Connect with us

Инфо +

СОБОР НА СВ. ЈОВАН КРСТИТЕЛ: Овој ден се вика и Женски Водици

Published

on

Овој ден се вика уште и Женски Водици поради што главен збор во изведувањето на обичаите имаат жените. Покрај другото на овој ден жените одат по коледица, и тоа само по куќите од својата компанија.

Најпрвин една девојка облекуваат во невестинска облека, таа бацува рака и ги собира подароците, најчесто пари. Одејќи низ селото водичарките пеат: „Појдов дојдов низ село / најдов сено косено…“ во дворот од куќата: „Овде дворје метени / овде моми плетени…“, во куќата на секој член од семејството му пеат посебна песна во зависност од неговата старост и положбата во фамилијата. На домаќинот му се пее песната:

Домаќине Стамјанине,
дали пиеш или спиеш,
ако пиеш весели се,
ако спиеш разбуди се.
Долетало лепо пиле
на рамена на Стамена.
Тогај велит домаќинот:
‒ Ај подајте лак и стрела,
да застрела ова пиле.
Одговори лепо пиле:
‒ Не сум пиле за стрелање,
тук сум пиле аберџија,
абер носам од далеку,
ти си имаш мила сина,
царот има мила ќерка,
двајца да се сосватите,
и пак да се понашате
како вејка со јаболка,
како нива со пченица,
како трло со јаголнца.

На жена со машко дете ѝ се пеела песната: „Има мајка мила сина“, на жена со ќерка: „Има мајка мила ќерка“ или „Има мајка мили ќерки“, ако имала повеќе женски деца, а на жена без деца и се пеела песната „Еливер ми коња коит“ итн. Според содржината но и според начинот на исполнувањето овие песни се блиски со лазарските песни.

Најсвечено и највесело е вечерта кај кумот кога се одврзува крстот и кога кумот му го предава крстот, а со тоа и кумството, на новиот кум. Стариот и новиот кум седнуваат еден до друг, кумот го одврзува крстот и на секоја фамилија од компанијата ѝ дава по еден страк од босилекот и по дел од црвениот конец со кој бил врзан крстот. Потоа крстот му го предава на новиот кум и му го честита кумството. По ова неколкумина мажи го креваат новиот кум три пати високо, до таванот, а сите присутни стануваат и пеат:

Сопаши се, стари куме
опаши се, нови куме,
личен Господ се распашал,
со јариња, со јагниња,
со дечиња во куќава,
со бериќет низ полено,
танки ржи до шлемиња,
пчејнците до гредите,
јачмењата до појаси,
а урвите до колена.
Исчекале и в година,
и в година и за многу
сосе рода што имаме
и мајкина и таткова.

Додека го креваат кумот тој благословува да се живи луѓето, да се јачи компанијата, а потоа на низата со пари околу крстот врзуваат уште една пара што означува уште една успешно помината година. Од сиве овие активности на кумот може да се види дека во народното верување тој ја претставува врската со богот заштитник.

Во Разлошко вечерта спроти Водици (Јордановден) се правела „Попова најатка“, со посна храна исто како и на Бадник. На овој ден свештеникот одел низ селото и со светена вода ги прскал куќите, со што ги отстранувал злите демони познати како „караконџери“. Со тоа завршувале и Поганите денови. Во селото Елешница, следниот ден на Водици, по службата во храмот „Св. Атанасиј“ народот заедно со свештеникот, оделе на реката каде што го фрлале крстот во водата. При овој чин тројца мажи пукале со пушки во воздухот. По фрлањето на крстот и осветувањето на водата сите се миеле за здравје, а вода носеле и дома, за да се измијат тие што не можеле да појдат на реката, како и за да ги попрскат просториите во куќата и во шталата кај стоката. На тој ден на реката ги крштевале децата родени во Караконџеровите денови, зашто таквите деца не ги крштевале во црквата. (Подготви Марко Китевски)

