Connect with us

Инфо +

Коцарев: Бродот Македонија постепено, ама сигурно тоне

Бродот Македонија постепено, ама сигурно тоне… Земјата стана центар на дестабилизација на регионот… Ако Македонија се соочува, благо кажано, со бесмислени и апсурдни уцени, во процесот на интеграција, што ни останува нам…

Со вакви оцени настапил претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев, во експозето на редовното годишно собрание на Академијата, што, според информациите од страницата на институцијата, се одржало на 17 февруари преку видеоврска.

Целото експозе во продолжение

Во првиот дел од ова експозе, на самиот почеток, би сакал да ве информирам дека МАНУ и оваа година подготви богата програма за работа во која, покрај другите активности, како особено значајни би ги издвоил активностите по повод 100 години од раѓањето на основачот и првиот претседател на МАНУ, акад. Блаже Конески. Резултатите
од дејноста на МАНУ и нејзините членови се детално набележани во Извештајот за работата на МАНУ во 2020 година. Затоа, во продолжение, сосема накусо ќе проговорам за работата на МАНУ во 2020 година – година на непријатни изненадувања и одложувања, во која се сменија нашите планови, рутини, очекувања, верувања и вредности, година на зголемена несигурност, трагична година за која многумина тврдат дека е вододелница по која ништо нема да биде исто.

Прво. Во измината година се залагав за целосна независност на Академијата, за целосна слобода на научното и уметничкото творештво, за подобрување на институционалниот капацитет на Академијата, и за поефикасно извршување на нејзината основна дејност. Би сакал да истакнам, како што и многупати досега имав најавено во текот на изминатата година, дека ќе се залагам за одбележување на Денот на МАНУ на 28 октомври, денот кога е формирано Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург (28 октомври 1902 година) и кој ја покажува, симболично, почетната точка во еволуцијата на македонската современа научна мисла.

Второ. Водени од идејата дека Академијата треба, колку што е можно повеќе, да ги поддржува, применува и јакне, институционално, советодавните и апликативните аспекти на научните истражувања, МАНУ започна соработка со повеќе институции во земјава на теми круцијално важни за нашата општествена и економска иднина.

Трето. Во 2020 година, Академијата успешно ја спроведе обемната и богата научна и уметничка програма, при што беа реализирани 89 научноистражувачки и уметнички проекти од разни области, од коишто речиси половина беа меѓународни (вклучувајќи ги тука и билатералните проекти со академиите од регионот). Покрај тоа, во изминатата година, и издавачката дејност на МАНУ беше импресивна: 37 изданија – 15 периодични и 22 посебни изданија, што содржат вкупно околу 11.000 страници, и еден патент одобрен во САД и од ЕУ во кој се предлагаат методи за контрола на батерии и електрични кола за складирање на енергијата во енергетските мрежи. Тука, посебно би сакал да ги издвојам колективните изданија на МАНУ:

четирите книги за македонскиот јазик, книгата за историјата на Македонија и македонската култура и книгата во која се поместени истражувачките активности на МАНУ за справување со пандемијата на ковид-19. Во текот на 2020 година, и покрај состојбата предизвикана од корона-вирусот, во организација на МАНУ беа одржани вкупно 35 настани. Исто така, со особена почит кон сите други научни и уметнички дострели на МАНУ во 2020 година, би сакал да спомнам дека тројца членови на МАНУ се прогласени за 2 % водечки, највлијателни и најцитирани научници на целата планета од страна на Универзитетот Стенфорд, и тоа само за 2020 година. Тоа зборува за
исклучителната научна сила на МАНУ и за репутацијата на МАНУ во светот на науката и уметноста на глобално ниво.

Четврто. Во 2020 година, членовите на МАНУ, поединечно, одделенијата на МАНУ, но и Претседателството на МАНУ излегоа со ставови за сите актуелни теми. Позитивните реакции на граѓаните, интелектуалците, но и институциите, во државата и надвор од неа, беа едногласни дека МАНУ станува водечка институција и рамка-водилка за правилен развој на една демократска и напредна земја.

Би сакал искрено да им се заблагодарам на сите членови на МАНУ коишто со својата научна, уметничка и општествена активност придонесоа за зголемување на репутацијата на МАНУ. Што се однесува до моите активности, во првата година од моето раководење со МАНУ, дадов повеќе од десетина интервјуа (за телевизии, весници и портали) и напишав повеќе од дваесетина колумни/есеи за различни актуелни теми. Активно учествував во пишувањето на Промеморијата за државотворноста и идентитетот на македонскиот народ, Македонскиот манифест и Ставовите на МАНУ во врска со реформите во образованието.

