посен период, што значи воздржување и смиреност, а околу огновите имаме изобилство на храна, за жал некогаш и мрсна, ал* охол, кој се користи во изобилство, несоодветна музика, во голема мера празно и недолично однесување и зборување итн.

Обичаи за време на вечерата за Бадник и што треба да има на трпезата?

Трпезата со храна за Бадник не е средишниот настан во прославувањето на Бадник, туку е продолжеток на духовната трпеза – богослужението во Црквата. Богослужението е централниот настан, а домашната тршеза со храна е само продолжение. Според ова, целото семејство треба најпрво да биде на духовна трпеза и духовно да се нахрани со молитвата и заедничарењето со другите верни во Бога, а потоа да се поткрепи и телесно. На трпезата треба да го има тоа што го имаме во домот, согласно можностите. Да не биде разновидно и изобилно, зашто, потсетувам, постот сè уште трае. А постот е воздржување. Всушност, според црковното предание на овој ден, доколку не е сабота или недела, е дури и строг пост, зашто секогаш во очи на големите празници постиме најстрого… Сетете се како е на Велика сабота, пред Велигден. Но заради нашата традиција на заедничка семејна трпеза за Бадник, се допушта масло, но не и риба.

Вистина ли паричката носи среќа или можеби несреќа?

Лебот со паричка, според преданието на Црквата, се прави и прекршува на Василица, а не на Бадник. И има зошто. Затоа што на овој ден, на Василица, ден кој е посветен на големото светило на Православието – свети Василиј Велики, вршиме спомен на чудото што се случило во негово време. Имено, еден ден, кога Јулијан Отстапникот, нечесен цар и гонител на Христијаните, сакаше да оди за Персија и да во јува со Сасанидите, тој помина близу Кесарија. Тогаш св. Василиј, кој добро го познаваше, бидејќи беа соученици во Атина, излезе заедно со народот да го пречека и почести. Јулијан побара дарови, очекувајќи злато и скапоцености. Но, светиот немаше ништо друго, освен три леба од јачмен, кои му ги принесе на злобниот цар. Треба да се знае дека тој не принесе скапоцености, бидејќи не сакаше да даде нешто повредно, туку бидејќи мнозинството на жители во Кесарија беше навистина сиромашно. Кога го виде тоа, Јулијан им нареди на своите слуги да соберат трева од ливадата и да му ја дадат на епископот за возврат. Тогаш светиот праведно му одговори на Јулијан: „Ние, цару, откако ни побара, ти принесовме од нашата храна, па и ти, очигледно, ни возврати од тоа што и самиот го јадеш.“ Кога ги слушна овие зборови, Јулијан многу се налути и вети дека кога ќе извојува победа во Персија, ќе се врати во Кесарија, ќе го запали градот и ќе ги пороби неговите жители, а Василиј ќе го награди со иста мера. Поради тоа, св. Василиј побара од народот да го соберат сето злато што го имаат и да го зачуваат некаде, за да му го дадат на среброљубивиот Јулијан кога ќе се врати, па така, можеби, да го намалат неговиот гнев. Исто така, епископот им наложи на Христијаните да постат и да се молат, додека не се врати Јулијан. За време на богослужбата, светиот имаше небесно видение: Пресветата Мајка Божја, носена на ангелски престоли, нареди да го повикаат маченикот Меркуриј и го испрати со војска од ангели против Јулијан, непријателот на нејзиниот Син. Тогаш го виде и свети Меркуриј, вооружен и јавнат на коњ, како заедно со ангелските војски, тргна против безумниот цар и му го одземал животот со своето копје. Освестувајќи се од ова видение, св. Василиј, во придружба на неколку клирици, побрза во храмот на свети Меркуриј, кој сто години пред тоа имаше пострадано во Кападокија и видоа дека од храмот беа исчезнати неговите мошти и копјето, кои таму се чуваа. Подоцна дојдоа во градот вести дека Јулијан заминал од овој свет. Всушност, тоа што го виде великиот Василиј, беше токму тоа, што во истиот миг, навистина се случи на едно место недалеку од Кесарија. Така се спаси градот Кесарија. Но, тогаш свети Василиј се најде во многу тешка положба. Требаше да го подели златото, кое граѓаните го собраа за да се избават од гневот на Јулијан, но таа поделба да е праведна, односно, секој да си го добие своето. Се помоли светителот и Бог го просвети што да направи. Тој ги повика своите ѓакони и помошници и им рече да замесат лебови и во секој леб да стават по малку од златните предмети. Кога лебовите беа готови, епископот ги подели како благослов на сите жители на градот Кесарија. Во почетокот сите се зачудија, а потоа нивното изненадување стана уште поголемо: кога секое семејство го пресече лебот, во него најде злато, но не било кое, туку токму она што му го имаше дадено на својот епископ.

Едноставно, лебот со паричка на Василица е потсетување на ова чудо и славење на Бога поради истото. Обичајот за Бадник да се прекршува леб со паричка е увезен од традициите на соседни православни народи и така полека се одомаќинувал и кај нас. Кога логички ќе размислиме ќе видиме дека и овој обичај како пополека да се вади од контекстот на христијанството и се поедноставува до таа мерка што дури е несоодветен за разумноста токму поради ставањето акцент на паричката, која носи среќа итн. Етимологијата на зборот среќа е од зборот срешта, што значи среќата, задоволството, благоста и смислата е од средбата со другиот, како и со Бога.

