Connect with us

Религија

Денеска е Св.Козма и Дамјан, празник на големите господови лекари

Published

on

Свети бесребреници Козма и Дамјан се празнуваат денеска

Овие големи господови лекари имаат два празника во текот на годината. Освен што нивниот спомен се празнува на 14/1 јули, исто така се празнува и на 1/14 ноември, кога тоа се прави со домашни служби, со чекање гости и со други свечености.

Летниот празник повеќе го празнувале жените бидејќи тие повеќе се занимавале со народни лекарства, како: баеење, лекување со билки, со светена вода итн. Се верувало дека ако работат на овој ден нивните дејности нема да имаат ефект.

Зборот врач (враж) и денес во некои словенски јазици (на пр. во рускиот јазик) значи лекар. Овие господови лекари наречени се и бесребреници или безмитни затоа што бесплатно ги лекувале сиромашните болни, а среброто е поим за алчност. Среброљубец се вели за човек алчен за пари.

За двајцата браќа исцелители Кузман и Дамјан има малку податоци како за нивното раѓање така и за нивната смрт. Според една верзија родени се во провинцијата Асија во Мала Азија. Татко им бил паганин, а мајка им христијанка. Набргу татко им умрел, а мајка им Теодотија ги воспитувала во вистински христијански дух. Останувајќи верни на ветувањето што ѝ го дале на мајка си, а за да бидат што повеќе корисни, двајцата браќа го изучувале лекарскиот занает, ги научиле исцелителните својства на сите билки и се афирмирале како добри лекари. Господ ги благословил и тие секогаш лечеле повикувајќи се на божјата сила. Се откажале од овоземните богатства, лекувале бесплатно според Господовата заповед: „Болни лекувајте, лепрозни очистувајте, мртви воскреснувајте, бесови изгонувајте! Бесплатно добивте, бесплатно давајте“. (Матеј, 10, 8) Поради тоа и двајцата се наречени бесребреници.

Житието раскажува дека еднаш некоја жена по име Паладија, што долго време била болна од некоја неизлечлива болест и што за лекување потрошила големо богатство, ги повикала и овие двајца лекари. Тие со Божја помош ја излекувале и таа сакала да ги награди. Но бидејќи двајцата браќа биле заколнати да не примаат никакви дарови тоа го одбиле. Сепак, помладиот Дамјан, по многу молби и откако го заколнала во Света Тројца, зел три јајца како симбол на светото тројство. Кога за тоа разбрал постариот Кузман многу се налутил и пред селаните побарал кога ќе умрат да не ги погребуваат во ист гроб, туку Дамјан бидејќи погрешил и ја подгазил дадената заклетва да биде погребан во друг гроб. Кузман умрел порано, а кога умрел и помладиот Дајман селаните решиле дека, сепак, казната што ја одредил Кузман е престрога и дека Дамјан трите јајца не ги зел како надоместок за лекувањето туку како симбол на Светата Троица. Поради тоа, но и затоа што заедно лекувале, ги погребале во ист гроб. Подоцна над гробот била изградена црква, а од моштите на светите Врачи се случувале многу чуда и многу болни оздравеле.

Според друга верзија родени се во Рим. И во однос на нивната смрт, исто така, податоците се непрецизни, односно различни. Според едно предание умреле од своја смрт во Мала Азија во местото Ферман. Според друго предание, пак, откако биле наклеветени пред царот дека се занимаваат со маѓии, и откако го излекувале и царот по што тој станал христијанин, нивниот учител завидувајќи им на славата ги однесол во планината да берат лековити билки и ги каменувал. Ако се земе предвид дека во историјата нема податок дека некој цар го примил христијанството од овие причини, ова предание останува малку веројатно. Според трето предание загинале во Рим во 284 година при едно големо прогонување на христијаните.

Овие свети браќа, Господови исцелители освен за време на животот се прославиле и после смртта. Имено кога на некој човек при спиењето му влегла змија низ устата и кога му се заканувала сигурна смрт се спасил со тоа што во претсмртната агонија ги повикал св. Кузман и Дамјан. И така Господ и по смртта ги прославил тие што го славеле во текот на целиот свој живот.

Според некои истражувачи нивниот спомен се празнува два пати во годината, веројатно затоа што едниот од браќата умрел на 1 јули, а другиот на 1 ноември. Меѓутоа има некои истражувачи што сметаат дека се работи за две или три личности исцелители со исти имиња Кузман и Дамјан, поради што доаѓа и до мешање на нивните празници.

