Според „изворите“, најголем дел од таа вооружена формација била составена од македонски радикални екстремни и националистички настроени државјани, кои имаат цел во предизборието да вршат заплашување и закани на македонски граѓани, за да издејствуваат поддршка за ВМРО-ДПМНЕ, рече премиерот Мицкоски и додаде дека тие што го следеле него и неговото семејство ќе одговараат
Според Извештајот на работата на Агенцијата за национална безбедност, кој е декласифициран за јавноста, тогашните безбедносни служби ме назначиле како организатор на параполициска воена вооружана формација и физички ме следеле, но не само мене, туку предмет на следење било и моето семејство, двата малолетни сина и мојата сопруга, рече премиерот Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница.
Тој одговараше на пратеничко прашање од Јован Јаулески од ВМРО-ДПМНЕ за тоа дали има нови моменти во врска со неговото физичко следење и дали може да се очекуваат докази врз база на спроведена истрага во рамки на институциите.
– Една од неколкуте институции кои што треба да се занимаваат со безбедноста на државата, наместо да се занимава со безбедноста на Македонија, се занимавала со физичко следење на претседателот на најголемата опозициска партија. И тоа го правеле на многу интересен начин. Како? Измислуваат извор, во случајот „Цилиндар“ кој што според нив доставува веродостојна информација. Конкретно, таква информација доставил некаде од почетокот на 2020 година, чудно тоа коинцидира со изборите што тогаш се случуваат, во која што вели, внимавајте, параполициско-воена вооружена формација. Претпоставувам најголем дел од вас биле параполициско-воено вооружена формација, составена од, внимавајте го ова, македонски радикални екстремни и националистички настроени државјани, кои имаат цел во предизборието да вршат заплашување и закани на македонски граѓани, за да издејствуваат поддршка за ВМРО-ДПМНЕ. И ова е многу интересно, нарачател и финансиер на оваа параполициско-воена вооружена формација на македонски радикални екстремни и националистички настроени елементи е професор д-р Христијан Мицкоски. Јас сум тој кој што оваа формација ја финансирал, ја формирал итн – рече премиерот Мицкоски.
Ова е оставено како трага таму, додаде тој, и точно се знае кои се тие кои што ова го работеле. Ова служело како покритие за да бидеме покриени физички сите, рече Мицкоски.
– Сите, најголем дел од вас сте дел од оваа параполициско-военс вооружена формација. Некаде во втората половина од таа година истиот овој извор „Цилиндар“ вели дека јас сум виден со две женски лица на Водно, како пешачам. Во името на приватноста не сакам да ги кажам, но, како што не е вистинита првата информација, не е вистинита ниту втората. И замислете тие две женски лица ми презентирале информации од мој политички интерес. А додека пешачам, изворот „Цилиндар“ мене ме покривал – нагласи премиерот Мицкоски.
Мицкоски рече дека бил следен и во 2021 година за време на локалните избори, но овој пат изворот го добил името „Џокер“.
– Изворот сега го добива името „Џокер“ не е веќе „Цилиндар“. Тој вели дека во манастирот „Свети Јоаким Бигорски мојата средба со припадници на патриотското друштво не била случајна, туку тоа било средба во која што јас сум ја остварил за да ја нарушуваме безбедноста и стабилноста на Македонија. Повторно алиби за да бидам физички покриван – рече Мицкоски.
Дали ова се европските вредности кои ги промовираше тогашната власт на СДСМ и ДУИ, праша Мицкоски. Тој посочи дека мора преку реформи еднаш засекогаш да се стави крај на овие злоупотреби со безбедносните служби.
– И тоа не е сè. Тука се покривани и мојата сопруга, моето семејство и моите малолетни синови. И затоа е сега стравот. Не е стравот заради друго нешто. Овие европски вредности ги промовираа овие луѓе. Дали ова се вистинските европски вредности, дали јас ви личам на човек кој што може да финансира параполициско-воена вооружена формација? Затоа треба на овие злоупотреби еднаш засекогаш со реформа во овие служби да им се стави крај, за да не им се случува истото на оние генерации коишто доаѓаат после нас. Затоа што ако ова им се случува, ништо не сме направиле, за бадијала ни е сè и европски фронтови и балкански фронтови и било што, ако ние во 21. век имаме ваков начин на злоупотреба на работата на безбедносните агенции – рече премиерот Мицкоски.
Тој додаде дека тие што го следеле него и неговите деца ќе одговараат за постапката.