Собор на свети Јован Предвесник и Крстител

Со оглед дека главната улога на Свети Јован се оствари на денот на Богојавление, древната Црква денот по Богојавление му го посвети на неговиот спомен. За овој ден се врзува и настанот со раката на Светиот Предвесник. Евангелистот Лука, кој посака да го пренесе Јовановото тело од Севастија, во којашто големиот Пророк беше убиен од царот Ирод во Антиохија, родното место на Св. Лука, успеа да ја пренесе само едната рака на Свети Јован, којашто во Антиохија ја чуваа до 10 век. Потоа беше пренесена во Цариград, но во времето на Турците исчезна оттаму. Свети Јован Крстител се прославува неколку пати во годината, но народот најмногу го празнува овој ден, 7 јануари. Меѓу евангелските личности околу Спасителот тој има посебно место: и според начинот на доаѓањето во светот, и според улогата на Крстител на луѓето за покајание, и како Крстител на Месијата, најпосле и според трагичното заминување од овој живот. Се одликуваше со толкава морална чистота што навистина можеше попрво да биде нарекуван ангел одошто смртен човек. Меѓу сите Пророци Свети Јован е единствениот кој можел и со рака да Го покаже Оној за Кого пророкувал. За раката на Светиот Предвесник се раскажува дека секоја година на денот на неговиот спомен архиерејот Антиохиски ја изнесувал пред народот. Понекогаш таа рака се јавувала раширена, а понекогаш згрчена. Во првиот случај означувала родна и богата година, а во вториот неродна и гладна.

Македонија

Ќе ве расплаче! Објавена “Кажу да време лечи све” – гласот на нашиот ангел изваден со посебна технологија (ВИДЕО)

Published

on

„Кажу да време, време лечи све, ал шта ми врeди вечност без тебе”… се стиховите од рефренот на последната отпеана песна, која се чинеше никогаш нема да го здогледа светлото на денот.

Имено, со помош на новата АИ технологија е изваден вокалот и пијаното за од демо да се направи студиска снимка, која денес доживеа свое издание.

Песната е оставена како аманет на еден од ретките вистински пријатели кој што Тоше ги имаше во неговиот живот- нашиот познат радио водител, диџеј и продуцент Кирил Зарлинов попознат како Ерик Фокс, кој одлучи оваа демо снимка комплетно аранжмански да ја заврши и да ја даде како подарок од Тоше за сите негови обожаватели по повод неговиот роденден, се со цел неговиот лик и дело никогаш да не бидат заборавени.

Автор на музиката и текстот е Зоран Ѓорѓевиќ, а аражманот и продукцијата се на Кирил Зарлинов (диџеј Ерик Фокс).

Миксот и мастерингот се на нашиот познат микс инженер, кој долги години живее и работи во САД Костадин Камчев – „Студио Моцарт“ од Њу Џерси, кој има три номинации на музичките ГРЕМИ награди за најдобар микс инженер.

https://youtu.be/mpizP1g2dBo

Continue Reading

Македонија

Денеска ќе наполнеше 43 години: На денешен ден е роден Тоше Проески

Published

on

Во Прилеп на денешен ден е роден Тоше Проески.

Музичката кариера ја започна со настапот на „Мелфест“ во 1997 година. Патот кон ѕвездите му го отворија песните „Усни на усни“, „Сонце во твоите руси коси“, „Пушти ме“ (1997) и „Остани до крај“ (1998). Тој беше претставник на Република Македонија за песна на Евровизија во 2004 година во Истанбул, Турција, и го освои 14-то место со песната „Ангел си ти (Life)“.

Во 2004 година, Проески беше именуван за регионален Амбасадор на добра волја на УНИЦЕФ. По тој повод ја издаде песната „За овој свет“. Со песната „Чија си“ во 2003 година Тоше победи на белградскиот музички фестивал „Беовизија“ со што дефинитивно прерасна во најголема регионална музичка ѕвезда на некогашните ЈУ простори.

Тој ги објави албумите „Синот Божји“ (2000), „Некаде во ноќта“ (2001), „Ако ме погледнеш в очи“ (2003), „Ако ме погледаш у очи“ – верзија на српски јазик (2003) „Ден за нас“ (2004), „Дан за нас“ – верзија на српски јазик (2004) „По тебе“ (2005), „Пратим те“ – верзија на српски јазик (2005) „Божилак“ (2006), „Игри без граници“ (2007) и „Игре без границе“ – хрватска верзија (2007).