На иконите светите врачи Кузман и Дамјан се претставени заедно со крстови во рацете или, со кутивче со лекови и со лажиче со кое на болните бесплатно им давале од лековите.

Во народниот живот овој празник повеќе го празнуваат оние што се занимаваат со народна медицина: лекување, баење, лекување со билки итн. Тие на овој празник не работат зашто во спротивно нема да им фати лекот. Култот кон овие светци бил изразен во повеќе места на Македонија. На пр. има села што носат името на светите врачи, (Светораче, Кичевско) во селото Едуарци, во минатото се одржувал голем собир, а градот Сандански во пиринскиот дел на Македонија порано го носел името Свети Врачи.

Мала црква посветена на светите врачи Кузман и Дамјан има во скопското село Говрлево. Во црквата има и света вода, а според преданието оваа црква е изградена откако на некој човек му се сонило дека на местото каде што извира водата треба да се изгради црква. Според други преданија Јустинијан Први во 6 век на тоа место бил излекуван. До црквата има уште една чешма за која се верува дека подмладува поради што, овде луѓето доживуваат длабока старост

Религија

Свети Никола Чудотворец, архиепископ Мирликиски

Published

on

 Овој славен светител, когошто и денес го слават по сиот свет, им беше единец син на своите богати и угледни родители, Теофан и Нона, жители на градот Патара во Ликија. Бидејќи им беше син единец даруван од Бога, тие Му го посветија на Бога, принесувајќи Му така дар. Знаењето за духовниот живот Николај го стекна преку својот чичко Николај, епископот Патарски, и се замонаши во манастирот „Новиот Сион“, основан од тој негов чичко. По смртта на родителите Николај им го раздаде наследениот имот на сиромасите и ништо не задржа за себе. Додека беше свештеник во Патара тој многу се прочу со делата на својата милостина, иако ги криеше грижливо, за да го исполни зборот Господов: „Да не знае твојата лева рака што прави твојата десна рака“ (Матеј 6, 3).

Кога се предаде на самотност и на безмолвие, мислејќи така да проживее до смртта, му дојде глас одозгора: „Појди на подвиг меѓу народот, ако сакаш да бидеш од Мене овенчан.“ Веднаш потоа според чудесната Божја Промисла беше избран за епископ на градот Мир во Ликија. Милостив, мудар, бестрашен, Николај му беше вистински добар пастир на своето стадо. За време на гонењето на христијаните под Диоклецијан и Максимијан го фрлија во затвор, а тој и во затворот ги поучуваше луѓето на законот Божји.

Присуствуваше на Првиот Вселенски Собор во Никеја и од голема ревност за вистината го удри еретикот Ариј. За ова дело го отстранија од Соборот и од архијерејската служба, сè додека на неколкумина од првите архиереи на Соборот не им се јавија Самиот Господ Христос и Пресвета Богородица и не го објавија своето благоволение кон Николај. Чувар на Божествената вистина, овој чудесен Божји светител беше и одважен заштитник на правдата меѓу луѓето. На двапати спаси по тројца луѓе од незаслужена смртна казна. Милостив, вистинољубив и праведен, одеше меѓу луѓето небаре Ангел Божји.

Уште за време на животот луѓето го сметаа за светител и го повикуваа на помош во маки и неволји и им се јавуваше во сон и на јаве на тие што го повикуваа, еднакво лесно дали се блиску или далеку, и им помагаше. Од неговото лице блескаше светлина како од лицето Мојсеево, па и со самата своја појава им носеше на луѓето утеха, мир и добра волја. На старост, кратко боледуваше и се упокои во Господа, многустрадален и многуплоден, за вечно да се весели во Небесното Царство продолжувајќи да чудотвори на земјата, помагајќи им на верните и прославувајќи Го својот Бог. Се упокои на 6 декември 343 година.

Continue Reading

Религија

Денеска е Воведение на Пресвета Богородица – да се помолиме на светата Дева

Published

on

Кога Пресвета Дева Марија наполни три години од раѓањето, нејзините свети родители Јоаким и Ана ја доведоа од Назарет во Јерусалим, за да ја предадат, според своето ветување, на служба на Бога. Од Назарет до Јерусалим има три дена пат, но одеа на богоугодно дело и патот не им беше тежок. Се собраа и мнозина роднини на Јоаким и Ана за да земат учество во таа свеченост, во којашто невидливо учествуваа и Ангелите Божји.

