Connect with us

Инфо +

Османи: Илинден е важен ден за Бугарија

Published

on

Денес е втори август – Илинден!; важен ден во историски контекст за нашата земја; важен празник преку кој го негуваме значењето на вредностите на Крушевскиот манифест и Асномските заклучоци, кои заедно со Охридскиот рамковен договор ги вреднуваме како столбови во изградбата на нашата заедничка држава, вели во своето обраќање по повод Илинден, министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

Во современиот контекст, ова е празник кој создава мостови и за внатрешно и надворешно поврзување. Ние сме растени со идејата дека Илинден преставува паметник на заедништвото на народите кои живееле на овие простори; затоа денес со право очекуваме Илинден да прерасне во современик преку кој ќе ги одбележуваме заедничките историски вредности.

А денес сме исправени пред поинакви предизвици. Нашите стратешки интереси, уште од самото осамостојување на државата, се преточени во нашата амбиција за полноправно членство во Северноатлантската алијанса и Европската Унија. Успехот да станеме 30та земја членка на НАТО само ја потврдува нашата правилна патека да градиме заедништво и интеграција, следејќи ги вредностите кои ги симболизира и денешниот празник.

Онака како што преку Охридскиот рамковен договор ја зацврстивме внатрешната интеграција, онака како што преку договорот од Преспа ги надминавме разликите со нашиот сосед Грција, така и преку имплементација на Договорот за пријателство ќе ги надминеме и разликите со нашиот сосед Бугарија.

Илинден е важен ден и за нашите соседи во Република Бугарија. За жал во минатото, а неретко и во сегашноста, тоа најчесто преставувало причина за раздор и несогласување, наместо да биде точка која ќе спојува и обединува. Во денешниот современ контекст, наша обврска е од Илинден да направиме токму тоа – точка која ќе нѐ поврзе, празник кој ќе не обедини; историски настан преку чие заедничко одбележување ќе покажеме меѓусебна почит и меѓусебно признание.

А изразувајќи почит кон различноста, кон различниот поглед на историските текови, денес преземаме обврска да создадеме современи општествени текови кои ќе овозможат заедничка иднина за граѓаните на двете држави. Преку засилена секторска соработка им овозможуваме на граѓаните, на бизнисите, на уметниците и сите останати општествени чинители да ги надградуваат меѓусебните релации без разлика на политичките разлики. Паралелно, преку работата на мешовитата експертска комисија ќе продолжиме да ги бараме точките кои нѐ поврзуваат, отстранувајќи ги разликите кои не оддалечуваат.

И не само како предизвик за билатералниот односи со Бугарија, туку како земја во која индивидуалните права претставуваат основа за колективните придобивки, ние изразуваме јасна волја – во општествена, законска, па дури и во уставна смисла – да им обезбедиме на сите оние граѓани на Македонија, кои себеси се чувствуваат како дел од бугарскиот народ, слободно да ја изразат таа волја, почитувајќи го притоа и нивниот различен поглед кон заедничката историја.

Но тоа на ниту еден начин не смее и не може да прерасне во наметнување на овој поглед врз нашите граѓани кои имаат различна перспектива кон заедничката историја. Посебноста на македонскиот народ и македонскиот јазик претставуваат реалност во секоја смисла; а Македонците, како и сите други народи, имаат право на сопствени чувства, на сопствени убедувања и сопствен поглед кон историските настани и контексти – колку и да се тие заеднички.

Затоа е Илинден важен и денес. Затоа што преку одбележување на историските настани кои нѐ поврзуваат, изразуваме почит кон современите посебности.

Нека ни е честит празникот!, вели на крајот Османи.

Македонија

На празник си заминуваат праведните: По долго боледување, почина таткото на Тоше Проески

Published

on

Почина Никола Проески, татко на легендарниот музичар Тоше, а веста за неговото заминување денес на социјалните мрежи ја објави Дора, неговата ќерка.

–Светол патот, татко мој! – напиша таа на социјалните мрежи. 

Continue Reading

Македонија

Ќе ве расплаче! Објавена “Кажу да време лечи све” – гласот на нашиот ангел изваден со посебна технологија (ВИДЕО)

Published

on

„Кажу да време, време лечи све, ал шта ми врeди вечност без тебе”… се стиховите од рефренот на последната отпеана песна, која се чинеше никогаш нема да го здогледа светлото на денот.