Петто. Во изминатата година успешно беа завршени одредени активности што ќе придонесат за подмладување на Академијата, со промена на изборниот модел, со изградба на јасни критериуми за членство во МАНУ, кои мора да бидат диференцирани, во зависност од карактерот и од природата на научните и уметничките области, водејќи сметка за тоа кои области се застапени во Академијата. Тука, би потсетил дека 2021 година е година во која Академијата треба да спроведе постапка за избор на членови на Академијата, но, притоа, водејќи сметка дали има нормални услови и околности за тоа.

Почитувани академици, членови на МАНУ, уважени гости,

Во вториот дел од ова експозе, ќе се осврнам на неколку клучни прашања од значење за МАНУ и за Македонија. Пишувањето на ова експозе вклучи користење разновидна литература, којашто ќе биде вклопена во интегралниот и проширен текст на ова експозе, текст што наскоро ќе биде објавен во некое од изданијата на МАНУ. Во ова кусо авторско обраќање, дури ни во проширениот текст, не е можно да се направи целосна анализа на социјалните, општествените, економските и геополитичките предизвици со кои ќе биде соочена Македонија во 2021 година и во наредните години. Сепак, се надевам дека дискусијата предложена тука ќе фрли светлина врз предизвиците со кои се соочуваме, нудејќи размислувања кои евентуално би биле корисни за истражувачите и за креаторите на политики.

Пандемијата и глобалниот поредок. Живееме во свет што се наоѓа на граница меѓу две епохи, време во кое тешко можеме да ја осознаеме, видиме, перципираме новата епоха.Пандемијата веќе предизвика низа каскадни кризи во здравството и во економијата. Тиекризи, за жал, поради нерамномерното, несоодветно, себично и геополитизирано
справување со пандемијата ќе бидат уште повеќе засилени. Пандемијата го стави на тест 3светот, укажувајќи на инхерентните слабости кои досега беа забошотувани, во рамките на една држава, но, многу повеќе, и во транснационалните институции. Интересот што стои зад национализмот и неговите институции (на пример, националната држава) – достоинство на личниот идентитет – пандемијата го зацврсти. Така, транснационалните институции (ООН и нејзините агенции, ЕУ и нејзините институции, воените сојузи) и глобалните процеси, а не националните држави, ќе бидат доведени во прашање и, најверојатно, до одредена мера, ќе станат жртви на пандемијата.

Пандемијата го интензивира ривалитетот меѓу САД и Кина, ги зголеми трендовите што постоеја со години во нивната борба за економска доминација, ги интензивира дезинформациите, невистините и теориите на заговор меѓу двете држави во битка за влијанието во меѓународното јавно мислење, но и како средство за остварување на
економската доминација, и ја помести глобалната рамнотежа на моќ од Запад кон Исток. Постепено раздвојување на глобалната економија, прво, ќе ги забави економските движења и процеси, но, долгорочно, неговото влијание ќе биде значајно и ќе предизвика:

пренасочување на синџирите на снабдување, одложување, во некои земји, на
имплементацијата на 5Г-технологијата, која нема никаква врска со здравствените
предизвици туку е само технолошки напредок, како и значителните политички тензии. Тоа
значи, меѓу другото, постепен, но траен пораст на економскиот национализам и намалување на трговијата. Постои ризик дури и отворените економии да донесат економски политики во спротивност со глобализацијата, на пример, блокирање на извозот за да спречат, во случаи на идни кризи и повторно затворање на границите, појавување на недостаток и/или залихи на средства.

Во таа светлина треба да се пишуваат новите стратегии за економски развој на Македонија, но и да се анализираат договорите со нашите соседи и идните политики на ЕУ за проширување. На кои појави/институции пандемијата ковид-19 ќе влијае најмногу и кога ефектите ќе бидат видливи? Одговорот на ова прашање бара детална, сеопфатна анализа на различни сценарија, коишто зависат не само од политичкиот, правниот, економскиот и другите општествени системи во дадена земја, но и од геополитичката мапа на светот, што полека ќе се воспостави по пандемијата. Би сакал да подвлечам две работи, прво, времетраењето ќе биде многу помало – ефектите врз институциите на пандемијата ќе пристигнат побрзо, и, второ, воспоставувањето на новата (квази)рамнотежна состојба (на економските институции, но и пошироко) ќе биде проследена со многу поголеми флуктуации, шокови и екстремни настани.