Напред одеа девиците со запалени свеќи во рацете, потоа Пресветата Дева, водена од едната страна од Јоаким, а од другата од Ана. Беше украсена со царска благолепна облека и со украси, како што ѝ прилега на царска ќерка, на невеста Божја. Зад нив одеа многубројни роднини и пријатели, сите со запалени свеќи.

Пред храмот имаше петнаесет скалила. Родителите ја кренаа Девата на првото скалило, а таа тогаш сама брзо се искачи на врвот, каде што ја дочека првосвештеникот Захарија, таткото на свети Јован Претеча. Кога првосвештеникот ја зеде за рака, ја воведе не само во храмот туку и во Светињата на Светињите, каде што никој никогаш не влегуваше, освен архијерејот. Свети Теофилакт Охридски вели дека Захарија бил „вон себе и обземен од Бога“ кога ја воведувал Дева во најсветото место во храмот, зад втората завеса, поинаку не би можела да се објасни оваа постапка. Во онаа прилика родителите на Дева Марија според Законот, Му принесоа жртви на Бога примија благослов од свештеникот и се вратија дома, а Пресветата Дева остана при храмот. Таа пребиваше во храмот цели девет години.

Родителите ја посетуваа често додека беа живи, особено блажената Ана. А кога нејзините родители беа повикани да се претстават кај Бога, Пресветата Дева остана сираче и не сакаше до нејзина смртта да се оддалечува од храмот ниту да стапи во брак. Бидејќи тоа беше спротивно на Законот и на обичајот во Израилот, кога наврши дванаесет години му ја дадоа на Јосиф, нејзиниот роднина од Назарет, за во вид на свршеница да живее со него во девственост и привидно да го задоволи Законот.

Зашто во тоа време не се знаеше во Израилот девојките да се заветуваат на девственост до крајот на животот. Пресвета Дева Марија беше прва таква доживотно заветувана девојка и неа потоа ја следеа незнајно мнозинство девственици и девственички.

Continue Reading

Религија

Денеска се празнува Свети Јован Златоуст – Прославен заради мудроста, подвигот, и словото

Published

on

Патријарх Цариградски. Роден е во Антиохија, во 354 година, од татко Секунд, војвода, и мајка Антуса. Изучувајќи ја грчката философија, Јован се згнаси од грчкото незнабоштво и ја усвои христијанската вера како единствена и целосна вистина. Крштение прими од Мелетиј, патријархот Антиохиски, а потоа примија Крштение и неговите родители. По смртта на родителите се замонаши и почна строго да се подвизува. Тогаш ја напиша книгата „За свештенството“ и тогаш му се јавија светите апостоли Петар и Јован и му прорекоа голема служба, голема благодат, но и големо страдање.

Кога требаше да биде посветен за свештеник, се јави ангел Божји: истовремено и на патријархот Флавијан (после Мелетиј) и на самиот Јован. А кога патријархот го ракополагаше, сите видоа светол бел гулаб над Јовановата глава. Прославен заради мудроста, подвигот, и словото со голема власт, беше избран по желба на царот Аркадиј за патријарх Цариградски. Шест години управуваше со Црквата како патријарх со неспоредлива мудрост и ревност. Испрати незнабожечки мисионери кај Келтите и кај Скитите, ја сотре симонијата во Црквата симнувајќи мнозина епископи-симонисти; ја рашири милосрдната дејност на Црквата; напиша посебен чин на светата Литургија; ги посрами еретиците; ја изобличи царицата Евдоксија; Светото Писмо го протолкува со својот златен ум и јазик, на Црквата ѝ остави многу скапоцени книги со неговите беседи

. Народот го прослави, завидливците го замразија, царицата двапати го испрати во прогонство. Во прогонство помина три години и се упокои на Крстовден, 14 септември, 407 година, во местото Коман во Ерменија. Пред смртта, повторно му се јавија апостолите Јован и Петар, а и светиот маченик Василиск (се слави на 22 мај), во чијашто црква ја прими светата Причест. „Слава Му на Бога за сè!“, беа неговите последни зборови и со тие зборови душата на златоустиот патријарх замина во Рајот. Од моштите на свети Јован Златоуст главата почива во манастирот Ватопед на Света Гора, а телото во Цариград.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2021 Булевар.мк