Имено, со помош на новата АИ технологија е изваден вокалот и пијаното за од демо да се направи студиска снимка, која денес доживеа свое издание.

Песната е оставена како аманет на еден од ретките вистински пријатели кој што Тоше ги имаше во неговиот живот- нашиот познат радио водител, диџеј и продуцент Кирил Зарлинов попознат како Ерик Фокс, кој одлучи оваа демо снимка комплетно аранжмански да ја заврши и да ја даде како подарок од Тоше за сите негови обожаватели по повод неговиот роденден, се со цел неговиот лик и дело никогаш да не бидат заборавени.

Автор на музиката и текстот е Зоран Ѓорѓевиќ, а аражманот и продукцијата се на Кирил Зарлинов (диџеј Ерик Фокс).

Миксот и мастерингот се на нашиот познат микс инженер, кој долги години живее и работи во САД Костадин Камчев – „Студио Моцарт“ од Њу Џерси, кој има три номинации на музичките ГРЕМИ награди за најдобар микс инженер.

https://youtu.be/mpizP1g2dBo

Continue Reading

Македонија

Денеска ќе наполнеше 43 години: На денешен ден е роден Тоше Проески

Published

on

Во Прилеп на денешен ден е роден Тоше Проески.

Музичката кариера ја започна со настапот на „Мелфест“ во 1997 година. Патот кон ѕвездите му го отворија песните „Усни на усни“, „Сонце во твоите руси коси“, „Пушти ме“ (1997) и „Остани до крај“ (1998). Тој беше претставник на Република Македонија за песна на Евровизија во 2004 година во Истанбул, Турција, и го освои 14-то место со песната „Ангел си ти (Life)“.

Во 2004 година, Проески беше именуван за регионален Амбасадор на добра волја на УНИЦЕФ. По тој повод ја издаде песната „За овој свет“. Со песната „Чија си“ во 2003 година Тоше победи на белградскиот музички фестивал „Беовизија“ со што дефинитивно прерасна во најголема регионална музичка ѕвезда на некогашните ЈУ простори.

Тој ги објави албумите „Синот Божји“ (2000), „Некаде во ноќта“ (2001), „Ако ме погледнеш в очи“ (2003), „Ако ме погледаш у очи“ – верзија на српски јазик (2003) „Ден за нас“ (2004), „Дан за нас“ – верзија на српски јазик (2004) „По тебе“ (2005), „Пратим те“ – верзија на српски јазик (2005) „Божилак“ (2006), „Игри без граници“ (2007) и „Игре без границе“ – хрватска верзија (2007).

Сингловите од албумот „По тебе“ по неколку месеци се наоѓаа на највисоките места на музичките топ-листи во Хрватска, Македонија, Србија, Црна Гора, Словенија и Босна и Херцеговина.

Неговото издание „Божилак“ е компилација од преработки на 14 избрани традиционални македонски песни. Објавени се и ДВД-изданија на негови концерти во 2004 и 2006 година.

Речиси секоја негова песна беше хит како што се: „Усни на усни“, „Соба за тага“, „Ако ме погледнеш в очи“, „Тајно моја“, „Немаш ни благодарам“, „Срце није камен“, „Кој ли ти гризе образи“.

Тоше ги привршуваше студиите на Музичката академија во Скопје и работеше на музичката кариера за своја промоција во светски рамки.

Последниот концерт во Македонија го одржа на 5 октомври на Градскиот стадион ( Арената Филип Втори) во Скопје. Концертот беше хуманитарен и наменет за обнова на основните училишта во земјава.

Постхумно државата Република Македонија го прогласи за заслужен граѓанин.

Тоше Проески загина на 16 октомври 2007 година во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка во Хрватска. Владата на Република Македонија во негова чест во неговото родно Крушево изгради мавзолеј – Спомен куќата на Тоше, каде низ музејска поставка од восочни фигури со неговиот лик во природна големина, лични предмети, музички инструменти, фотографии, видеа, сувенири… е прикажан целиот негов живот и музичкиот опус во кусата, но пребогата кариера

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2021 Булевар.мк