МАНУ веќе започна соработка со Стопанската комора на Македонија и се очекува некои од економските предизвици да бидат адресирани токму преку оваа соработка. Тука, ќе укажам на една работа за која зборувал Адам Смит во 18 век. Смит, инаку, раководител на Катедрата за морална филозофија на Универзитетот во Глазгов, во 1776 година пишува: „Трговците и производителите ниту се ниту треба да бидат владетели на човештвото“. За жал, не само во Македонија, туку и во многу држави на планетата Земја, на клучните позиции за носење одлуки и креирање политики се наоѓаат трговци и/или производители или луѓе тесно поврзани со нив.

Предизвиците во Македонија. Според мое мислење, Македонија, во последните неколку години, постепено, а конечно во 2020 година, стана центар на регионалната дестабилизација. Тоа се случи, во голема мера, поради внатрешните политички превирања, отсуството на владеење на правото, неспособноста и ароганцијата на домашните политички елити, изразената корупција, криминалот и алчноста, но делумно и поради сличните појави и однесувања од дел од ЕУ-државите. Резултатите од дестабилизацијата се веќе видливи во Македонија катадневно, на пример, благо речено, во дивеењата што се случуваат во повеќе институции и на повеќе нивоа. Тие што не го гледаат тоа, всушност, не сакаат да го видат од ним (не)познати интереси.

Во доминантниот дипломатски дискурс на нашите политичари, стабилноста и просперитетот на Македонија се разгледуваат во контекст на два интеграциски процеса: членството во НАТО и во ЕУ. Притоа, за жал, доминантен е стереотипот дека овие процеси ја стабилизираат и ја мотивираат демократската, економската, општествената и
безбедносната трансформација на Македонија. Од друга страна, во текот на последните децении, регионот, вклучувајќи ги државите што веќе се во ЕУ, и покрај политиката на проширување, постигна мал, речиси незначителен напредок во клучните области на ЕУ.

Можеби неколку децении се мал период, но впечатокот на многумина, вклучувајќи ме и мене, е дека бродот наречен Македонија полека но сигурно тоне. Ако во процесот на интеграција во ЕУ, Македонија се соочува со барања и/или реформи кои не ги исполнуваат ниту многу други ЕУ-држави, ако некои напредни демократии го загубија кредибилитетот да кажуваат што се демократски вредности, кога и самите не ги почитуваат, ако Македонија се соочува, благо кажано, со бесмислени и апсурдни уцени, што ни останува нам?

Свет

Орбан предупредува: Катастрофални последици од денешното гласање во Брисел

„Гласањето за руските средства ќе предизвика непоправлива штета“, тврди унгарскиот премиер Виктор Орбан, на најавата за денешното гласање во Брисел, кое се очекува да го реши прашањето за долгорочно замрзнување на средствата на Руската централна банка. Според Орбан, пладневното писмено гласање е директен удар врз правниот поредок на Европската Унија.

Орбан предупреди: „Денеска Брисел го преминува Рубикон.“

Тој истакнува дека прашањето за замрзнатите руски средства досега бараше едногласна одлука од земјите-членки на секои шест месеци. Но, со денешната постапка, Брисел наводно „со еден потег на пенкалото“ го укинува условот за едногласност, што унгарскиот лидер го нарекува „очигледно нелегално“.

Според Орбан, ова е крајот на владеењето на правото во Европската Унија, бидејќи европските лидери се ставаат „над правилата“.

„Наместо да обезбеди почитување на договорите на ЕУ, Европската комисија систематски го крши европското право. Сето ова се случува во сред бел ден, помалку од една недела пред состанокот на Европскиот совет.“ – Виктор Орбан

Унгарскиот премиер остро ја критикува целта на потегот – продолжување на војната во Украина, „војна во која очигледно не може да се победи“.

Најшокантното обвинение е дека овој чин го заменува владеењето на правото со „владеење на бирократите“.

„Воспоставена е диктатура во Брисел,“ рече Орбан, најавувајќи дека Унгарија протестира и ќе стори сè што е во нејзина моќ за да го врати правниот поредок.

Овој контроверзен потег е овозможен со предлогот на Европската комисија да се користи Член 122 од Договорот за ЕУ. Оваа одредба им дава на владите на ЕУ можност да усвојат итни мерки со квалификувано мнозинство за справување со тешка економска состојба.

Со замрзнувањето на руските средства на неопределено време, се елиминира ризикот за планот за нивно користење за финансирање на Украина. Ова е критично бидејќи Унгарија и Словачка веќе нема да имаат право на вето да го блокираат продолжувањето на замрзнувањето на секои шест месеци, како што тоа го правеа досега.