Што треба да прави со неа оној што ќе ја добие?

Леб со паричка треба да правиме на Василица. Тој што ќе ја добие паричката на Василица треба тоа да го смета како благослов од Бога, како повод да благодари за секое добро или, пак, да се размисли над себе за своите дела.

До кога се поздравува со Христос се роди?

Со овој поздрав христијаните се обраќаат еден кон друг од Божик, па сè до одданието на празникот, кое секогаш е на 13 јануари.

Македонија

На празник си заминуваат праведните: По долго боледување, почина таткото на Тоше Проески

Published

on

Почина Никола Проески, татко на легендарниот музичар Тоше, а веста за неговото заминување денес на социјалните мрежи ја објави Дора, неговата ќерка.

–Светол патот, татко мој! – напиша таа на социјалните мрежи. 

Continue Reading

Македонија

Ќе ве расплаче! Објавена “Кажу да време лечи све” – гласот на нашиот ангел изваден со посебна технологија (ВИДЕО)

Published

on

„Кажу да време, време лечи све, ал шта ми врeди вечност без тебе”… се стиховите од рефренот на последната отпеана песна, која се чинеше никогаш нема да го здогледа светлото на денот.

Имено, со помош на новата АИ технологија е изваден вокалот и пијаното за од демо да се направи студиска снимка, која денес доживеа свое издание.

Песната е оставена како аманет на еден од ретките вистински пријатели кој што Тоше ги имаше во неговиот живот- нашиот познат радио водител, диџеј и продуцент Кирил Зарлинов попознат како Ерик Фокс, кој одлучи оваа демо снимка комплетно аранжмански да ја заврши и да ја даде како подарок од Тоше за сите негови обожаватели по повод неговиот роденден, се со цел неговиот лик и дело никогаш да не бидат заборавени.

Автор на музиката и текстот е Зоран Ѓорѓевиќ, а аражманот и продукцијата се на Кирил Зарлинов (диџеј Ерик Фокс).

Миксот и мастерингот се на нашиот познат микс инженер, кој долги години живее и работи во САД Костадин Камчев – „Студио Моцарт“ од Њу Џерси, кој има три номинации на музичките ГРЕМИ награди за најдобар микс инженер.

https://youtu.be/mpizP1g2dBo

Continue Reading

Македонија

Денеска ќе наполнеше 43 години: На денешен ден е роден Тоше Проески

Published

on

Во Прилеп на денешен ден е роден Тоше Проески.

Музичката кариера ја започна со настапот на „Мелфест“ во 1997 година. Патот кон ѕвездите му го отворија песните „Усни на усни“, „Сонце во твоите руси коси“, „Пушти ме“ (1997) и „Остани до крај“ (1998). Тој беше претставник на Република Македонија за песна на Евровизија во 2004 година во Истанбул, Турција, и го освои 14-то место со песната „Ангел си ти (Life)“.

Во 2004 година, Проески беше именуван за регионален Амбасадор на добра волја на УНИЦЕФ. По тој повод ја издаде песната „За овој свет“. Со песната „Чија си“ во 2003 година Тоше победи на белградскиот музички фестивал „Беовизија“ со што дефинитивно прерасна во најголема регионална музичка ѕвезда на некогашните ЈУ простори.

Тој ги објави албумите „Синот Божји“ (2000), „Некаде во ноќта“ (2001), „Ако ме погледнеш в очи“ (2003), „Ако ме погледаш у очи“ – верзија на српски јазик (2003) „Ден за нас“ (2004), „Дан за нас“ – верзија на српски јазик (2004) „По тебе“ (2005), „Пратим те“ – верзија на српски јазик (2005) „Божилак“ (2006), „Игри без граници“ (2007) и „Игре без границе“ – хрватска верзија (2007).

Сингловите од албумот „По тебе“ по неколку месеци се наоѓаа на највисоките места на музичките топ-листи во Хрватска, Македонија, Србија, Црна Гора, Словенија и Босна и Херцеговина.

Неговото издание „Божилак“ е компилација од преработки на 14 избрани традиционални македонски песни. Објавени се и ДВД-изданија на негови концерти во 2004 и 2006 година.

Речиси секоја негова песна беше хит како што се: „Усни на усни“, „Соба за тага“, „Ако ме погледнеш в очи“, „Тајно моја“, „Немаш ни благодарам“, „Срце није камен“, „Кој ли ти гризе образи“.

Тоше ги привршуваше студиите на Музичката академија во Скопје и работеше на музичката кариера за своја промоција во светски рамки.

Последниот концерт во Македонија го одржа на 5 октомври на Градскиот стадион ( Арената Филип Втори) во Скопје. Концертот беше хуманитарен и наменет за обнова на основните училишта во земјава.

Постхумно државата Република Македонија го прогласи за заслужен граѓанин.

Тоше Проески загина на 16 октомври 2007 година во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка во Хрватска. Владата на Република Македонија во негова чест во неговото родно Крушево изгради мавзолеј – Спомен куќата на Тоше, каде низ музејска поставка од восочни фигури со неговиот лик во природна големина, лични предмети, музички инструменти, фотографии, видеа, сувенири… е прикажан целиот негов живот и музичкиот опус во кусата, но пребогата кариера

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2021 Булевар.мк