Сингловите од албумот „По тебе“ по неколку месеци се наоѓаа на највисоките места на музичките топ-листи во Хрватска, Македонија, Србија, Црна Гора, Словенија и Босна и Херцеговина.

Неговото издание „Божилак“ е компилација од преработки на 14 избрани традиционални македонски песни. Објавени се и ДВД-изданија на негови концерти во 2004 и 2006 година.

Речиси секоја негова песна беше хит како што се: „Усни на усни“, „Соба за тага“, „Ако ме погледнеш в очи“, „Тајно моја“, „Немаш ни благодарам“, „Срце није камен“, „Кој ли ти гризе образи“.

Тоше ги привршуваше студиите на Музичката академија во Скопје и работеше на музичката кариера за своја промоција во светски рамки.

Последниот концерт во Македонија го одржа на 5 октомври на Градскиот стадион ( Арената Филип Втори) во Скопје. Концертот беше хуманитарен и наменет за обнова на основните училишта во земјава.

Постхумно државата Република Македонија го прогласи за заслужен граѓанин.

Тоше Проески загина на 16 октомври 2007 година во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка во Хрватска. Владата на Република Македонија во негова чест во неговото родно Крушево изгради мавзолеј – Спомен куќата на Тоше, каде низ музејска поставка од восочни фигури со неговиот лик во природна големина, лични предмети, музички инструменти, фотографии, видеа, сувенири… е прикажан целиот негов живот и музичкиот опус во кусата, но пребогата кариера

Continue Reading

Македонија

НОЌТА ПРЕД ВОДИЦИ Е НАЈМОЌНАТА НОЌ ВО ГОДИНАТА

Published

on

Големиот христијански празник – Водици, се слави на 19 јануари, со традиционално фрлање за Светиот крст.

На овој ден се слави споменот на Христовото крштевање на реката Јордан и Божјиот изглед во форма на гулаб и глас: „Ова е мојот Син и Него послушнете го“.

На Богојавление, 19 јануари, завршуваат некрстените денови. На овој ден се осветува вода во сите цркви и храмови. Тоа е свечен обред на кој, скоро редовно, присуствуваат многу луѓе, кои носат осветена вода во своите домови, бидејќи оваа Света вода – Богојавленска, се чува во секој дом во текот на целата година како големо светилиште, и се користи само при голема потреба (болест, вознемирување од зли духови).

Богојавление е еден од најголемите христијански празници и соодветно на тоа, се развиле многу народни обичаи поврзани со самиот ден, како и ноќта пред Богојавление.

1. Отворање на небото

Ова е најпознатиот обичај поврзан со Богојавленската ноќ. Имено, се верува дека еден ден пред Богојавление, точно на полноќ, се отвораат небесата. По тој повод, треба да се погледне во небото и да се замислат желби за кои се верува дека сигурно ќе се остварат.

2. Огледала под перницата

Вообичаено е невенчаните девојки да ставаат огледала под перниците ноќта пред Богојавление, бидејќи се верува дека така ќе го сонуваат младичот со кој ќе стапат во брак.

3. Вода од извор

Во некои делови, вообичаено е младите девојки да одат на недопрен извор на вода утрото на Богојавление, да фрлат неколку зрна пченица или некои други житни култури во неа и да кажат: „Како што поминува водата, така ќе се бере и жетвата на нашите полиња“. Потоа ја полнат водата и ја носат до своето домаќинство. На некои места, сè уште е зачуван обичајот на семејството да пие малку од таа вода преку секира, бидејќи се верува дека на тој начин ќе се избегнат расправии меѓу нив.

4. Предвидување на времето

Обичај е некаде постарите жени да ги земаат предвид временските услови на Богојавление и со тоа да предвидат каква ќе биде годината. Ако, на пример, има мраз и снег на тој ден, се верува дека годината ќе биде плодна, а ведро време најавува сува година.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2021 Булевар.мк