Continue Reading

Балкан

Грчките земјоделци протестираат во Солун – граничните премини кон Македонија засега отворени

traktor

Земјоделските протести во Грција денес го достигнуваат својот врв и најдраматичен чин – со голем протестен собир закажан на пристаништето во Солун.

Стотици трактори, автобуси и моќна земјоделска механизација од претходно поставените пунктови веќе се движат кон главниот град на Егејска Македонија. Организаторите најавуваат „симболична опсада“ на пристаништето, планирајќи да го блокираат на неколку часа, испраќајќи јасна и гласна порака до Владата во Атина.

И покрај тензијата, според последните информации, граничните премини Евзони и Ники кон Македонија засега ќе останат отворени. Сепак, неизвесноста виси во воздухот: по завршувањето на собирот, на состанокот на земјоделците ќе се „крши копјето“ за тоа дали подоцна во текот на денот повторно ќе се активираат блокади на границите.

Додека Солун се подготвува за протестниот спектакл, блокадите продолжуваат низ цела Грција. Најголемиот удар е зададен во централниот дел на земјата: Автопатот Солун–Атина е целосно затворен кај Никеа, во близина на Лариса. Оваа клучна сообраќајница е парализирана, а возилата се пренасочуваат по алтернативни, мачни правци.

Земјоделскиот гнев, кој ескалираше на 30 ноември, е директна реакција на алармантно зголемените производствени трошоци, мизерните откупни цени и нерешените проблеми со европските земјоделски субвенции. Нивното ултимативно барање е јасно: итна исплата на сите заостанати субвенции.

Владата, од своја страна, соопшти дека е отворена за дијалог и повика да се формира делегација која ќе биде примена на средба на високо ниво.

Комитетот за национална координација на протестите најави нов, клучен состанок за сабота, на кој ќе се дефинираат следните, радикални чекори.

Continue Reading

Свет

„Војната не е далеку“ – ново силно предупредување од Лондон

Британските воени и разузнавачки власти предупредија дека Европа мора да биде подготвена за сериозна безбедносна криза, откако министрите и воените началници истакнаа дека заканите драматично се зголемуваат.

На отворањето на новата Британска воена разузнавачка служба (МИС) во базата на Кралските воздухопловни сили Вајтон, министерот за одбрана Ал Карнс изјави дека „сенката на војната тропа на вратата на Европа“. Тој нагласи дека НАТО сојузниците мора да бидат подготвени да реагираат, бидејќи континентот веќе не се соочува со „војни по избор“, туку со „војни од нужда“, како што ја опиша руската инвазија врз Украина.

Началникот на Одбранбената разузнавачка служба, Адријан Берд, откри дека непријателската разузнавачка активност насочена против британскиот воен персонал и инфраструктура пораснала за повеќе од 50% во изминатата година, главно од Иран, Кина и Русија.

Новата служба МИС ќе ги обедини разузнавачките капацитети на Британската армија, Кралската морнарица и Кралските воздухопловни сили со цел побрза размена на информации — препорака од Стратешкиот одбранбен преглед. Во рамки на базата ќе функционира и новата Единица за контраразузнавање за одбрана, задолжена за спречување странски влијанија врз опремата, системите и персоналот.

Во Вајтон веќе работи и Pathfinder – најголемиот разузнавачки центар во рамките на сојузот „пет очи“. Персоналот ќе следи широк спектар податоци: од сателитски снимки и материјали собрани од беспилотни летала до информации од агенти на терен.

По критичкиот извештај на Комитетот за одбрана за подготвеноста на Велика Британија за потенцијален конфликт, Карнс увери дека реорганизацијата ќе помогне „одвраќањето да биде апсолутно безгрешно“.

Тој ја повика и британската јавност да ја сфати сериозноста на ситуацијата, бидејќи надворешните закани директно влијаат врз секојдневниот живот – од цените на храна и гориво до буџетските трошоци.

Предупредувањата доаѓаат по сличниот апел на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој во Берлин изјави дека „Русија ја врати војната во Европа“ и дека земјите мора да бидат подготвени за предизвици налик на оние што ги поминале претходните генерации.

Дополнително, високите претставници признаа дека земјата се соочува со сериозни проблеми во регрутирањето кадар за разузнавачките служби. Министерката за ветерани, Луиз Сандер-Џонс, посочи дека состојбата мора итно да се промени, бидејќи резултатите во последните години не ги исполнуваат очекувањата.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг